„Знаев дека ќе бидам новинар уште како дете, тоа беше мојата најголема желба“: Искрено интервју со новинарката Бојана Димитријевска Марковска

Уште како дете знаела што сака да биде – новинар. Во детските игри, таа секогаш ја имала улогата на онаа што прашува, а нејзини соговорници биле блиски другари и братучеди. Љубопитноста и природниот дар за комуникација, кои тогаш биле игра, со текот на времето прераснале во животна професија.
Пред 18 години, Бојана Димитријевска Марковска го направила својот прв чекор во новинарскиот свет. А само четири години подоцна, дебитирала во живо пред камера – со свое вклучување од пред Собранието на Република Македонија.
Денес ја гледаме како лице на вестите на Алфа Телевизија – како водителка и уредничка, позната по својата професионалност, точност и етички пристап. Но, надвор од телевизиските екрани, Бојана е грижлива мајка и посветена сопруга – улоги кои ги исполнува со истата страст и посветеност како и својата работа.
И токму професионалниот пат ѝ ја донел и љубовта на животот. Со својот сопруг, новинар како и таа, првпат се сретнале работејќи како репортери од Собранието. Љубовта што таму започнала, трае веќе 13 години – крунисана со ќерката Евгенија, нивниот најголем заеднички успех.
Бојана Димитријевска Марковска одблизу за Женски магазин …
- Знаев дека тоа ќе биде мојата професија уште како дете. Тоа беше мојата најголема желба. Новинарството е креативна, активна, моќна професија, која нуди големи можности. Има хумана димензија, освен што новинарите ги информираат граѓаните, им помагаат да се слушне и нивниот глас, нивните проблеми и заеднички да побараат решение од институциите. Новинарството им дава светлина, на многу нешта кои некој сака да ги скрие во мрак.
Кариерата ја започнала во печатен медиум, но динамиката и возбудата на телевизијата биле одлучни да ја гледаме каде што и денес е активна.
- Во медиумите сум речиси 18 години години. Почнав да работам веднаш откако се запишав на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Стартот ми беше во печатен медиум неделникот „Форум“, а неколку години подоцна направив трансфер во телевизија. Пред скоро 14 години прв пат застанав пред камера и во живо им се обратив на гледачите од пред Собранието, известував за седницата која беше во тек. Тремата секако постоеше, но се помина одлично, јас бев фокусирана на тоа што ќе го кажам и најважно ми беше да го пренесам јасно и концизно.
Предизвиците се различни, но адреналинот е постојано присутен во секој сегмент од новинарското секојдневие – без разлика дали станува збор за работа како водител, уредник или репортер на терен.
- Секоја позиција си има свој предизвик. Но сепак е различен тип на предизвик. Како репортер известуваш од настан, а кога си уредник и водител на вести тогаш имаш поодговорна задача. Го креираш денот, им даваш задачи на репортерите, ги читаш нивните извештаи, ги подготвуваш најавите и на крај ги читаш вестите. Има адреналин и на терен и во студио.
Бојана го започнува секој свој ден со искрена и топла прегратка од својата ќерка Евгенија, по што следува голтка кафе пред да се посвети на работните обврски.
- Утрото го започнувам со гушкање со мојата ќеркичка Евгенија. Потоа се спремаме (се дотеруваме – се смее) и во градинка ја носи сопругот Градимир, а јас пред да ми започне работниот ден имам малку време за себе да испијам кафе, да си направам појадок, па одам на работа каде го пијам второто кафе заедно со колегите, правиме план за денот и ги делиме обврските. Во зависност од тоа какви вести носи денот и дали сум дежурен уредник, така и се одвива работниот ден. Некогаш може да трае подолго, некогаш пократко. Во новинарството нема работно време. Може да ти заѕвони телефонот и во 5 часот наутро и во 12 на полноќ и треба да одиш на терен или да влезеш во студио.
Детската игра во која Бојана секогаш ја имала улогата на водителка, денес е нејзина реалност. Одлуката да се посвети на новинарството се зацврстила уште во основно училиште, кога добила ангажман како радио водителка во училишното радио.
- Како малечка ги собирав децата пред зграда или моите братучеди, за да си играме телевизиска емисија. Тогаш беше популарна „Ѕвон“ и оттука произлегуваше идејата за таква игра. И јас секогаш бев таа што прашуваше, а другите беа гости. Исто и дома, моите и баба ми и дедо ми ги прифаќаа моите игри и беа одлични соговорници. Подоцна кога бев во основно училиште, мојата учителка ги забележа моите афинитети и предложи да бидам автор и водител на радиоемисија за училиштето во кое учев. Емисијата се емитуваше секоја сабота. Тогаш всушност сфатив колку можности нуди новинарството и дека јас сакам тоа да студирам еден ден.
„Искуството игра клучна улога во непредвидени ситуации“, вели Бојана. Токму тогаш снаодливоста треба да биде најсилната страна на новинарот.
