„Сепак не сме патлиџан туристи“: Македонските граѓани имаат софистицирани барања за летни одмори, еве какви

Добивај вести на Viber

Иако често се мисли дека туристите бараат само „најефтино“, искуството на туристичките агенции кажува поинаку. 

Вредноста на парите е она што најмногу се цени – и не се мери само во цена, туку во квалитетот на целокупното искуство.

Туристичкиот експерт Кристина Николова вели дека туристите денес не бараат само ниска цена, туку целосна „вредност за парите“ — искуство што го оправдува секој потрошен денар.

„На врвот се факторите како локација – особено близина до плажа и поврзаност со локални атракции, потоа квалитет на сместување – чисти соби, базени, спа, анимација – и, секако, автентични локални искуства: гастрономија, тури, активности,“ објаснува Николова.


Кристина Николова, приватна архива 

Податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во мај 2025 година, од вкупните 130 739 туристи, 29 300 (22,4%) биле домашни. Тоа е во спротивен правец од јануари, кога од 49 870 туристи домашните сочинувале 36,8%.


„Сезоната оди кон експанзија на странскиот туризам, но домашниот мора да се поттикнува преку побогати и персонализирани понуди. Понудите даваат доверба и флексибилност – што значи: опции за бесплатна или евтина промена на резервација, поддршка 24/7 и локални атракции вклучени во пакетот,“ додава Николова.


Иако македонските планини и езера се сѐ попопуларни, Николова вели дека морето останува генералниот фаворит: „За нашите туристи, лето без морски бран е незамисливо — нивниот сон е солен воздух, звукот на брановите и мирисот на плажа.“

„Можеби е до колективната меморија, можеби до Instagram, или пак само до фактот дека за македонскиот менталитет, лето без море е како пинџур без сирење. Едноставно не оди! Така што, од мојата 15-годишна перспектива во туризмот, можам со сигурност да кажам: ова лето морето е нашиот апсолутен победник“, вели Николова. 

Според ДЗС има пад на уделот на домашните патници во мај. Според експертите за туризам тоа укажува на потреба од ревитализација преку маркетинг и нови услуги – особено кога летните месеци се секогаш најсилни.

Клучно за туристички агенции: вредноста не е само во цената, туку во целосното доживување — и, во 2025, тоа е морско лето на вистинскиот начин.

Фото: Freepik

М.С.К