Целосно опремена куќа за 2.900 евра по квадрат: Сè готово за 6 месеци — Германците осмислија иновативен систем

Добивај вести на Viber

Целосно монтажните модули пристигнуваат на местото на градба со сите електрични и санитарни приклучоци, подови, внатрешни ѕидови и кујна… но, секако, цената не е баш мала.

Не верувате во монтажни куќи од дрво? Сепак сакате куќа од тула, но не сакате да чекате цела година и да се занимавате со организирање мајстори?

Меѓу бројните изложувачи на монтажни и модуларни куќи на саемот BAU 2025 во Минхен, посетителите имаа можност да се запознаат со еден иновативен систем кој го нуди германска компанија специјализирана за производство и изградба на скалабилни модуларни објекти од материјал кој ретко се користи за брза градба – тула.

LEGO принцип и брза монтажа

Компанијата WMM Modulbau произведува модули кои се составуваат во фабрика и потоа се транспортираат со камион, а за само шест месеци можете да добиете куќа по системот „клуч на рака“ по цена од 2.900 евра по м².

Модулите пристигнуваат целосно подготвени – со сите инсталации, подови, ѕидови, поставен паркет, плочки и кујна. Се склопуваат едноставно, по принципот на LEGO коцки. Сите модули се изработени според стандардот EnEv 40 и имаат QNG сертификат.

Главните предности се мала потрошувачка на енергија, цврста конструкција, пријатна внатрешна температура во текот на целата година и многу подобра звучна изолација во споредба со дрвените модули. Надворешните ѕидови од тула имаат дебелина од 42,5 см, а внатрешните 17,5 см.


Помалку мајстори, помалку време

Брзото време на изградба е овозможено со фабричката префабрикација – готовите модули се доставуваат на претходно подготвени темели (кои не се вклучени во цената). Овој систем ги минимизира логистичките предизвици и нема потреба од складирање материјали или бројна работна сила на градилиштето.

„Во случај на поплава, овие објекти многу полесно се реновираат отколку куќи од дрвена конструкција“, велат од компанијата која од 2020 година има произведено над 2.000 модули.

Показен стан од 50 m²

На штандот на WMM Modulbau во Минхен беше претставен двоен модул со вкупна површина од 50 квадратни метри и тежина од 66 тони. Купувачите можат самите да ја изберат конфигурацијата според своите потреби.

Куќата доаѓа со комплетно опремена кујна и вградена техника. Мал ходник води до пространо купатило и спална соба, а стаклената туш кабина со дебелина од 10 мм е вклучена во цената.

Цврста градба, брза испорака

Иако градбата со тули е вообичаена во Германија, модуларната градба со тула е реткост. Сепак, оваа компанија успеала да најде начин како да им излезе во пресрет на купувачите кои сакаат цврст објект, но без долгогодишна градба.

Резултатот е комбинација на традиционална цврстина и современа брзина – куќа која може да биде подготвена за вселување за само половина година.

Извор / Фото: WMM AG/youtube