Женските теми на дното од програмата: Скопје доби жена кандидат за градоначалник, но дали жените добија реален застапник?

Добивај вести на Viber

Македонија е на прагот на револуција, во вредносна смисла. Ако до пред 20 години не беше замисливо на челните државни позиции да стојат жени, денеска ја имаме првата жена претседател, актуелната градоначалничка на Скопје како прва жена градоначалник на главниот град, жени на министерски позиции за сектори кои до неодамна беа сметани за ексклузивно машки. 

И додека со голем ентузијазам народот ја прифати веста дека жените полека, но сигурно ги населуваат капиталните позиции во владеењето, во новите изборни програми на кандидатки за градоначалници, не слушнавме ниту една идеја која ќе ги донесе жените на поповолни политички или општествени функции. 

Од редовите на СДСМ, до неодамна владејачка партија, денеска најголема опозициска партија, во јавноста одекна името на еден до скоро анонимус од политичка фигура - Каја Шукова. СДСМ во својата идеолошка припадност и либералистичка визура, во централното подрачје на својата идеолошка матрица ја сместува токму позицијата на жената во општеството, а потем и маргиналните групи, општествената неправда кон поединецот, една би се рекло типично индивидуалистичка атмосфера. 

Според Шукова, прашањето за наталитетот, задржувањето на младите и поддршката за семејствата е јасно препознаено како стратешки предизвик за иднината на Скопје. Во фокусот на програмата стои заложбата за создавање услови младите да останат тука, да работат, да основаат семејство и да ги гледаат своите деца како растат во достоинствени услови. Во програмата постојат и многу општи мерки за поддршка на социјално ранливи категории, меѓу кои се вклучени и семејства со ниски приходи, меѓу кои се и самохраните родители. Иако Шукова ни посочи дека постојат јасни мерки за реализирање на овие програми, за јавноста е уште нејасно дали тие ќе останат само на база на идеализам, или сепак, има реални шанси ваквите предизборни ветувања впишани во програмата да се реализираат. 

Функција без суштина или реални заложби за статусот на жените 

Финансиска помош за мајките, подобрување на згрижувачките капацитети на градинките, подобрување на условите во основните и средните училишта се чини дека се на маргините на програмата, поддршка во вработувањето, обуки за доквалификации и преквалификации, заштита на бремените жени, прилагодување на градските превози со места за мајки со мали деца или трудници, се само дел од барањата на жените кои очекуваат дека на ниво на локална власт ќе им бидат конечно обезбедени.

Изборната програма покажува јасна насока кон зголемување на пристапноста и хуманизација на јавниот простор, особено за ранливи категории. Преку мерката „Градски паркинг - бесплатен или субвенциониран паркинг за одредени категории на граѓани“, се отвора простор за приоритетен третман на родители со мали деца, особено во првите месеци по раѓањето, кога секојдневието им е најчесто најсложно, од пелени до колички. Ова прашање е дел од пошироката визија за град кој ја поддржува родителската улога, не само декларативно, туку со конкретни инфраструктурни решенија, вели Шукова за „Женски магазин“. 

Иако е покажана добра волја во однос на овие прашања во изборната програма граѓаните стравуваат од дежа ви, бидејќи и досега жените како гласачко тело се надеваа на реални промени, кои подоцна под притисок на реалната слика и неуспевањето на градскиот менаџмент да управува со внатрешните капацитети на власта, се одрази негативно по состојбата на жените. 

Жените не добиваат реално застапување во инстанците на локалната власт, иако се надеваат дека женската етика и женскиот ентитет ќе донесе поголема видливост на секојдневните, граѓанските проблеми со кои се соочуваат жените. 

Засега женското владеење, барем од она што можеме да го видиме во изборните програми на кадидатката за градоначалник останува само функција без суштина. Или гласање на жена, само за тоа што е жена прави многу поголем проблем, одошто услуга на жените. Не само што се покажува дека женските прашања не се важни, барем тоа не е истакнато во нејзините јавни настапи и кампањи се додека не се доведе под прашање, туку се испраќа штетна порака дека жените како гласачко тело со свои карактеристики и како интересна група немаат свој делегат во власта. Или и кога имаат делегат во власта се покажува дека не е доволно сензибилизиран за женски теми, иако како жена ги споделува истите проблеми со нив. 

