„Известувањето од пред кочанската болница ми го зеде здивот, гледав како мајките на децата дознаваа дека ги загубиле своите чеда“: Интервју со новинарката Мирјана Давидовска

Добивај вести на Viber

Петнаесет години во светот на вестите, со микрофон во рака и секогаш подготвена за ново известување – тоа е професионалниот пат на Мирјана Давидовска, истакната новинарка од информативната редакција на Сител Телевизија.

Нејзините новинарски почетоци се врзани токму со оваа медиумска куќа, која и денес останува нејзин дом. Работејќи како теренски репортер, новинар и уредник на дневникот, Мирјана секојдневно е дел од динамиката на информирањето, каде објективноста и точноста се вредности од кои никогаш не отстапува. Иако првото вклучување во живо ѝ било вистински предизвик, со текот на годините теренот станал нејзино природно опкружување.

Во интервјуто за Женски магазин зборува за предизвиците на професијата, за човечката страна на новинарството и за тоа како, покрај професионалец, мора да бидеш и човек – и тогаш кога е најтешко.

Љубовта кон новинарството кај Мирјана не се појавила случајно, ниту пак преку ноќ. Таа љубов ја носи во себе уште од детството, кога со восхит ги следела вестите и се воодушевувала на храброста и посветеноста на новинарите. Инспирирана од нивната улога во општеството, уште тогаш го почувствувала повикот – да биде таму каде што настаните се случуваат, и да ја пренесува вистината, јасно и непристрасно. Токму таа детска желба подоцна прераснува во реалност и професија што денес со страст и посветеност ја живее.

„Уште како дете често следев вести и ме привлекуваше таа магија што ја имаат новинарите, нивната храброст и нескротливост, секогаш први да пренесат информации од најважните настани и случувања. Тоа ми изгледаше како некоја супермоќ. Ми се допаѓаше таа улога, да си таму каде што е потребно, да имаш глас кој ќе пренесе точно што се случува, без филтри, без драматизација, само со вистина. Се замислував себеси како храбра новинарка што не бега од предизвик, туку оди директно кон него. Како што велат „внимавај што ќе посакаш, можеби ќе ти се исполни“. Мојата желба се исполни и ја работам работата што отсекогаш ја сакав“.

Патот кон професионалното новинарство го започнала уште со првите чекори на студиите, кога ѝ се укажала можност за новинарска пракса. Без дилема, го направила изборот што го обележал нејзиниот понатамошен ангажман – информативната редакција.

„Од самиот почеток на студии во 2010г. се отвори можност за пракса и без двоумење веднаш ја искористив. Тоа беше мојот прв чекор кон професијата. Имаше простор да изберам дали да влезам во утринската, забавната, но без размислување знаев дека сакам пракса во информативната редакција. И кога повторно би се вратила во тоа време исто би постапила. Од тогаш до денес сум дел од информативната редакција на Сител телевизија, каде што низ годините се изградив како новинар и репортер“.

Секој новинар има своја приказна за првото појавување во живо – а кај Мими тоа било вистинско „огнено крштевање“ и момент кој не се заборава.

„Првото известување во живо беше по само две недели пракса. Добив шанса која едноставно не се пропушта. Тогаш за првпат почувствував што значи трема. Нозете ми се тресеа, а во глава имав само една мисла: „Немој да направиш гаф, само да не заборавиш што треба да кажеш (се смее).

Мислам дека тоа беше едно од најбрзите известувања, сè што имав раскажав како брзозборка, од паника да нe згрешам и што побрзо да завршам. Во живо бев 30 секунди, но успешно заврши. Е потоа секако дека следуваше шега на моја сметка, најинтересни беа моите најблиски кои нестрпливо го чекаа моментот кој помина со брзина на светлината (се смее).  Но токму поради тоа и се памти, сите сме почнале од некаде и не било совршено, но тие несовршени моменти те учат, те обликуваат и ти даваат искуство. Од тие 30-тина секунди панично, брзо вклучување, сега имам ситуации кога во живо можам да известувам и по 10-тина минути без пауза, без сценарио, од секаков настан“.

