Со едицијата „Големи зборови за мали уши“ тешките зборови стануваат лесни приказни
Во чест на Светскиот ден на детето (20 ноември), во присуство на многу дечиња и нивните родители, вчеравечер во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана едицијата „Големи зборови за мали уши“ од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Целта на едицијата „Големи зборови за мали уши“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е да им ги доближи големите, „страшни“ и навидум неразбирливи зборови на децата. Понекогаш малите уши не ги разбираат големите зборови на возрасните. Со оваа едиција учиме големи зборови преку мали приказни од секојдневието и ги подготвуваме децата за светот што ги чека!

Едицијата содржи седум сликовници: „Градоначалник“ од Илина Мангова (ил. Александар Сотировски), „Идентитет“ од Калина Малеска (ил. Рената Јосифовска), „Непотизам“ од Иван Дричко (ил. Здравко Гиров), „Предрасуди“ од Владимир Мартиновски (ил. Јована Ристоска), „Традиција“ од Елизабета Баковска (ил. Александра Филипоска), „Дипломатија“ од Горица Атанасова-Ѓоревска (ил. Здравко Гиров) и „Екологија“ од Фросина Пармаковска (ил. Александар Сотировски).
Промоторката на едицијата, уредничката Оливера Ќорвезироска, истакна дека проектот почнал минатата година, со објавувањето на „Градоначалник“ од Илина Мангова, која по професија е политиколог.

„За мене ова беше голем предизвик, бидејќи работам на политички теми, што е комплицирано и неинтересно за деца од претшколска возраст. Сакав да им доловам демократски процес кој ќе им биде разбирлив и интересен. Најсоодветно ми се виде да зборувам за изборите за градоначалник – нешто што децата можат да го разберат, затоа што имаат претстава за својата околина. Така создадов приказна која им беше интересна, а подоцна сфатив дека имам материјал за сликовница“, рече Мангова.

„Сакав да ја доближам оваа уникатна и благородна професија до најмладите. Како мајка на две деца, често гледам колку природен интерес имаат кон оваа тема преку прашања и игри. Сакав да создадам топла и поучна приказна што ќе им ја покаже суштината на дипломатијата – поврзување, разбирање и градење мостови меѓу луѓето и државите. Едицијата ‘Големи зборови за мали уши’ веднаш ми се поклопи со оваа идеја“.

„Долго работев како новинар во политичка рубрика. Тој јазик е натоварен со многу тешки зборови. Често се прашував дали моите деца би разбрале нешто од тоа што го пишувам. Кога Оливера Ќорвезироска ме покани да напишам текст за оваа едиција, решив храбро да се впуштам во предизвикот. Излезе дека не сум погрешил – приказните за деца се многу подобар начин да се објаснат тешките зборчиња. Верувам дека оваа библиотека ќе помогне да се демистифицира лажливиот свет на возрасните и да се преточи во едноставни, разбирливи епизоди“.

„Темата изгледаше тешка, но и многу важна. Сакав приказната да содржи повеќе ликови со различни особини и еден настан кој ќе предизвика разновидни реакции. Во приказната може најдобро да се види значењето на поимот – многу подобро отколку во дефиниција“.

„Верувам дека многу македонски семејства ќе се препознаат во традициите – правење јуфки, прв училиштен ден, китење елка… Се обидов содржината и тонот да бидат блиски до разговорите што ги водиме дома. Ако човек пишува за деца, треба да биде блиску до нив. Приказните ја имаат таа способност да се воврат во мислите, да останат таму и на многу понепосреден, но на помоќен и поефикасен начин да ја формираат детската мисла“.

Фросина Пармаковска, авторка на „Екологија“, вели дека од сите „големи“ зборови ова ѝ било најинтересно и најпредизвикувачко:
„Ова е мое прво дело за деца. Приказната е функционална и за деца и за возрасни. Се фокусирав на пораката – дека треба да бидеме одговорни за себе и за околината. Тоа е порака што ние возрасните треба почесто да си ја повторуваме. Хигиената е наша обврска“.
Книгите од едицијата се достапни во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава