Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Ирена Мулачка: Другарките ме прават среќна
Целиот ден ми поминува во петта брзина и во последните неколку години се научив да живеам со тоа темпо. Само малку да закочам со активностите и веднаш почнува да ми фали брзото темпо на живот. Ретко го почнувам денот со цеден сок, а не јадам до пет поручек така што организмот веќе години наназад ми функционира на овој начин. Не сум баш тип на човек што го обожава здравиот начин на живот, иако тоа кај нас веќе премина во модерен начин на живот. Сакам да го правам тоа што ме прави среќна. Така да, денот го започнувам со моите работни обврски во „Фокус“, обврски околу сајтот, теми за неделникот, средби со луѓе, нешто што дополнително ме исполнува, со оглед на тоа што премногу си ја сакам работата. Целиот ден ми е исполнет со средби со луѓе, телефонски разговори, документи. Обожавам кога сум „затрупана“ со документи кои откриваат криминал или корупција во општеството, па додека да излезе наредниот број на неделникот темелно се занимавам со тоа за се да биде докажано и проверено.
Како ритуал ми е после завршувањето на работните обврски да одам во кафеана или на кафе со другарките, па тука се отвораат разни теми на муабет, книги, филмови, кои дополнително ме полнат со позитивна енергија и ме прават среќна. Во последниот период често одам на театар и во Македонска опера и балет, нормално за да направам баланс меѓу кафеаните и културните настани. Како што веќе кажав, денот ми трае доста долго, со оглед на тоа што станувам рано, а легнувам после три по полноќ. Јас сум ноќна птица. Сакам пред спиење, после целодневната трка со времето да изгледам добар трилер, но како и по традиција најчесто завршувам со книгата во раце и најсреќна сум кога редовно ја збогатувам мојата библиотека. Кога ќе отидам да си купам книга, обично се враќам со полни ќеси бидејќи сакам да ги имам сите. Една од омилените книги ми е биографијата за Џеки Кенеди Оназис, која е едноставна, паметна и дама со стил, па редовно вечерта ја завршувам со неа.