Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели во Истанбул е добитник на наградата „Најдобар пример за бизнис жена во Југоисточна Европа“.
На форумот има вкупно шест добитници од целиот свет, а покрај Арсовска наградени се претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, БаласзРакози, државен секретар на Министерство за национална економија на Унгарија и лидер на делегација на Вишеградската четворка, ДаунХетзел од САД, претседател на ЈСК, Филипе Араујо, вицеградоначалник на Порто, Потугалија.
За време на тридневниот форум, Арсовска ќе биде и специјален говорник на „Самитот за влијанието на инвестициите“ со фокус на „Влијанието на жените лидери во процесот на инвестирање со добивка“.
Светскиот конгрес на бизнис ангели 2018 е домаќин на повеќе од 1.200 делегати од над 70 држави од целиот свет. Организирани се пет различни самити на значајни економски теми на кои дискутираат еминентни личности од политиката, бизнисот, науката, корпоративната елита. Целта на Светскиот форум на бизнис ангели е поврзување на бизнис ангелите, менаџерите на фондови, на берзи, извршни директори на корпорации во насока на размена на најновите информации за движењето на капиталот и паметно инвестирање.