„Важно е да си дадеме време за себе, за да останеме свои и вистински“: Интервју Сузана Гавазова

По освојувањето на Првата награда на еден од најпрестижните музички фестивали кај нас, Сузана Гавазова со нова енергија и планови ги отвора вратите кон уште поголеми уметнички височини. Во искрен разговор открива детали за песната, снимањето на спотот, инспирацијата – и животот зад сцената.
Со свежа емоција и благодарност, Сузана Гавазова ја доживува победата на Фолк Фест Валандово како значаен поттик во нејзината музичка кариера. Песната „Љубов да расцути“, во дуетска изведба со Љубчо Ѓоргиев, се покажа како вистински погодок – не само за жирито, туку и за публиката која топло ја прифати.
„Победата на Фолк фест Валандово ми донесе огромна радост и гордост. Тоа е еден од најзначајните фестивали кај нас, и да се биде дел од него, а уште повеќе да се добие признание, е навистина чест. Се чувствувам благодарно, исполнето и мотивирано за понатаму.
Песната носи силна порака за љубовта која повторно се раѓа, дури и кога мислиме дека сè е завршено. Мене лично ме погодува текстот, а и мелодијата ја носи таа емотивна длабочина која ретко се среќава денес“, вели Сузана.
Два месеца љубов и посветеност
Целиот процес на подготовка траел околу два месеца – од идејата, преку аранжманите и пробите, до финалното снимање во студио. Сузана додава дека вложиле многу емоција и посветеност, што – како што вели – „се слуша во секој тон“.
Снимањето на спотот било уште еден убав момент. Локациите околу Дојран послужиле како идеална визуелна метафора за љубовта што „расцветува“, а тимот бил преполн со позитивна енергија и креативност.
Љубовта од публиката – најголемата награда
Публиката на фестивалот реагирала со воодушевување, што било најдобра потврда за успехот на песната.
„Добив многу пораки од луѓе кои се пронашле во текстот. Кога музиката допира до срцата, тоа е најголемата награда“, признава Сузана.
Нови песни и албум на повидок
Освен што оваа награда ѝ е потврда дека квалитетот и искреноста секогаш испливуваат, Сузана веќе има планови: нови песни, мини-албум и експериментирање со традиционални елементи во современ звук. Неодамна завршила и нова балада која ќе ја објави наесен.
Зад сцената: кафе, прошетки и фотографија
Кога не е на сцена, Сузана ужива во тишината, природата и во мали, инспиративни моменти. Денот ѝ започнува со кафе и нешто за читање, а релаксацијата ја наоѓа во пешачење, готвење и фотографирање.
„Тоа ми е начинот на ‘молчење со смисла’. Гледањето на небо и шетањето покрај вода ми ја расчистуваат главата – и таму доаѓаат најдобрите идеи“, ни открива со насмевка.
За крај, таа испраќа порака до сите жени – дека е важно да си дадеме време за себе. Тоа не е луксуз, туку потреба, како што вели, „за да останеме свои и вистински“.
Ирена Ставрова