Утринско кафе со Антонио Димитриевски: Ме мотивира предизвикот

Добивај вести на Viber

Првото утринско кафе е ритуал без кој многумина, па и јас – не можат! Ако станам 15-тина минути порано, го пијам дома. Последниве години не е тоа турско кафе, туку некое од оние таканаречени инстант кафиња 3 во 1… Ако поспијам, тоа го правам на работа со колешките. Ми го знаат табиетот и уште не сум го ни вклучил компјутерот, а кафето веќе ме чека на работното биро, за што од срце им благодарам!


После толку години работа и искуство во професијата и сѐ што е врзано со неа, тешко е да најдеш добар мотив. Сепак, како и првиот работен ден – ме мотивира предизвикот. Сè уште сакам да напишам добар текст, коментар, колумна… да направам добар портрет, се радувам на добра ТВ емисија, добар фестивал… Едноставно така сум создаден, воспитан а и сум учел кај најдобрите мајстори на новинарскиот занает: ако нешто се нафатиш да го правиш – направи го „до балчак“!


На дневна основа, на прво место ми е порталот… Вистина.ком.мк! Се што не сте знаеле, а отсекогаш сте сакале да го дознаете… кликнете не и прочитајте, слушнете, видете… Продуцентската работа како продуцент на ТВ шоуто „Улица Македонија“ со Бојана Скендеровски кое сега оди на ТВ 24 ми е дел од редовните неделни обврски, а тоа подразбира комплетна подготовка, од избор на гости, до подготовка на прилози и рубрики, па се до комплетна организација на снимањето, екипата, бендот, брифинзите со Бојана Скендеровски… и на крај самата реализација на емисијата, што и не е така мала работа. Проектите на „Премиер продукција“ како МАРС и останатите настани, манифестации, концерти, настапи на регионални поп ѕвезди низ Македонија го заокружуваат моето работно „3 во 1“!


После вака обемна агенда, тешко се наоѓа време за себе и семејството… ама сепак се наоѓа. Нивното разбирање и слухот за она што го работам се вториот столб на кој се темели успехот. Мое е да возвратам со сѐ што може да се возврати… од внимание,респект, емоции, љубов, до материјални нешта… Така некако заедно ја компонираме „семејната хармонија“, во која се трудам да има што помалку „фалш“, барем од моја страна! За себе ми останува малку слобода… ПЕС на компјутер, дружење со другарите и пријателите… прошетка, концерт, кафе, кафеана… Парите потрошени во кафеана, се всушност пари вложени во спомени! После се, легнувам рано, исцрпен, но и исполнет и задоволен!


Сѐ помалку имам нерви за туѓи судбини… особено на филм! Но за добра книга секогаш наоѓам време… пред спиење, по станување рано наутро кога сите спијат, на плажа… Колку што се може… Само што се фатив себе си дека последниве години многу повеќе пишувам, отколку што читам… што не е добро! И само по себе, и за здравје… Ама–тоа е!



*Антонио Димитриевски, главен и одговорен уредник на Вистина.мк и продуцент на емисијата „Улица Македонија“