„Среќен небесен роденден“: Ана од Кочани со емотивен ритуал за братот Спире што го изгуби прерано
Во тишината на едно зајдисонце, каде небото се бои во топли нијанси, Ана Стоименова стои сама со 27 сини балони во рацете. Балони кои не се само украс – туку тивка молитва, сеќавање и љубов што ја премостува границата меѓу земното и небесното.
Нејзиниот брат Спире, едно од 63-те млади срца кои згаснаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 12 ноември требаше да го прослави својот 27. роденден. Наместо торта и свеќички, Ана одбра да му подари нешто што може да стигне таму каде што не може таа – високо кон небото.

„Среќен небесен роденден брат. Оваа година можам да ти подарам само 27 балони“, напиша таа на своето Инстаграм Стори.
И така, еден по еден, сите тие сини балони – по еден за секоја година што Спире ја живееше и уште еден за онаа што не ја дочека – полека се одвојуваат од нејзината рака и летаат нагоре. Симболично, нежно, но разорно болно.
Ана, како и многу други семејства кои ја носат тагата од кобниот 16 март, го бара својот начин да продолжи да живее со празнината што остана. И секој ваков чин, секоја фотографија или тивка порака што ја споделуваат блиските, ја потсетува Македонија дека зад бројките стојат животи, незаборавени имиња и љубов која не завршува со смртта.

А небото тој ден доби 27 сини балони – и уште едно „недостасуваш“ кое одекнува далеку, многу подалеку од екранот на телефон.
РЖМ/ИС - ФОТО: Инстаграм Ана Стоименова