Родилките не се оставаат да одмараат доволно: Уморот им го загорзува здравјето на мајките и развојот на децата

Добивај вести на Viber

Иако се смета дека постпородилната депресија најчесто се појавува во првите четири недели по раѓањето, вистината е дека може да се развие и многу подоцна — дури по неколку месеци или по една година. 

Периодот по породувањето е еден од најосетливите во животот на жената, но често и најзанемарениот.

Во текот на бременоста, телото на жената минува низ драстични физички и хормонални промени. Хормоните ја исцрпуваат, а самото породување е сложен и болен процес што го исцрпува и телото и умот. 

Наместо по породувањето родилките да добијат време за одмор и опоравување, тие веднаш се соочуваат со нови обврски — доење, непрекината грижа за бебето и недостиг на сон.

Во многу болници, мајките немаат ниту минимум услови за психофизички одмор. Недостатокот на поддршка од системот, семејството или партнерот, комбиниран со исцрпеност и чувство на осаменост, станува силен тригер за појава на постпородилна депресија.

Оваа состојба се разликува од краткотрајниот „беби блуз“ и бара стручна поддршка.

 Жените кои страдаат од постпородилна депресија се чувствуваат безнадежно, виновно и неспособно, што дополнително ги ослабнува нивните капацитети правилно да се грижат за своите деца во најранливиот период од нивниот живот.

Психолозите предупредуваат дека депресијата не е знак на слабост, туку последица на физички и емотивен колапс. 

Потребно е општеството да покаже повеќе разбирање, а здравствениот систем да создаде услови за вистинска грижа за мајките. Зашто здравата мајка — значи здраво и безбедно дете.

Извор/Freepik