Жена на месецот: Ели Пешева- Овие наши балкански општества не се ни свесни за улогата, влијанието и силата на жените

Добивај вести на Viber

Да се ​​биде силна жена- тоа значи да се ставите себеси во секоја ситница што ја правите, дури и кога нема да бидете наградени за вашите напори. Дури и ако никој не забележи колку напорно сте работеле и да ви признае. Тоа значи да дадете се од себе, за себе, за да се чувствувате добро. 

Да се ​​биде силна жена значи да се сакаш себеси, или барем да се прифатиш себеси, дури и кога другите се обидуваат да те убедат да ги промениш своите начини. Ова значи дека не се усогласуваат со традиционалните родови улоги, стандардите за убавина и нема потреба од одобрување и аплауз. Знаејќи дека можете да го постигнете она што сте го зацртале, бидејќи кога решавате нешто, ништо не може да ви застане на патот - тоа значи да верувате во себе дури и кога другите се сомневаат во вас. И имате право да се радувате, кога ќе сфатат колку згрешиле.

Да се ​​биде силна жена значи да се потпреш на себе, да бидеш на ниво, да ја негуваш својата независност и уникатност. Тоа значи дека ви е удобно со себе.

Храброст да кажете ДА на она што го сакате, или во што сакате да се обидете, за да видите дали е тоа што го сакате, како и да кажете НЕ!

Ели Пешева е сето ова што погоре го напишавме. Бестрашна жена која чекори цврсто напред, која не се плаши да ги изрази своите ставови, која истовремено е мајка, сопруга, бизнисменка, секогаш модно усогласена и гласна! И слушана! И влијателна! Директорка за комуникации во „Њу Момент“ и еко-активистка која постигна значајни успеси и на двете полиња. 

Токму неа, Женски магазин ја избра за жена за месец ноември.

Еве ги незините ставови по одредени прашања:

1. Што е успех? Дали на жената денес сѐ уште не и се простува успехот?

- Секако дека не ѝ се простува. Разликата е што сега, жената која е реализирана и задоволна со себе не ни бара некој од страна, надвор од нејзиниот круг на битни луѓе да ја разбере, оправда, сфати или поддржи.

И верувам дека токму во тоа лежи успехот. Во слободата да се биде таа што си, да се опкружиш со луѓе кои ги сакаш, а не кои „ги мораш“, да го работиш тоа што те полни со ентузијазам, да го кажеш своето мислење и во правото да го смениш ако некој друг има подобри аргументи, во автентичноста, да се исполни денот по свој избор, со се што внесува хумор, страст, игривост и мир за умот и душата.

2. Како ја гледате македонската жена од денешна перспектива?

- Не би ја стереотипизирала. Македонската жена е и мајка ми и ќерка ми, и јас, и моите пријателки, и тие на кои им ги знам личните драми и предизвици и жените со кои се разминувам на улица...нема една дефиниција. Она што можам да го кажам е дека овие наши балкански општества не се ни свесни за улогата, влијанието и силата на жените кои ги движат, за жал или можеби со оглед на околностите за среќа, од сенка. Помислете на најблиските жени во вашиот живот, и сигурна сум дека ќе се сетите на начините на кои суптилно ги истеруваат работите на свое.

Некако така ја гледам жената овде: го остава мажот да мисли дека е главен.

3. Бевте на патување кое живот значи...каде, што ви остави најголем впечаток и што научивте?

- За мене патувањата се животен предизвик. Двигател. Со нетпение и многу ентузијазам гопланирам секое патување. Дури понекогаш сериозно мислам дека ако немам некоја следна дестинација, добивам чувство на анксиозност. Некој може ќе каже дека сум размазена, ама ако можам да бирам меѓу шопинг, секојдневни излегувања, луксузни ресторани, трошење пари на работи за кои не се сеќавам, тогаш секогаш со задоволство наместо на се тоа, ќе потрошам на патување. Фасцинирана сум од различни држави, од нивните култури, од менталитетот, сакам да седам во локално кафуле и да го набљудувам секојдневието на жителите. Секогаш се трудам да научам понеколку фрази на локалниот јазик и ги сакам локалните обичаи. Имам долга листа на места каде сакам да одам. Не онака на еден ден, или на исклучиво туристички локации, сакам шетање по улички, сакам муабет со луѓе, мириси, скриени местенца. 

Шпанија ми е најголема љубов, го сакам Медитеранот за подолго живеење. Сега на врвот на листата за посета ми се Јужна Америка и Исланд. Долги години ми беа Јапонија и Јужна Кореа. Во Јапонија сум вљубена од дете, знам многу за историјата, за традицијата, за начинот на живот, но се тоа беше теоретски, никако не ми успеваше да ми се спојат коцките да ја видам во живо. Конечно оваа година си ја остварив желбата. Ги надмина сите мои очекувања. Јапонија е друг универзум. Има во себе една прекрасна порака, дека не мора се да биде светкаво за да отсликува среќа, или еуфорично за да одразува добро расположение...ги гледав лицата на луѓето и на нив просто има спокој, задоволство. И тоа треба да е вистинската цел за секој индивидуалец и секоја заедница. И додека го пишувам ова сега, си ја враќам Јапонија пак на листата. Еднаш и е малку.

4.  Ваша поттикнувачка порака за сите жени

Немам вистински одговори, најискрено. Секоја од нас носи свој товар, свои грижи, грешки, одлуки, своја историја на зреење. Само можам да заклучам дека во одредени години и после серија искуства што се всушност лекции, е битно да се задржи мал, но здрав круг на луѓе на кои се потпираме, на кои сметаме, со кои си плачеме, наздравуваме и смееме. Дека со годините многу помудро ги бираме луѓето и ситуациите со и во кои сакаме да бидеме. Дури сега научив дека исклучително ослободувачки ми беше моментот кога престанав да ги наметнувам очекувањата за луѓе и ситуации, во двата случаи нешто што не зависи од мене, а ми носи само чувство на немир и губење контрола.

Така што без да звучи како се да знам, веројатно би рекла, опкружи се со квалитетни луѓе, но потпри се на себе, слушај повеќе, зборувај помалку и ако инстинктот (и здравиот разум) велат пушти, тогаш пушти. 

Грижата за себе и своето ментално здравје треба да е ни е нормална. Ако сме добри за и кон себе, ќе бидеме и за другите кои ни се важни

Небојша Толески

Фото. Приватна архива