Ниту еден македонски град на европската листа градови кои најлесно се истражуваат пеш и со јавен превоз, уште една потсетница колку заостануваме
Кога планирате патување во една од европските метрополи, квалитетниот јавен превоз и лесните пешачки патеки се клучни за целокупното искуство. Нова анкета откри кој град нуди најдобри услови за истражување без автомобил, а победникот е изненадување за многумина - Атина.
Хотелската компанија „Акор“ анализираше податоци за градовите низ целиот континент, земајќи ги предвид фактори како што се пешачките зони во центарот, разновидноста и достапноста на јавниот превоз и близината до главните атракции, пишува „Дејли меил“.
Атина на врвот со речиси совршен резултат
Главниот град на Грција го освои првото место со импресивен резултат од 99,75 од 100. Особено се издвои по својот пешачки појас што го опкружува Акропол, овозможувајќи им на туристите непречено да уживаат во историските знаменитости. Области на Атина како што се Плака, Монастираки и Псири се лесно достапни пеш, додека крајбрежјето и аеродромот се добро поврзани со трамвај и метро, пишува „Дејли меил“.
Следат Минхен и Лисабон
На второ место е Минхен со резултат од 97,7. Посетителите што пристигнуваат со авион можат лесно да стигнат до историскиот центар на градот со воз, а самиот центар е идеален за истражување пеш. Градот нуди и густа мрежа на трамваи и практични линии на U-Bahn. Лисабон го освои третото место со 91,28 поени, добивајќи неверојатни 100 проценти за разновидност на транспортот. Главниот град на Португалија нуди широк спектар на опции - од метро до фериботи што ги носат посетителите по реката Тах.
Главниот град на Бугарија, Софија, се пласираше на високото четврто место со 88,16 поени. Градот доби 90 проценти за пристапност и удобност, а се издвојува особено со цената на билет за 24-часовен превоз од само две евра. Посетителите можат да истражуваат бројни знаменитости пеш, вклучувајќи го паркот Борисова Градина и катедралата Свети Александар Невски. Петтото место го делат Хамбург, Виена, Порто и Мадрид со резултат од 87,12. Цирих е на деветтото место (81,8), а Лион (79,38) ги комплетира првите десет.
Најдобрите европски градови за одмор без автомобили:
Атина
Минхен
Лисабон
Софија
Хамбург
Виена
Порто
Мадрид
Цирих
Лион
РЖМ/ИС -FOTO: Unsplash -Andrea Leopardi