Телевизиското новинарство не е само пренесување на информации – тоа е уметност на моментот, каде зборот, гласот и изразот носат подеднаква тежина. За Мими, токму теренот е срцето на професијата – местото каде што новинарот не е само посредник, туку активен учесник во случувањата.

„Со еден збор кажано- теренот. Како телевизиски репортер си во епицентарот на случувањата. Не пренесуваш само информации, туку и тон, израз на лице, став, емоција. Начинот на кој ќе ја пренесеш веста е само твој, дали ќе изразиш некоја фацијална експресија, со каков глас ќе ја пренесеш информацијата,  сето тоа влијае на перцепцијата на гледачот. Затоа, мора да сме пред сè човечни, професионални и да го почитуваме етичкиот кодекс со секој изговорен збор. Телевизиското репортерство е динамично, нема простор за монтажа, нема време за чекање. Како новинар во дневно информативната редакција, без двоумење ќе кажам дека тоа е едно од најдобрите искуства за секој кој ќе реши да се занимава со оваа професија. Телевизиското новинарство е возбудливо токму поради динамиката со која се работи“.

Известувањето во живо носи своја тежина – адреналин, притисок од брзината на времето и одговорност кон јавноста.

„Известувањето во живо знае да биде многу стресно бидејќи си ограничен со време. Некогаш се случуваат повеќе работи истовремено за кои не можеш така брзо да добиеш потврда. Како и сите и ние сме некогаш изморени, нерасположени но камерата кога ќе се вклучи сето тоа мораш да го ставиш на пауза, бидејќи гледачите чекаат информација. Треба да останеш објективен, и кога срцето ти се стега. Особено кога станува збор за трагедии. Тогаш, една погрешна реченица една непотврдена информација,  може да направи штета па мора да бидеш и новинар, и човек, и психолог во исто време“.

Телевизиски новинар значи и постојана изложеност пред јавноста – нешто што многумина го гледаат како привилегија, но за Мими тоа е, пред сè, одговорност.

„Јавната изложеност ја прифатив како дел од задачата. Никогаш не сум ја гледала телевизиската работата како средство за самопромоција туку како одговорност. Кога луѓето ти веруваат, кога ќе ти пријдат да споделат некоја информација или да побараат помош, тогаш знаеш дека си на вистинскиот пат. Се трудам секогаш да бидам достапна и приземна. За мене нема разлика дали спроти мене стои висок функционер, пејач или питач. Тоа што ме препознаваат на улица воопшто не ме направи суетна ниту ме промени како личност“.

Успехот не се мери само со признанија или титули, туку со постојаната страст и посветеност што ја носи со себе секој ден. И по 15 години во новинарството, таа сè уште е прва на терен, подготвена да известува со истиот жар како на почетокот.

„Најголем успех е што и по 15 години се уште работам со истиот ентузијазам. Секогаш сум подготвена да бидам прва натерен, со истиот жар како од почеток, без разлика дали е пладне или среде ноќ. Верувам во новинарството и силата на нашата професија. Успех е што низ годините добив прилика да се докажам и во улога на уредник и презентер на вести и водител на емисија. Успех е секоја добро сработена приказна, секоја промена што сум успеала да ја издејствувам со мојата работа, секоја репортажа“.

Некои настани засекогаш остануваат врежани во меморијата на еден новинар – не само поради нивната тежина, туку и поради личната трансформација што ја носат со себе. За Давидовска, известувањето големите трагедии кои се случја во нашата земја и низа други катастрофи, претставуваат моменти на професионално созревање, но и човечко соочување со суровата реалност.

