Бесплатна лековита вода на само 2 часа од Скопје: Извира во поранешна воденица, лек за нерви и проблеми со 'рбетот

Добивај вести на Viber

Во селото Миљковац, на само петнаесет километри од Ниш, се наоѓа недопрена бања за која мештаните веруваат дека има чудотворна моќ.

На југот на Србија, далеку од комерцијализираните туристички центри, постои место што сѐ повеќе ги освојува љубителите на природата – Бања Видриште. 

Скриена во селото Миљковац, оваа бања не е на туристичките брошури, но со својата едноставност и природна убавина станува вистинска атракција за оние што бараат мир и автентично искуство.

Неодамна ја посети и српската тревел блогерка Александра Дидиќ, која по преселбата во Ниш решила да ја истражи околината. „За оваа бања сигурно не сте слушнале. Од оваа вода се случуваат чуда! 

Бањата има неколку извори со температура над 30 степени и е создадена на остатоци од стара воденица. Лековитоста ја открил стар воденичар кој по капење – проодел, напиша таа на својот Инстаграм профил.


Мештаните тврдат дека водата помага при проблеми со коски и ревма, а многумина сведочат дека по престојот се вратиле дома со олеснување. 

За разлика од уредените бањи, Видриште нуди импровизиран базен, мала просторија за пресоблекување изградена од локалните жители и поглед кон околните зелени ридови – амбиент кој дава чувство дека сте зачекориле во друго време.

„Секоја година одам по две недели. Водата е одлична, природата прекрасна“, вели еден од редовните посетители. Друг додава: „Најубаво е што местото не е урбанизирано, туку го задржало својот природен шарм“.

Видеоснимките од Бањата привлекоа и нови љубопитници. „Генијално место, никогаш досега не сум видела ни слушнала, но сега го ставам на листата желби“, гласи еден од коментарите.

Бања Видриште можеби нема луксузни спа-содржини, но нуди нешто поретко – исконска врска со природата, тивок амбиент и вера во моќта на водата. А за многумина, токму тоа е најголемиот луксуз.

РЖМ 


*Забрането е преземање содржини од „Женски магазин“