„Вистинската сила ја добивам од моите два сина, а првото утринско кафе го пијам сама во тишина“: Утринско кафе со Катерина Стевковска

Таа е балерина, балетски педагог и репетитор, извршен продуцент и менаџер. Во приватниот живот гордо ја носи титулата - мајка.
Вешто балансира помеѓу професионалните обврски кои се многу на број и обем и приватните од друга страна.
Таа е Катерина Стевковска и за „Женски магазин“ открива како изгледа едно секојдневие на успешна, современа жена и која е нејзината формула за успех, но и малите задоволства во кои секој ден ужива и со кои се одржува во животна радост и ентузијазам за своите работни ангажмани.
Нејзиниот ден почнува прилично рано и тоа со првото кафе кое го пие сама, како мал ритуал за фокус и мир.
-Секое утро станувам во 5 часот. Тоа е моето време – тивко, полно со инспирација и идеи. Тогаш ги запишувам сите мисли што ми доаѓаат, кои подоцна ги претворам во проекти. Првото кафе го пијам сама, како мал ритуал за фокус и мир, вели Стевковска за „Женски магазин“.
Вели дека кафето за неа е симбол на почеток на денот, но сепак вистинската сила доаѓа од една нематеријална, а многу вредна компонента - од нејзиното мајчиство.
-Кафето ми дава концентрација, но вистинската сила ја добивам од моите два сина. Тие се мојата најголема мотивација и енергија.
Нејзиното кафе е јасно и едноставно, какви што и стандарди за нештата и луѓето што ги има околу себе.
-Моето кафе е едноставно – класично црно, без додатоци. Верувам во чист вкус.
Покрај кафето, се посветува и на утрински вежби, што е причина за нејзината дополнителна енергија, доволна да го пополни денот чија листа на обврски е поприлично долга.
-Утринските вежби ми носат баланс и дисциплина, а моите синови – неисцрпна енергија.
За мотивацијата вели дека таа е секогаш поврзана со резултатите остварени од тоа што го работи, а работи вредно и посветено на секој проект и се вложува максимално со своите креативни капацитети.
-Ме мотивираат новите проекти и создавањето нешто што остава трага. Сакам да препознаам млади таленти и да им дадам шанса да се изразат. Заедно со нив, преку идеи и работа, придонесувам за општеството, вели таа.
Додава дека дневните планови и обврски секогаш ги обавува во континуиетет од динамика и мобилност.
-Деновите ми се динамични – часови по балет, организација на настани, средби и подготовка на нови идеи. Секогаш сум во движење.
Иако деновите ѝ се долги, вечерта секогаш ја посветува на најмилите, и тоа е како што вели, е време за мир.
-Вечерта секогаш ја поминувам со семејството. Тоа е време за смиреност, разговори и благодарност.
На прашање што би избрала помеѓу книга и филм, вели:
-И двете. Книгата ми дава длабочина, филмот инспирација.
Мисла со која го започнува и завршува денот е:
Секој ден е нова можност – од идеја до реализација.



