Сѐ почна со едно интервју, а заврши со пресврт што засекогаш ми го смени животот

Рано откривање на канцерот на дојка спасува животи - не е празна фраза. Тоа е болна вистина, кај нас премногу често задушена во молк, доцнења и немарност.
Затоа повторно ја раскажувам својата приказна.
Не за сожалување.
Туку за будење. За поттик. За охрабрување. За аларм!
Имав само 26 години. Работев во гостиварско радио – млада, полна со енергија и љубопитност. Тој ден, во студиото ми гостуваше гинеколог, Гордана Миркоска. Зборувавме за важноста на редовните прегледи и самопрегледот на дојките. Ја водев емисијата, но внимателно го слушав секој збор. Не како новинарка – туку како жена. Истата вечер, под туш, инстинктивно го направив самопрегледот. И почувствував грутка. Следното утро веќе бев во Скопје, во Клиничкиот центар. Додека траеше прегледот, докторката со студен, отсечен глас ми рече:
„Имаш тумор.“
Без вовед. Без емоција. Како да зборуваше за временска прогноза.
Едвај изустив:
„Ќе можам ли да имам деца?“
„Можеш.“
„А ќе живеам за да ги имам?“
„Ќе видиме по биопсијата.“
Тоа беше сè. Освен информација за големината на туморот, не добив ни објаснување, ни поддршка, ни надеж. Деновите што следуваа беа долги, сиви, задушувачки. Биопсијата покажа дека е бенигно. Олеснување – но не и крај. Отидов во Белград, на ВМА.
„Вие сте пупка што мора да цвета. Ова мора да се отстрани“-ме советуваа.
Се вратив со нова надеж. Закажав преглед кај д-р Крцковски, голем стручњак и прекрасна личност Вечна слава докторе! Неговиот став беше поинаков: „Нема потреба да го вадиме туморот. Прво мораш да родиш, па ќе видиме.“
На секоја контрола ми велеше, навидум шеговито: „Новинарче, уште ли не си го нашла човекот на животот?“ А животот ме научи, прво мораш да се најдеш себеси. Потоа ќе дојде и сè друго. И дојде. На втората средба со човекот кој денес ми е сопруг, му кажав сè: за туморот, за операциите, за стравовите, за патот што ќе треба да го изоди мојот партнер. Тој стана татко на моето дете. И мојот сојузник во борбата. Првата операција ја направив една година откако станав мајка.
Следуваа уште две операции и нови биопсии. Сè беше бенигно. Освен стравот кој беше реален. И сè уште е. Следната контрола ме чека во декември, кај д-р Маја Стојчевска Чапова. Кога ќе ме пречека со насмевка, неизвесноста исчезнува. Убавиот збор и вербата во неа е пола терапија.
Ова не е само моја приказна. Ова може да биде приказна на било која од нас.
Затоа не сакам да молчам, особено не овој октомври, кога повторно сè ќе блеска во розово. Кампањи, хаштази, панделки, спотови –за да се подигне свеста.
Вистината е: жените не заболуваат од рак само во октомври. Се борат секој ден, секоја недела, секоја година. И најстрашното не е секогаш болеста – туку системот што ги остава сами, исплашени, исцрпени, незаштитени.
Живееме во држава каде што жените сега не се плашат само од дијагноза – туку и од содржината на кесите за хемотерапија. Живееме во систем каде лековите доцнат со недели, заробени во тендери и бирократија. Болните од рак не се само пациенти, туку детективи, адвокати, борци. Се борат паралелно – со болеста и со институциите.
И кога е ваква состојбата, што ни преостанува?
Тишината? Не!
Затоа, гласно ќе кажам - се лутам на сите жени што не одат на преглед.Не затоа што ги осудувам.Туку затоа што ги сакам. Затоа што знам што значи да откриеш навреме. Знам што значи да го чуеш зборот „тумор“ и да си жива само затоа што не си чекала. Секогаш кога ќе ги слушнам изговорите „„немам време“, „страв ми е “,„ ништо не ми е“- ми се стемнува. Тоа „немам ништо“ – може да стане „предоцна“. Самопрегледот трае една минута. Само една минута која може да ти го спаси животот. Вашето тело ви зборува, само слушајте го. А потоа, без разлика дали сте забележале грутка или не, закажете термин за преглед.
Денес имам повеќе години и повеќе искуство. Имам нова сила.Затоа зборувам. За сите жени што немаат време за преглед. Што се плашат. Кои допрва ќе напипаат нешто.
Има живот после стравот – но прво мораш да се избориш за него.
Ние не сме недопирливи. Болеста нема распоред. Не прашува дали си млада, успешна, мајка или ќерка, ниту колку години имаш. Напипај. Провери. Не чекај.
И овој розов октомври, некои жени ќе го споделат искуството со борбата со канцер на дојка.
Тоа нека биде будење, поттик, аларм за сите!
Да ги поддржиме, секоја на свој начин, не со сожалување, туку со гласност, со дела, со притисок. Да не се задоволуваме со розови кампањи еднаш годишно. Да бараме континуирана грижа, достапна терапија, функционален систем. Достоинствено лекување!
Соња Алексоска Неделковска