Ликискиот пат во Туркије прогласен за „Најубава планинарска патека во светот“

Добивај вести на Viber

Британскиот магазин „Time Out“ го прогласи Ликискиот пат во Туркије за „Најубава планинарска патека во светот“. Оваа светска туристичка листа во изборот се раководела од богатото историско наследство, природните убавини и уникатните места на оваа рута, која е долга 500 километри и се протега меѓу Фетје и Анталија долж турската ривиера. Полн со антички ликиски населби и археолошки локалитети, како што се Ксантос-Летоон кој е под заштита на УНЕСКО, Олимпос, Патара и Мира, Ликискиот пат е најпознатата патека на Средоземниот брег, а токму овој период од годината се препорачува да се истражува пеш. Патниците имаат можност за посета и на две традиционални планински села, Узумлу и Безирган, или, пак, да се качуваат по карпи во местото кое се наоѓа на крајната точка, Гејикбајрие.

Втората долга трекинг рута во земјата е Патот на апостолот Свети Павле, која ги следи патиштата по кои патувал Свети Павле за време на своите мисионерски походи. Има две гранки, првата почнува во Перге, а втората во Националниот парк Кањонот Копрјулу, кои се спојуваат кај античкиот град Адада и завршуваат во градот Јалвач, кој е дел од Cittaslow мрежата - градови чија цел е да се подобри квалитетот на живеење со побавно темпо на живот.

Во Егејскиот регион, пак, се наоѓа Каријскиот пат, најдолгата пешачка патека во Туркије. Распространета на 850 километри, следејќи ги стапките на античките Каријци, таа е поделена на четири дела. Ги опфаќа Бозбурун, познат по изработката на гулети - традиционални турски дрвени едрилици, Датча, во која се наоѓа античкиот град Книдос, градот Акакија, кој влегува во Cittaslow-мрежата, како и внатрешна Карија, каде се наоѓаат античките градови Миласа и Алинда.

Една од најновите рути во регионот на Измир е патеката Ефелер, која Green Destinations ја прогласи за една од „Топ 100 светски приказни“, а поврзува 27 главни рути и една алтернативна патека. Движејќи се по неа посетителите поминуваат низ селата Бирги и Ширинџе, кои се вброени меѓу најдобрите туристички села од ООН, и така можат да ја запознаат културата на славните водачи на турските борци, познати како Ефе. Туристите можат да почнат уште една авантура - да го обезбедат Пасошот на патеката Ефелер и на него да собираат уникатни печати од секое посетено село, а ако добијат од сите, можат да конкурираат за златниот печат.

Фригијскиот пат кој се наоѓа во внатрешноста на Егејот е уште една рута која треба да се посети. Ги следи стапките на античките Фригијци, а се протега низ Афјонкарахисар, Кутахја, Ескишехир и Анкара. Долините во тој предел изобилуваат со антички остатоци, како што се отворените храмови посветени на божицата Мајка-Кибела во Кутахја, фригијската престолнина Гордион во Анкара која е под заштита на УНЕСКО, тврдината Андаваз која се наоѓа во селото Ајазини во Афјонкарахисар, како и со карпести живеалишта и гробници. Патеката е долга околу 500 километри, и од каде и да се тргне, се стигнува до Споменикот на Мида во Ескишехир, религиозно седиште на Фригијците.

ПР објава