- Понекогаш е навистина стресно кога ќе се соочиш со непредвидена ситуација, но мислам дека искуството тука игра голема улога. Колку повеќе стаж зад себе, толку полесно се извлекуваш од некоја ситуација. Најважно во тие моменти е да си свесен дека тоа е програма во живо и ние зад камерите сме живи луѓе и може се да се случи, но треба да останеш смирен и сконцентриран на она што сакаш да им го кажеш на оние пред малите екрани.
Понекогаш деновите како водител и уредник на вести се полни со стрес и хаос. Понекогаш подготовките може да течат без проблеми, но има и моменти кога, како што вели Бојана, „облекувам сако и влегувам во студио“.
- Зависно од денот, какви вести носи, што се случува. Дали се тоа дневни настани или емисија која бара подетална анализа. Но има случаи кога и без подготовка сум се појавувала во етер, кога е вонредна ситуација и немаш време да правиш сценарио. Тогаш само облекувам сако и влегувам во студио. Имало повеќе такви моменти, кога буквално без една буква претходно напишана застануваш пред камера.
Со својот сопруг, новинарот Градимир Марковски, Бојана е заедно повеќе од 13 години. Новинарството ги споило како пар – се запознале во Собранието, каде на почетокот од своите кариери речиси секојдневно известувале. Плод на нивната љубов е ќерката Евгенија, која на нивниот заеднички живот му дала поинаква димензија и нова енергија.
- Многу
љубов, непроспиени ноќи, искрени насмевки, игри, заеднички откриваме нови
нешта, јас ја учам како да се бори во животот, таа ме потсетува дека морам да
бидам трпелива. Домашните обврски си ги делиме. Ако еден средува дома, другиот
си игра со Евгенија. Важно да не е хаос, да се заврши побрзо некоја работа и
најважно ни е што повеќе време да поминуваме сите тројца заедно.
Се чувствувала виновно и Бојана кога се вратила на работа по завршувањето на трудничкото отсуство — чувство што, според многу мајки, е речиси неизбежно, дури и кога детето е згрижено од блиски членови на семејството, како што било случајот со нејзината ќерка Евгенија, која останала дома со баба и дедо.
- На почетокот кога после породилното отсуство требаше да се вратам на работа, тоа ми падна некако тешко. Зошто девет месеци, буквално ниту еден ден не бевме одвоени. И знам дека неоправдано имав такво чувство, зошто Евгенија ја чуваа баба и дедо, ништо не и фалеше, беспрекорно и пожртвувано се грижеа за неа со премногу љубов и внимание. Сега оди во градинка, но оние денови кога јас сум на вести, тогаш ја гледам пред спиење или кога доаѓам таа веќе спие. Сепак немаме проблем околку тоа, зошто се адаптирира. Си научи дека мама и тато работат понекогаш и за викенд и за празник и дека има денови кога си доаѓаат подоцна од работа.
Мајчинството е љубов што не бара зборови – само еден поглед кон своето дете е доволен за да се заборави секој замор и грижа. Чувство што претставува една од најголемите животни промени, што бара емоционална, физичка и психолошка подготвеност, па така и за Бојана.
- Кога треба да ја убедам во нешто и да и докажам дека тоа што го прави не е добро. Кога плаче, а и сама не знае зошто, па барам начин како да ја смирам. Во тие ситуации честопати сум рекла, воопшто не е лесно да си родител. На дете од две, три години тешко можеш да му објасниш што е црно, а што бело. Па има моменти кога сам на себе си досадуваш со измислени приказни и реченици кои ги повторуваш по 100-ти пат. Но сепак мајчинството е една од најубавите работи, па секој ден поминат со Евгенија, само ме потсетува што му дава смисла на мојот живот.
Родителите се првите учители на децата, а вредностите што им ги пренесуваат – остануваат темел на нивната личност низ целиот живот. Она што е најважно вели Бојана е нејзината ќерка да биде добар човек.
- Гласно и јасно да каже што сака, а што и пречи, да биде борец, но и соборец и секогаш во животот да ја води добрата и позитивна мисла.
Со времето сме во постојана трка, кога го нема Бојана сама си го наоѓа за себе и за своите најблиски.
- Кога ќе се направи добра организација на денот, има време за сѐ. На секој човек му треба оддишка, зошто секојдневните обврски го мелат. Најчесто сакам да гледам серија, да одам на некој козметички третман или на шопинг.
Љубовта велат доаѓа и преку стомакот. Па за добар брак не е задолжително, но пожелно е брачните партнери добро да се снаоѓаат во кујната. Во семејството Марковски тоа е заемно.
- Сакам да готвам, да правам разни јадења и да експериментирам. Најомилени ми се оние што брзо се прават (се смее). Правам и традиционални македонски јадења, но знам да изненадам и со некој италијански, француски или мексикански рецепт. Градимир ми е најважниот дегустатор и често знае да ме пофали за готвењето. Но и тој се снаоѓа одлично во кујна. Ги прави највкусните појадоци за викенд, се разбира омилените на Евгенија.
Габриела Додевска ГлигоровскаФото: Приватна архива