Јавен превоз со адаптирани седишта за бремени жени и паркинг места за мајки со деца 

Концептот на достапен, модерен и хуман јавен превоз е клучен дел од визијата за Скопје. Програмата дава солидна основа за идно проширување, преку силен фокус на модернизација на јавниот превоз, со набавка на нови еколошки автобуси и воведување на современи информативни и електронски системи, интегрирана и пристапна мобилност - која ги вклучува сите категории граѓани и градскиот ваучер „Скопје за сите“, кој обезбедува бесплатна или субвенционирана карта за ЈСП за одредени социјални категории. Во пракса овие мерки би можеле да им користат и на бремените жени, особено ако припаѓаат на семејства со низок приход. Исто така, заложбата за пристапен јавен простор и јавни услуги за сите граѓани, особено ранливите групи, покажува политичка волја за град кој го става човекот во центарот на политиките, вели Шукова за „Женски магазин“. 

Дел од овие програми и досега беа присутни како идеја, но во пракса, мајките со мали деца повторно остануваа без свое паркинг место поради општата неусогласеност на менаџирањето со паркинг места како горлив проблем на Скопје, а градските автобуси остануваа со скусен возен ред и проблеми во градското претпријатие кое одеше на штета на граѓаните. Иако изборната програма звучи примамливо за жените гласачки, тие се скептични дека нивните проблеми ќе се имплементираат поради општата лоша слика која повторно на површина ќе извади други приорирети што ќе ги потиснат женските теми. 

Економско зајакнување на жените 

Во изборната програма се препознава потребата од економско зајакнување на ранливите категории, а жените, особено оние надвор од пазарот на труд или со прекин во кариерата поради мајчинство или грижа за семејството, се важен дел од таа група.

Програмата предвидува програми за вработување и обука за ранливи групи, развој на дневни центри за грижа, кои индиректно ја олеснуваат вклученоста на жените на пазарот на труд и мултисензорни училници и подобрување на пристапот до образовни услуги, како дел од поширок пристап кон инклузивност и поддршка.Овие мерки можат, и треба, да бидат надградени со специфични програми за доквалификација и преквалификација на жени, особено во професии каде има недостиг од кадар, како ИКТ, грижа, еколошки сектори и социјални услуги, вели Шукова. 

На кој начин ќе се работи на економско зајакнување на жените и дали програмата е изводлива засега останува непознаница за јавноста. Од идеја до реализација потребен е долг институционален процес, пред се буџетско кореспондирање со капацитетите, за кое не постои гаранција дека ќе се реализира. 

Дали навистина кандидатката за градоначалник е подготвена за женско лидерство?

Сето ова отвора едно суштинско прашање – дали навистина сме подготвени за женско лидерство или се задоволуваме со формата без суштина? Жените во политиката не треба да бидат само симболичен украс, туку реални носители на промени кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Да се избере жена на висока функција не значи автоматски и победа за жените. Напротив, тоа може да биде и пораз ако таа жена не е сензибилизирана на темите кои директно ги засегаат жените, семејствата и ранливите групи.

Гласачите очекуваат од жените на власт поголема емпатија, појасна визија и политики кои ќе ја олеснат секојдневната борба со предизвиците – било да се тоа услуги во градинките, пристапен јавен превоз или поддршка за мајките и работничките. Ако ваквите теми изостанат, тогаш довербата која им е дадена не само што се изневерува, туку и се испраќа опасна порака дека „женските прашања“ се небитни.

Иако тие може да се дел од програмите на кандидатите за градоначалници, во нивните јавни настапи тие не се истакнуваат како приоритети. Да добиете било каков одговор за тоа дали женските теми ќе бидат застапени, мора да го доведете тоа под прашање. Што покажува дека кампањите дури и кога и кога кандидатите за градоначалници се жени се дефокусира во јавноста, со што се испраќа порака дека тие се секундарни или уште полошо на дното од програмата. 

Жените како гласачко тело не се маргина – тие се мнозинство, тие се оние кои ја одржуваат општествената ткивност. Игнорирањето на нивните потреби значи игнорирање на реалноста. Затоа, политиката на „форма без суштина“ не е само промашена стратегија, туку и директна штета за иднината на општеството. 

РЖМ / МСК