Природен базен со топла вода среде село: Ново откритие на еко-авантуристот Димче Ацков (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Велешанецот Димче Ацков, познат по својот природен начин на живот и љубовта кон едноставното живеење, повторно ја воодушеви јавноста со ново видео на својот Јутјуб канал „Сонцогор“. Човекот кој живее во куќа изградена од еко-материјали и проповеда живот во хармонија со природата, овој пат ја откри убавината на српското село Попшица, каде што се наоѓа еден вистински природен бисер – термален базен среде село.

„Овој пат сум на патување во Србија. Открив едно многу интересно и уникатно место – базен со топла вода среде село. Селото се вика Попшица. Од Ниш до Кравје стигнав со бесплатен автобус, а потоа се пешачев неколку километри до ова село. Температурата на водата е околу 23 степени, а во зима е совршена за капење“, раскажува Димче во своето видео.

Природен бисер со богата историја

Попшица е село во општина Сврљиг, Нишки округ. Според пописот од 2022 година, таму живеат само 54 жители, што го прави ова место вистинска оаза на мир и природна убавина.

Термалниот базен, познат меѓу мештаните како „Мал Кариби“, се наоѓа на околу 20 километри од Сврљиг, а до него води целосно асфалтиран пат. Посетителите можат да го користат базенот бесплатно, а токму тоа го прави уште попривлечно место за љубителите на авантури и природа.

Селото е богато со вода – низ него тече Копајска река, чија чистота е позната по тоа што во неа живеат ракови и пастрмки.


Историја и обновување на базенот

Историјата на овој природен базен датира уште од 1969 година, кога жителите на Попшица, со поддршка од тогашните локални власти и компании од Сврљиг, го оградиле просторот околу изворот Грло и изградиле базен со природна термална вода.

Со текот на годините, базенот постепено се намалувал, но и денес има длабочина која се движи од плитка до околу два метри. Во летните месеци, ова место станува вистинска атракција за туристи и љубители на природата.

Во 2002 година, еден швајцарски гастарбајтер, потекло од селото, го обновил базенот и просторот околу него. Направил детски базен, уредил лежајки од камен за сончање, а додаден е и извор со пивка вода за која мештаните велат дека е лековита – особено корисна за желудникот и при гастритис.

Живот во склад со природата

Димче Ацков и овојпат ја покажува својата страст кон едноставниот и природен живот, инспирирајќи многумина да погледнат подлабоко во убавината на природата и да научат да уживаат во малите нешта.

Неговите видеа, исполнети со мир, автентичност и поука, сè почесто стануваат инспирација за луѓе кои бараат бегство од градската врева и сакаат да најдат начин да се поврзат со природата.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Јутјуб