Дац и Александар со емисија која ги топли срцата
Стиховите „Уште ми фалиш“, станаа нивен заштитен знак, откако на „Макфест“ минатата година ја испејаа песната со овој наслов. „Уште ми фалиш“ на Александар Митевски и на Драган Спасов- Дац има добри шанси да стане домашен евергрин.
Исто како и песната, се вика новата онлајн емисија на дуото Дац и Александар. Започна од шести декември, и го зафати терминот, секоја недела од 20.30 на нивниот јутјуб канал и официјалната Фејсбук страноца „Дац & Александар“.

Во „ретро фазон” и со многу интересна концепција, ова популарно дуо секоја недела на гости во своето студио ќе пречекува по еден интересен гостин. Во првата епизода гостин беше Ѓокица Лукаревски, доајен на македонското глумиште кој се наврати на својата младост и запеа песна, а во втората музичкиот новинар Бранка Костиќ- Марковиќ. Во третата епизода гостин беше Марин Бабиќ. Во недела е четврта епизода.

„Идејата и инспирацијата е најверојатно од времето во кое се наоѓаме, па затоа и сè нешто ни фали. Ни фалат делови од Скопје, дружби, кафани, слави, родендени. Ни фалат гушки, ни фали воздух без маска, ни фали љубов... Стеснети сме во самите себе и се претворивме во робови на пандемијата. Ни фали народ, ни фали дружба и споделување енергија“, изјавија Дац и Александар за Женски магазин.
Во емисијата, гостите меѓудругото евоцираат спомени од младоста и зборуваат за нештата што им фалат од старото Скопје.

„Луѓето често со задоволство се сеќаваат на своето детство, бидејќи детството е безгрижно, па како и да сте го живееле. Мислите децата дека ја сфаќаат сериозноста на ситуацијава? Се кладам дека не. Ним им е убаво во своето детство. Па од таму и емисијата УШТЕ МИ ФАЛИШ се занимава баш со убавите доживувања на нашите гости уште од најраното детство па низ годините. Таа емоција, носталгија, романтика ја имаме и во песните што ги создаваме, па неминовно беше да биде рамка и за оваа наша “пандемисија” (наша кованица за емисија во услови на пандемија)“, велат авторите на ова убаво и топло онлјан дружење.
Кои се следни гости, не сакаат да откриваат предвреме и велат дека можеби и тие самите ќе бидат гости во нивната емисија.

„Така одговорот на другите прашања ќе го добиеме токму преку нашата емисија која топло ви ја препорачуваме, затоа што барем половина час ќе отпатувате во некое друго време“, додаваат актерот и продуцентот. Дац и Александар со љубов одат кон својата цел, со емисијата „Уште ми фалиш“ на своите фанови да им помогнат полесно да го пребродат овој период на ладно време и социјална дистанца. Затоа и се надеваат дека ќе ги стоплат срцата на сите.
М.Џаровска