„Убавината не е шминка – туку став“: Верица Китанова открива како изгледа нејзиниот живот без филтри

Добивај вести на Viber

Во време кога убавината често се сведува на филтри и трендови, таа ни покажува дека вистинскиот сјај доаѓа од внатре – од ставот, од самоприфаќањето и од свесната грижа за себе. Таа е архитект по образование, визионер по природа и креатор на веганскиот бренд Kita Beauty, кој го редефинира концептот на минималистичка, но ефективна нега. Во ова искрено интервју, Верица Китанова ни открива како изгледа нејзината утринска рутина, зошто „soft life“ е филозофијата која ја живее, и зошто верува дека убавината не е изглед – туку чувство.

ЖМ: Каква е твојата дневна рутина за нега на кожа?

– Мојата рутина е минималистичка, но доследна. Утрински почнувам со пена за миење лице, потоа нанесувам серум со витамин Ц и ниацинамид, и завршувам со СПФ – задолжително, секој ден. Навечер користам потешка, богата крема со кавијар. Сите производи ми се од брендот Juliette Armand, затоа што навистина ѝ верувам на формулацијата. Еднаш неделно одам на третмани, било да е длабинско чистење или SQT терапија, зависно од тоа што ѝ треба на кожата. За мене, конзистентноста е клуч.


ЖМ: Кој е твојот „must-have“ козметички производ без кој не можеш?

– СПФ, без размислување. За мене, негувана кожа е секогаш поважна од многу шминка. СПФ не е само заштита од сонце – туку одржување на здравјето, свежината и младоликиот изглед на кожата на долги патеки. Тоа е мојот секојдневен ритуал на грижа и превенција.

ЖМ: Што најмногу веруваш дека придонесува за природна убавина?

– Задоволството од самата себе е коренот на природната убавина и зрачење. Без разлика дали доаѓа од кариера, физички изглед или стабилни семејни односи, таа внатрешна исполнетост создава мир, самодоверба и баланс. Жената што живее во свој ритам, со јасни граници и вредности — она што денес често се нарекува soft life — зрачи со енергија што не се купува. Која е исполнета одвнатре, зрачи со смиреност и самодоверба што не може да се глуми. Внатрешната стабилност се чита на лицето, во говорот, и во начинот на движење. Таа убавина не доаѓа од надворешни стандарди, туку од длабока поврзаност со себе. Таа убавина е тивка, но присутна. Реална, но недопирлива.


ЖМ: Како се грижиш за себе – и однадвор и одвнатре?

– Грижата за себе ја гледам како баланс меѓу дисциплина и љубов. Однадвор, тоа значи сон, здрава исхрана, движење и skincare што ми одговара – но вистинската нега почнува одвнатре. За мене, тоа е емоционална хигиена: да бидам искрена со себе, да се одморам кога ми треба, да не се објаснувам премногу, и – најважно – да поставувам граници. Границите не се себичност, туку форма на самозаштита. Тие се мојот штит – за да не дозволам секој да има пристап до мојата енергија. Грижата за себе е избор да живеам свесно, а не на автопилот.

ЖМ: Кои се твоите мали ритуали за „ме-тајм“ моменти?

– Утрото ми е свето. Најмногу уживам во тивко кафе, без телефон, додека мислите си ги местам на свое место. Тоа е мојот мини ритуал на центрирање – пред да почне денот да ме влече на сите страни. Понекогаш тоа е пилатес, убава музика, средување на просторот или едноставно седење во тишина. Не се работи за големи нешта, туку за мали паузи што ме враќаат во себе.


*ЖМ: Како изгледа еден твој совршен ден?

– Почнува мирно, со утро само за себе – кафе, тишина и средени мисли. Продолжува со ручек со мојата фамилија и кучињата – топлина, смеа и присутност. А навечер – филм и тивка близина со мојот партнер. Совршениот ден не е гласен, туку полн со мали, значајни моменти што ми ја хранат душата.

ЖМ: Каде се гледаш себеси и брендот за пет години?

– Себеси се гледам уште подлабоко вкоренета во тоа што го создавам – како жена, креатор и лидер. А Kita Beauty го гледам како препознатлив европски бренд кој не продава само козметика, туку начин на живот: чист, женствен, свесен. Сакам да растеме органски, но стабилно – со нови линии, интернационално присуство и силна заедница на жени кои избираат квалитет, автентичност и убавина со став. За мене, ова не е само бренд – ова е визија што расте со мене.


ЖМ: Што е убавината за тебе – чувство, изглед, енергија?

