„Second hand“ трговијата дава втор живот, носи позитивни промени и го намалува отпадот: Дафина Васева за нејзината одржлива модна приказна

Во време кога модната индустрија се соочува со предизвици поврзани со прекумерна потрошувачка и загадување, 37-годишната Дафина Васева претставува светол пример за тоа како стилот и еколошката свест можат да одат рака под рака. Како дипломиран менаџер, таа успешно ги спојува своето образование, страста кон модата и одговорноста кон планетата – преку нејзиниот онлајн профил на Инстаграм, „Евтино Катче“ каде што нуди внимателно селектирани модни парчиња од „втора рака“.
Секоја објава кај Дафина раскажува поинаква приказна – не само за облеката, туку и за вредноста на повторното користење, намената, креативноста и втората шанса. Она што за некого е старо, за неа е ново платно на инспирација, а нејзината мисија е јасна: секоја работа што има вредност, заслужува уште еден живот.
Идејата за отворање на Инстаграм профил на кој ќе се објавуваат парчиња облека од „втора рака“ за Дафина Васева се појавила сосема спонтано. Сè започнало кога одлучила да донира дел од гардеробата на нејзината ќерка. Неочекувано, интересот од следбениците бил голем, што ѝ дало јасен сигнал – овие работи можат да најдат нов живот и кај други луѓе.
„Идејата да тргувам со облека и предмети од „втора рака“ ми се роди спонтано, во момент кога по неколку донации одлучив да објавам неколку работи од ќерка ми што биле употребени само еднаш — конкретно тоа беше една првоаприлска маска. Потоа следуваа играчки и парчиња облека што беа одлично сочувани, а се продадоа за многу кратко време. Тоа ми беше првиот сигнал дека постои интерес и вредност во таквите предмети, и ми даде идеја да продолжам да изложувам и други малку користени работи“.
Зад иницијативата стои јасна визија, но и искрена мотивација што се развивала со тек на време. За Дафина Васева, целиот концепт не е само моден избор, туку и животна филозофија која произлегува од лични вредности и практични причини.
„Мотивацијата ми произлезе од повеќе нешта: прво, желбата да дадам втор живот на убави и сочувани работи наместо да завршат заборавени; второ, практичната страна – да заработам на нешто што веќе е мое или лесно достапно, а воедно да им понудам на луѓето квалитетни работи по пристапни цени. На некој начин, целиот процес стана микс од лична страст одговорност кон одржливоста и економски поттик“.
Зад секое парче што се појавува на нејзиниот Инстаграм профил стои внимателен избор и јасен критериум. Дафина не нуди само облека од „втора рака“, туку креира селекција што комбинира стил, практичност и квалитет – со цел секое парче да добие нов живот и нов сопственик.
„На мојот Инстаграм профил може да се најдат внимателно одбрани парчиња облека, чевли, модни додатоци, па дури и некои уникатни предмети како чанти, маски, играчки или сезонски работи што биле малку користени. Понудата е разновидна, но секогаш се водам од неколку главни критериуми: состојбата на парчето (да биде без оштетувања и сочувано), неговата уникатност или актуелност во моментот, практичноста дали е носливо и употребливо како и визуелниот впечаток што го остава.
Настојувам да понудам работи кои и самата би ги купила стилски, чисти, фотографирани со љубов и внимателно претставени. Сакам клиентите да чувствуваат доверба дека ќе добијат нешто квалитетно и вредно, и затоа секое парче го бирам со големо внимание“.
Работите ги наоѓа на различни начини од локални „second hand“ продавници, пазарчиња, онлајн платформи за користени работи.
„Имам „око“ за квалитет и често знам да препознаам вредно парче дури и кога е скриено меѓу стотици други. Секогаш сум во потрага по добри зделки и знам дека убавите нешта не мора да бидат скапи. Затоа внимателно бирам – не сè што е евтино е вредно, но ако знаеш што бараш, можеш да најдеш вистински „бисери“ по симболични цени. Тоа е и дел од убавината на оваа работа предизвикот да најдеш нешто одлично, а пристапно“.
Зад секое модно парче што добива нов живот се крие многу повеќе од стилска одлука – тоа е свесен чекор кон позелена иднина. Одржливата мода не е само моден правец, туку нужност што произлегува од глобалните еколошки предизвици.
„Одржливата мода, не е само тренд тоа е потреба и одговорност. Начинот на кој купуваме и трошиме облека има директно влијание врз животната средина, a „second hand“ трговијата е еден од наједноставните начини да се направи позитивна промена. Со тоа што им даваме втор живот на постоечки парчиња, го намалуваме отпадот, ја ублажуваме прекумерната потрошувачка и ја поддржуваме циркуларната економија. Глобално, „second hand“ модата станува сè попопуларна – не само од економски причини, туку и затоа што луѓето стануваат посвесни за влијанието што го има модната индустрија. Се повеќе млади бараат автентични, уникатни и етички извори на облека, а тоа е токму она што „second hand“ може да го понуди. Мене ми е посебно драго што преку мојот профил можам да бидам дел од убавите навики на луѓето“.
Враќањето во родниот град за многумина претставува пресвртница, но за Дафина Васева тоа беше и можност да ја тестира својата идеја во сосема нов контекст.
„Лично искуство од новата средина: Неодамна се вратив да живеам во мојот роден град — Македонски Брод. Искрено очекував отпор или изразени предрасуди кон „second hand“ облеката, бидејќи помалите средини често се подложни на стереотипи. Но пријатно се изненадив, луѓето пројавуваат сè поголем интерес поставуваат прашања, купуваат, па дури и препорачуваат на други.
Мислам дека со вистински пристап, со транспарентност и добар вкус, можеш да допреш до луѓето без разлика каде се. Сè повеќе се отвораат кон идејата дека нешто „користено“ не значи „вредносно помалку“, туку понекогаш — токму спротивното“.
Интересот за облека од „втора рака“ постојано расте, а сè повеќе луѓе ја препознаваат вредноста на уникатните, стилски и одржливи парчиња што носат сопствена приказна.
„Голем е интересот за купување „second hand“! Секој ден се зголемува бројот на луѓе кои го откриваат шармот и предностите на „second hand“ облеката. Уникатни, стилски и одржливи парчиња со душа. Тоа го бараат купувачите.
Се соочувам со многу стереотипи и предрасуди кога зборувам за „second hand“ облека. Некои луѓе мислат дека е „стара“ или „неатрактивна“, но вистината е сосема поинаква. Овој тип на купување бара цел процес барање, селекција, трпение и внимание кон детали. Не е само да купиш, туку да најдеш нешто уникатно, со квалитет и стил што ја раскажува својата приказна“.
Всушност штедливоста не е само хоби за Дафина, туку страст и начин на живот кој само потсетува дека треба да бидеме свесни за одржливоста и да ја цениме вредноста на секое парче облека.
Габриела Додевска Глигоровска