Современ систем за управување со отпад: Што се менува во Источниот и Североисточниот регион
Проектот СЕНЕ3 – „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“ на Република Северна Македонија има за цел да помогне во воспоставување интегриран и одржлив регионален систем за управување со отпад. Финансиран од Европската Унија преку ИПА II програмата, проектот обезбедува поддршка за општините, јавните комунални претпријатија и регионалните центри за управување со отпад преку јакнење на капацитетите, техничката помош и активностите за подигање на јавната свест. Тој промовира ефикасно собирање на отпад, рециклирање и намалување на количествата отпад, придонесувајќи за почисти региони, подобри јавни услуги и посилна заштита на животната средина, во согласност со стандардите на Европската Унија.
Почист и поорганизиран систем за управување со отпад конечно пристигнува во Источниот и Североисточниот регион. Благодарение на проектот СЕНЕ3, поддржан од Европската Унија, начинот на кој се собира и третира отпадот е целосно редизајниран за да одговара на модерните европски стандарди.
Со години, многу градови и села се потпираа на нестандардни депонии и неефикасно собирање на отпад. Новиот систем тоа го менува. Тој воспоставува координирана мрежа во која отпадот ќе се сортира, транспортира и преработува на соодветен начин, наместо да завршува во природата.
Еве како ќе функционира тоа во секојдневието:
Секоја општина ќе добие јасно обележани садови за селекција на отпадот. Хартијата, стаклото, пластиката и металот се предвидени за сад за рециклабилен отпад, додека преостанатиот
отпад – како остатоци од храна– ќе се собира во друг сад.
Домаќинствата ќе имаат активна улога во заштитата на животната средина преку домашно компостирање – претворајќи го органскиот отпад во вредно, хранливо ѓубриво за позелена иднина.
Ќе бидат креирани собирни места за електричен и електронски отпад, отпад од градежни активности и опасен комунален отпад, кои ќе го поддржуваат новиот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. Редовните рути за собирање ќе обезбедат навремено подигање и транспортирање на отпадот до соодветните локации.
Откога отпадот ќе биде собран од вашето населено место, најпрво ќе биде пренесен во претоварни станици – современи локални постројки каде што помали камиони ќе го истоварат отпадот, кој потоа ќе се пресува и подготви за транспорт кон централната инсталација со поголеми камиони. Ова го прави процесот побрз, почист и поефикасен, особено за помалите и рурални општини.
Од претоварните станици, отпадот ќе продолжи кон Регионалниот центар за управување со отпад во близина на Свети Николе, каде што ќе се применува современа технологија.
Во постројката за сортирање на отпад ќе се издвојуваат рециклабилните материјали од садовите за рециклабилен отпад, додека преостанатиот отпад ќе се третира во постројката за механичко-биолошки третман.
Во овој процес, органскиот дел од отпадот ќе се претвора во стабилизиран материјал наречен „производ сличен на компост“, којшто може да се користи како покривен материјал на санитарната депонија.
Она што не може да се рециклира или повторно употреби ќе се отстранува на современата санитарна депонија, изградена според сите стандарди на Европската Унија. За разлика од нестандардните депонии, оваа депонија ќе биде контролирана, надгледувана и опремена со системи за спречување за загадување на воздухот, водата и почвата. Создадениот исцедок и
биогас ќе се собираат и третираат, со што биостабилизираниот преостанат отпад ќе биде безбедно отстранет и ќе нема негативни влијанија врза медиумите и областите на животната средина.
Паралелно, низ регионот се затвораат и рехабилитираат нестандардните депонии. Наместо купишта отпад и чад, овие локации се покриваат, рекултивираат и претвораат во безбедни, зелени површини.
Со подобра организација, јасни правила за собирање и инфраструктура изградена според ЕУ стандардите, граѓаните ќе добијат почисти улици, поздрави услови за живеење и сигурни комунални услуги.
Секој граѓанин има мала, но значајна улога:
Селектирај го отпадот, користи ги садовите за рециклирање и собирните места, и придржувај се до распоредот за собирање.

Само заедно можеме да обезбедиме успешен нов систем – затоа што почистите населени места и побезбедната животна средина зависат од нас.
Со поддршка од Европската Унија, проектот SENE3 им помага на Источниот и Североисточниот регион да бидат пример за модерен и одржлив систем за управување со отпад – процес што започнува пред нашите врати и се гради со заедничка одговорност.
ПР објава