„Цеца да не беше, немаше да стигнам до финале“: Македонецот Никола Санишиќ на чекор до победа во „Ѕвездите на Гранд“

Македонскиот финалист на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Никола Санишиќ, уште од својот прв настап ги освои срцата на жирито и публиката. Со својот исклучителен вокал и харизма, Никола на ова шоу ја претстави македонската музика и докажа дека има сè што е потребно за да се избори за победа.
Во интервју за Женски магазин, Никола открива повеќе детали за својот пат до финалето, поддршката што ја добивал од менторката Цеца Ражнатовиќ, и своите очекувања пред последниот натпревар.
„Цеца многу си ја сакам и таа да не беше, сигурно немаше да стигнам до финалето. Нејзиниот совет од самиот почеток беше да пеам македонски песни. Секогаш беше тука за мене, да ме поддржува и да верува во мене. Таа ја сака Македонија и македонската музика“, вели Никола за својата менторка, која беше негова најголема поддршка на патот до успехот.
Никола признава дека учеството во најгледаното балканско шоу му донело не само огромна популарност, туку и нови можности за настапи во земјата и надвор. Тој исто така открива дека неговите роднини и пријатели се многу горди на него и го поддржуваат во секој негов успех.
„Не требаше да се натпреварувам. Дојдов во „Гранд“ со цел да снимам една емисија за шоуто „Никогаш не е доцна“ за мојот татко. Но, по запознавањето со сите од продукцијата, ме наговорија да се натпреварувам и така започна сè“, објаснува Никола.
Санишиќ имаше јасна формула за успех – изборот беше, македонска песна. Исто така, и во финалето ќе ги претстави најубавите македонски песни, за кои е убеден дека ќе добијат силна поддршка од публиката.
„Знам дека сум фаворит, посебно кај македонската публика, и многу ми е мило за тоа. Секојдневно добивам огромна поддршка, а тоа ми дава надеж дека имам големи шанси да победам, јас и мојата Македонија“, додава Никола.
Никола подготвува нешто посебно за финалето – македонска музика со зурли, тапани и играорци. Тој исто така се заблагодарува за поддршката од македонската публика и ги повикува сите да гласаат за него.
„Во финалето во сабота на 28-ми јуни ќе има 4 половини, во една полвина ќе може да се гласа 20 пати од еден број и секоја наредна половина по исто толку пати од ист број. Поточно 80 пораки можат да се испратат како гласови во текот на вечерта од еден број. Се гласа на бројот 145333. Сѐ што се пишува е мојот реден број 14.
Никола верува дека победата ќе значи многу не само за него, туку и за Македонија, посебно по сите тешки моменти што ги помина нашата земја.
„Победата ќе ми значи многу – за мене, за Македонија. Особено по сите лоши работи што ни се случија, еден убав момент ќе биде нешто што заслужуваме. Да има сега барем една убава работа за славење...Искрено не знам што понатаму, времето ќе покаже. Ама едно е сигурно дека моето натпреварување ќе започне после финалето, бидејќи подготвувам авторски песни кои ќе треба да ги објавам. Мислам дека сега ќе биде вистинското време за тоа“, вели Никола.
Македонија сега очекува да го види својот миленик на сцената на „Гранд“, а Никола верува дека ова е само почеток на нови музички успеси.
Габриела Додевска Глигоровска