12-ти Ерсте инвеститорски појадок во организација на Ерсте Груп и Шпаркасе Банка АД Скопје

Добивај вести на Viber

Денеска во хотелот „Мериот“ во Скопје се одржа 12-тиот Ерсте инвеститорски појадок, традиционален настан во организација на Ерсте Груп и Шпаркасе Банка АД Скопје, кој и годинава на едно место ги собра водечките експерти од финансискиот и економскиот сектор. Темата на годинашниот настан, „Навигација низ иднината на инвестициите: макроекономија, тргување и вештачка интелигенција“, беше фокусирана на најновите глобални и регионални економски трендови што влијаат врз инвестициските стратегии и пазарите на капитал.

Настанот го отвори г-ѓа Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, која во своето воведно обраќање ја истакна важноста на ваквите иницијативи за унапредување на знаењето, поттикнување на деловниот дијалог и поддршка на стабилен и одржлив економски развој.

„Драго ми е што овој настан прерасна во етаблирана платформа и препознатлив бренд во финансиската индустрија, а овогодишната тема се надоврзува на потребата да се погледне напред. Иако предизвиците од глобалните економски текови, климатските промени и регионалните нестабилности остануваат присутни, верувам дека зголемените инвестиции и контролата на инфлацијата, во корелација со корисноста од вештачката интелигенција и машинското учење, можат да создадат особено поволни услови за економски напредок“ – изјави г-ѓа Нина Неданоска, заменик-претседател на УО на Шпаркасе Банка.

Инаку, Шпаркасе Банка ги поддржува локалните инвеститори и нуди услуги за тргување со хартии од вредност на домашни и на странски пазари – тргување преку најголемите 40 берзи во светот, и во моментов Банката има највисоко пазарно учество од 45 % во делот на тргување на странски пазари.

На настанот, покрај претставниците на Шпаркасе Банка, учествуваа гости од институции и експерти од Ерсте Груп. Г-ѓа Ана Митреска, заменик-гувернер на Народната банка, ги сподели своите видувања за монетарната политика, за инфлацијата и за економскиот раст, додека г-ѓа Гордана Димитриеска-Кочоска од Министерството за финансии истакна дека дијалогот меѓу јавниот и приватниот сектор е клучен за стабилност и доверба.


Г. Мате Јелиќ, виш макроекономски аналитичар во Ерсте и Штаермеркише Банка, презентираше анализи за глобалните и регионалните економски трендови и за инвестициските можности. Во вториот дел, г. Закари Карвел од Ерсте Банка АГ и г. Лукаш Бихари од Плуридио зборуваа за примената на машинско учење и на технологијата во тргувањето и управувањето со ризик.

Настанот заврши со дискусијата „Еспресо за пазарите на должнички капитал“, со г. Томислав Нералиќ и г. Антун Буриќ од Ерсте Груп, фокусирана на трендовите, на ликвидноста и на перспективите на регионални пазари на капитал.

Дванаесеттиот Ерсте инвеститорски појадок повторно потврди дека Ерсте Груп и Шпаркасе Банка АД Скопје остануваат посветени на создавање платформа за професионален дијалог и размена на експертиза меѓу носителите на економските политики, финансиските институции и инвеститорската заедница.

Годинава настанот се одржа непосредно по одбележувањето на големиот јубилеј – 200 години од основањето на Групацијата Штаермеркише Шпаркасе, од која Шпаркасе Банка АД Скопје е дел речиси две децении. Инвеститорскиот појадок претставува единствен настан во земјата што ги обединува водечките економски експерти, претставници на институции и инвеститори заради размена на искуства, стекнување нови знаења за тргување и инвестирање, како и поттикнување одржлив економски раст и инвестициски активности во земјата и пошироко.