 „Сигурно дека нема да ги заборавам настаните во Диво Насеље, тоа чувство на неизвесност, страв а истовремено и некоја чудна сила која те охрабрува како репортер. Известувањето оттаму ќе го паметам како уште еден настан преку кој уште повеќе созреав во репортерството. Поплавите во Скопје и сите предизвици кои се најдоа пред нас пред се како држава, недостатоците кои излегоа на површина но и проблемите кои успеавме да ги откриеме за да предочиме како дојде до катастрофата. Сите тие човечки судбини, штетите кои ги претрпеа жителите, состојбите кои неуморно ги пренесував од терен за да издејствувам некоја промена. Низ овие години известував од речиси сите поголеми катастрофи и трагедии кои ја погодија нашата држава. Тие настани секогаш оставаат трага, но не се само тажни записи од минатото туку силен потсетник зошто нашата работа е важна. Не е доволно само да информираме, туку и да алармираме, да укажеме на пропустите и да бидеме дел од механизмот кој ќе помогне да не се повторуваат истите грешки“.

Новинарството бара објективност, трезвеност и професионалност – дури и во најтешките моменти. Но има ситуации кога, колку и да си подготвен, човечноста преовладува. За Мирјана Давидовска, трагедијата во Кочани е токму таков момент – еден од најболните и најтешките во нејзината кариера, каде границата меѓу професионалец и човек стана речиси невозможна за одржување. Соочувајќи се со сурови човечки судбини во живо, таа ја почувствува вистинската тежина на професијата.

„Секако дека на прво место е објективноста, професионалноста но не смееш да ја загубиш човечноста. Најтежок момент, настан каде што не успеав до крај да го одржам тој баланс е трагедијата во Кочани. Бев меѓу првите репортери на терен, располагав со информации за еден страшен биланс на жртви... Во првото известување од терен ја немав целосната слика за тоа што навистина се случило неколку часа порано. Известувањето од пред кочанската болница ми го зеде здивот. Додека известував во живо, пред мене гледав како мајките, родителите  на тие млади деца дознаваа дека ги загубиле своите чеда. Плачот и лелекот на тие луѓе нема никогаш да го заборавам.Буквално се рушеа пред мене од болка. Солзите не можев да ги запрам, гласот ми затрепери, ја завртев главата на страна. Продолжив да зборувам  и се обидов само што поскоро да се соземам. Но, зарем некој можеше во тој момент да остане рамнодушен? Свесна сум дека не смеев да си дозволам да покажам емоција која во тој момент можеби предизвика уште поголема тага кај гледачите кои и онака биле во шок од сите тие информации. Но, на крајот од денот тој настан за нас новинарите кои сме виделе буквално се, беше со сигурност најтешкиот дотогаш“.

Желбата и љубовта кон новинарството се најсилниот мотив дапродолжи напред, без разлика на тешкотиите. Покрај професионалната одговорност кон јавноста, таа истакнува колку е важна поддршката од колегите и најблиските, особено во најтешките моменти.

„Се случува да имаш тежок ден, да се соочиш со некоја непријатност, да направиш лапсуз но со годините учиш како побрзо да ги надминеш таквите моменти. Ме одржува желбата и љубовта кон оваа професија, имам обврска кон јавноста но и кон себе дека без разлика на се мора да истраам. Успевам во тоа бидејќи имам несебична поддршка од колегите, секако и од семејството и најблиските. Еден од најголемите предизвици и најтешките периоди за нас како новинари, со сигурност беше ковид- пандемијата“. 

За Мирјана Давидовска, новинарството е повеќе од професија – тоа е можност да биде дел од важни историски моменти и да пренесе приказни што оставаат трага.

„Задоволна сум од многу приказни со кои сум успеала да променам нешто и да помогнам некому. Како верник и голем почитувач на религијата, за мене најубавите моменти до сега биле известувањата од Вселенската патријаршија за канонското признавање на МПЦ- ОА, доаѓањето на поглаварот на Римокатоличката црква во Македонија, канонизацијата на Мајка Тереза во Ватикан, најголемите спортски успеси на нашите репрезентации, на сите тие настани не си само новинар, туку и сведок на историја“.

Габриела Додевска Глигоровска