Анета Наковска најави: Жешка атмосфера, до зори ќе гори

Добивај вести на Viber

Во изминатиов период Анета Наковска живее на релација Америка – Македонија. И овде и таму има работни ангажмани и голем број пријатели кои ја прават среќна. Вели дека сега е во фаза на музичка зрелост, кога со својата визија, може да изнесе еден цел проект – од создавање песна и видео до нивна реализација.

- Тоа и го сторив со мојата најнова песна која носи наслов „Жешка атмосфера“ или „До зори ќе гори“. Многу ме радува што моите драги колеги несебично ми излегоа во пресрет и се појавија во спотот, останувајки цел ден покрај мене во реализација на истиот. На мое огромно задоволство, видеото по моја замисла, го снимавме на една магична локација во куќата која ја осмисли и изгради пред околу дваесетина години генијалниот и секогаш авангарден Зоран Илиев - Роџер, познат како Зоки Роџер.

Таа е прогласена за една од 50-те најубави куќи на светско ниво во магазинот Форбс. Дел од кадрите се снимени во автоперална која ја поседува мој драг пријател и колега, хармоникашот Гоце Јаневски од групата „Премиер“. Голема беше помошта и од моите долгогодишни другари и колеги Баже Грујовски, Гоце Пејковски и Борислав Марковски, исклучително квалитетен вокал кој свири во воениот оркестар. Бескрајно сум им благодарна. Веселбата и забавата која се прикажува во видеото не ја глумевме. Ја доживеавме во вистинска смисла на зборот во ресторанот на Ѓорги Петковски, кој несебично нѐ угости. Во него се појавија и моите драги колешки Сандра Милковска, Благица и Зорица – открива Наковска која поради проблемите со монтажата на видеото морала да се врати од Америка.

- Го снимаше ИНТВ продукција, но ми ја откажаа монтажата, бидејќи не можеа да ја разберат мојата замисла. Решив сама да го сторам тоа со помош на едно генијално младо дете Емил Иванов. Свесна сум дека има пропусти, но оптимист сум, зашто успеавме да пренесеме една експлозија од позитивна енергија. Бидејќи земав часови кај нашата оперска дива примадоната Милка Ефтимова, ми останаа некаде длабоко во душата, желбата и меракот еден ден да можам барем малку да запеам на оперски начин, искомбинирано во некоја моја песна. 

Пораснав со рок музика и никој не очекуваше од мене дека некогаш ќе запливам во фолк водите. Откако татко ми почна да го прави фестивалот Тримери во Струмица кадешто беше собрана целата фолк елита, а на чело на жири комисијата беше покојниот Мате Грујовски, се најдов на сцената.Бидејки талентот веќе го поседував, настапив со песна од Љупчо Трајковски Фис, а текстот беше мое дело – вели таа и додава. Мојот животен сон беше откако ќе го завршев Филозофскиот факултет на одсек компаративна книжевност да бидам професорка, генерално просветен работник или писател. Оваа неисполнета желба ја вметнав во еден кадар од овој спот – открива Наковска која најавува уште два нови проекти.


С.А.Н