– Убавината е чувство. Кога жената е во релација со себе, кога е tuned in со своето тело, со својот ум, со својата енергија – таа зрачи. Тоа не е шминка, не е фризура, тоа е став. Убавината е кога таа влегува во просторија и ништо не кажува, а сè е јасно. Кога нема потреба да се докажува, да се објаснува, да се допаѓа. Таа си е доволна – и тоа се чувствува. Таа не се извинува што е гласна, чувствителна, силна или тивка – таа е своја, без објаснување… Не се вклопува, не се прилагодува, не се намалува – таа се појавува целосна, токму таква каква што е. Тоа е сила што не се учи, туку се живее. 

ЖМ:  Како се роди идејата за создавање на твој козметички бренд – вегански производи заубавина ?

– Идејата се роди многу природно – од лична потреба и од љубов кон естетиката и негата. Уште како дете бев опседната со шминка, формули и текстури, па за оние што ме познаваат, ова не беше неочекуван чекор. Пробав сè – од high-end до clean beauty – и точно знам што функционира, колку, и зошто. Од секогаш сум внимавала што ставам на лицето – не само да биде чисто по состав, туку и да биде трајно, нелепливо, пријатно за носење и ефективно. Кога не можев да најдам сè во едно, решив да го создадам. Сакав бренд кој ќе биде искрен, минималистички и вегански – без непотребна хемија, без празни ветувања, и без компромис со квалитетот. За мене, вистинската убавина почнува со свесен избор – а Kita Beauty е токму тоа: негувана жена, со став.


ЖМ: Дали си вклучена и во самата формулација и тестирање на производите?

– Апсолутно, и тоа од самиот почеток. Вклучена сум во секој чекор – од идеја, до текстура, мирис, ефект и финална формула. Имам јасна визија што точно сакам еден производ да постигне и не правам компромиси. Тестирам сè на себе, со месеци – затоа што мора да го носам со доверба пред да го понудам на други. Покрај формулацијата, целосно сум вклучена и во дизајнот на пакувањето, визуелниот идентитет и маркетингот. Како архитект, ги разбирам визуелните апликации, пропорции и комуникацијата преку дизајн – и тоа знаење го пренесувам во секој детал на Kita Beauty. За мене, производот треба не само да функционира, туку и да зборува – со изглед, чувство и став.

ЖМ: Дипломиран архитект, а сега и козметички иноватор – како ги поврзуваш овие две креативни области?

– За мене, убавината е универзален јазик – без разлика дали се изразува преку простор, пропорции или лице. Архитектурата ме научи на рамнотежа, детал и естетика, а љубовта кон убавото отсекогаш била дел од мене. Преминот во козметиката не ми беше пресврт, туку природна надградба – само ново платно за истата страст. И во дизајнот и во негата, станува збор за тоа како нешто те прави да се чувствуваш – смирено, самоуверено, и во контакт со себе.


ЖМ: Колку летото е твое омилено годишно време и што најмногу обожуваш да правиш во слободно време?

– Летото ми буди посебна енергија – сонцето, светлината, чувството на леснотија. Во тие месеци најмногу уживам да работам на себе – и психички и физички. Да ги преслушам своите мисли, да се движам, да се грижам за своето тело. Обожувам да работам на мојот бренд – тоа ми е креативен простор, но и инвестиција во иднината. За мене, слободното време не значи пасивност, туку свесен избор како да се полнам и градам.

ЖМ: Кое е твоето омилено летно парче гардероба?

– Нешто свилено, со тантела – нежно, допадливо и женствено. Обожавам парчиња што „течат“ по телото, што не го стегаат, туку го следат. Свилата и чипката ми се омилени затоа што со себе носат елеганција без труд, софистицираност без врева. Особено долг, лесен фустан – дефиниција за летна убавина: слободен, сензуален и секогаш впечатлив без да биде гласен. Токму она што сакам да го носам летно време.


ЖМ: Колку години си вегетаријанка и како се навикна на тој начин на живот?

– Од 2019 година сум на pescatarian режим – тоа значи дека не јадам месо, но јадам риба и морска храна. Никогаш не бев љубител на месо, па промената ми дојде природно и лесно. Се фокусирам на чисти извори на протеин и храна што ми дава енергија без да ме оптоварува. За мене, тоа не е ограничување, туку свесен и избалансиран избор – во склад со моето тело, енергија и начин на живот.


ЖМ: Како ја одржуваш линијата?

- Со баланс и нежност кон себе. 80% се хранам здраво, 20% си давам задоволства – сладолед, нешто слатко, без грижа на совест. Не сум љубител на пица, тестенини или брашно. Движењето ми е важно – пешачење и пилатес, затоа што ми носат мир, спокој и женственост. Не се оптоварувам со строги диети и тренинзи што го трошат телото. Без вишок кортизол, без притисок да бидам во „машка“ енергија. Верувам дека дисциплината е највисок облик на љубов кон себе – затоа што е денешна одлука, но утрешна инвестиција.


ИРЕНА СТАВРОВА