Ова е најдобриот лек за човекот! Хипократ бил во право
Грчкиот лекар Хипократ пред 2.000 години изјавил дека одењето е најдобриот лек за човекот, а сега бројни научни студии го потврдуваат ова.
Ново обемно истражување од Норвешка носи охрабрувачки вести за сите оние кои водат седентарен начин на живот - секојдневното одење е најдобриот лек за една личност. Сега е потврдено дека може значително да го намали ризикот од развој на хронична болка во долниот дел од грбот. И она што е особено интересно - не е важно колку брзо одите, туку колку долго!
Студијата ја водеше научничката Рајане Хадаџ од Норвешкиот универзитет за наука и технологија, а резултатите беа објавени во престижното списание JAMA Network Open. Анализирани се податоците на 11.004 возрасни лица кои носеле акцелерометри на бутовите и долниот дел од грбот во текот на една недела, при што е евидентирано нивното дневно ниво на активност, пишува Science Alert.
Повеќе одење - помал ризик од болка
Учесниците кои оделе помеѓу 78 и 100 минути на ден имале 13% помал ризик од хронична болка во грбот. Оние кои оделе повеќе од 100 минути на ден уживале уште поголема заштита - ризикот се намалил за дури 23%. Интересно е што интензитетот на одење имал само мало влијание, додека вкупната количина на одење била клучна.
„Нашите наоди сугерираат дека времетраењето на одењето е поважно од брзината кога станува збор за спречување на хронична болка во грбот“, забележале авторите на студијата. Ова значи дека дури и умереното темпо на одење, ако трае доволно долго, може да има значително влијание врз здравјето на 'рбетот.
Научна потврда за мудроста на Хипократ
Пред повеќе од 2.000 години, грчкиот лекар Хипократ изјавил дека одењето е „најдобриот лек за човекот“. Денес, благодарение на современите методи на истражување, науката сè повеќе ја потврдува оваа древна изрека - особено кога станува збор за хронична болка во долниот дел на грбот, што е еден од најчестите здравствени проблеми денес.
Дополнително, авторите истакнуваат дека промовирањето на одењето како секојдневна навика може да има големо значење за јавното здравје, особено во борбата против последиците од седечкиот начин на живот.
5 здравствени придобивки од одењето:
*Го намалува ризикот од хронична болка во грбот - како што покажа норвешка студија.
*Го подобрува здравјето на срцето - редовното одење го намалува крвниот притисок и холестеролот.
*Го намалува ризикот од рак - особено рак на дојка и дебело црево.
*Ги стимулира когнитивните функции - има позитивен ефект врз меморијата и концентрацијата.
*Го продолжува животниот век - редовната физичка активност е поврзана со подолг и подобар квалитет на живот.
Значи, секојдневната прошетка, дури и со лежерно темпо, може да има далекусежни придобивки за телото и умот. Време е одењето да стане неопходен дел од нашата дневна рутина.
РЖМ/ИС - ФОТО PIxabay