Што се случува со храната за сиромашни? Некогаш се сметаше за виновник за разни болести, денеска се враќа на голема врата во нашите чинии

Во последно време, маста повторно се појавува на трпезите – не поради нужда, туку од почит кон вкусот и традицијата.
Од панаѓури до модерни ресторани, таа станува симбол на враќање кон корените. Но, дали станува збор само за носталгија или маста навистина има место во современата исхрана?
Мастa се добива со топење на масно ткиво, најчесто свинско, но и од патка или гуска. Таа содржи претежно заситени и мононезаситени масти, како и мали количини витамини А и Д. Често се обогатува со кромид или зачини, што и дава интензивен вкус и мирис.
Иако со години заситените масти беа сметани за непожелни, новите истражувања покажуваат дека умерената употреба, во рамнотежа со другите намирници, може да биде дел од здрава исхрана.
Маста има висока отпорност на топлина, што ја прави погодна за пржење и готвење, но за разлика од маслиновото масло нема полифеноли и други корисни соединенија.
Физички активните лица можат да ја користат како извор на енергија, но таа не е погодна за луѓе со висок холестерол или заболувања на црниот дроб. Се препорачува домашна маст без додатоци и конзерванси.
Враќањето на маста во кујните го потврдува растечкиот интерес за природни производи и традиционална кујна. Таа може да има свое место и денес — ако се користи умерено и свесно.
Извор / Freepik