ЗА ПРВПАТ ВО РЕГИОНОТ: ИЗВЕДЕНА КОМПЛЕКСНА УРОЛОШКА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“

Уролошкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ изведе исклучително комплексна реконструктивна уролошка интервенција која досега е изведена единствено во четири референтни европски центри. На пациент истовремено му беа вградени вештачки уринарен сфинктер и трокомпонентна пенилна протеза – интервенција позната под медицинскиот термин AMS 1500, според името на водечкиот производител на вакви импланти American Medical Systems – Boston Scientific.
Со оваа интервенција, со еден хируршки рез, трајно се решаваат две комплексни состојби: краен степен на еректилна дисфункција и целосна уринарна инконтиненција, со што пациентот добива трајно решение за еректилната дисфункција и зависност од пелени. Ваквата интервенција се смета за врвот на реконструктивната урологија и се изведува само во центри со долгогодишно искуство и висока експертиза.
Операцијата ја изведе уролошкиот тим на „Аџибадем Систина“ предводен од д-р Александар Мицковски, во присуство на проф. д-р Владимир Којовиќ, долгогодишен надворешен стручен соработник на болницата и еминентен светски уролог кој низ годините има одлична сорботка и споделено искуство со нашиот тим.
„Горди сме што за првпат во регионот, нашата болница е пионер во изведување на оваа исклучително комплексна интервенција. Успешната операција е резултат на континуирана едукација, тимска работа и врвна хируршка пракса. Посебна чест е што пациентот од Швајцарија ја избра токму нашата клиничка болница, по препораки од други наши пациенти, за да добие најсовремено и трајно решение за својот проблем. Ова е потврда дека македонската урологија може рамноправно да чекори со водечките европски центри. Голема благодарност пред сè до пациентот за безрезервната доверба, на хируршкиот интернационален тим и на нашиот персонал од операциони сали, како и на претставништвото на Boston Scientific за Македонија за комплетната поддршка.“ изјави д-р Мицковски.
Комплексната интервенција траеше четири ипол часа по што пациентот е сместен на хируршкиот стационар каде по краток болнички престој и целосно заздравување ќе се врати на секојдневните активности.
*Пр објави