Цвеќето е за живите

Добивај вести на Viber

Почна уште еден врел августовски ден. Еден од ние денови, кога топлината се чувствува уште од изутрина, уште пред Сонцето да се крене високо. Ден кога воздухот е некако тежок и кога градот се движи поспоро, како да е уморен од самиот себе си. Ете таков беше тој ден, а Богами и овие сите неколку денови се такви. Некогаш имам чувство дека таа тежина, може со нож да се пресече.

Во ваквите денови за нас цвеќарите вообичаено нема многу работа. Такви се летата. Луѓето се на одмор, свадбите се поретки, прзници нема и малкумина мислат на букети, кога асфалтот врие.

Го отворив дуќанот како и секое утро. Ги подредив саксиите пред вратата, полека, без брзање.

Беше среда и денот како да ветуваше дека ќе биде тивок и спокоен. Си реков, ќе го средам магациноти ќе ги пренаредам цвеќињата во фрижидерската витрина.

Ќе ги измијам вазните, ќе ги наместам кутиите, машните. Ете така, ќе си чепкам нешто и ќе чекам да дојде некој кому баш денес ќе му треба цвеќе.

Сепак!!!  Не помина ни половина час, а првиот телефонски повик, го прекина утринскиот мир.

Ќе ни треба венец…поголем. Со бели лилјани и бели рози ако може.

Го запишав, мислејки дека е само една од оние рутински нарачки. Но потоа дојде и вториот повик, па третиот. Секој со истото барање. Венец, букет, аранжам…. Исто цвеќе, ист тон во гласот, истата тешка и тегобна причина.

Сите веќе знаевме за кого се работи. Со денови се пишуваше за тоа.

За неколку часа потрошивме цвеќе, колку што вообичаено трошиме за цела недела. Витрината се празнеше, возилата за достава доаѓааи си одеа, луѓе влегуваа во продавницата со бледи лица и тажен тон. Замина млад човек. На само 33 години. На години кои повеќе личат на почеток, отколку на крај.

Додека ги врзував лентите, не можав а да не мислам цело време на истото. На еден од можеби најголемите апсурди на животот. Цвеќе за умрените. Без да знам-знам дека ниту еден од овие луѓе, кои денеска потрошија цело богатство пари за цвеќе, никогаш не му подариле ништо на покојниот за време на животот.

Никогаш ниту еден цвет. Сигурна сум. Знам, без да знам. Односно знам, бидејки и јас сум дел од оваа приказна. Сите сме.

Толку многу убавина, толку преубави венци, букети, аранжани, за оној кој, нема да ја види оваа убавина. Ниту да ја почувствува, ниту да се насмее и да се заблагодари.

Често мислам дека сме народ, кој ја чува љубовта во фиока. Не ја трошиме, ја чуваме за „погоден момент“.

Си велиме „Ќе му се јавам утре, ќе ја посетам седниот месец, ќе пратам цвеќе за роденден…“

И така деновите минуваат, а ние забораваме дека живото нема календар, што секогаш се поклопува со нашите планови.

Во оваа цвеќарска работа сум видела се, - венци со луксузни ленти, за луѓе, за кои никој не наоѓал време додека биче живи, огромни букети за жени, за кои што со години никој не ги изненадил со еден единствен цвет, аранжами за последен поздрав, од пријатели кои не дошле да ги видат во болница….

Се прашувам- зошто е полесно да потрошиме пари, време и енергија кога веќе е предоцна?

Зошто нашите најубави зборови ги чуваме за говори над гробот, наместо за разговори на маса?

Ми остана во глава една слика тој ден. Дојде еден човек, видно потресен и нарача венец „најголем што го имаме“. Рече: „сакам да биде незаборавен, сакам да видат сите колку ми значеше“.

И додека го кажуваше тоа, си помислив - зошто не му покажа додека беше жив!? Зошто не му го даде тоа „незаборавно“ додека можеше да го почувствува?

Сигурна сум дека не беше од злоба, или рамнодушност. Не, повеќето луѓе не се такви.

Проблемот е што сите мислиме дека имаме време. Дека утре ќе стигнеме да кажеме, да покажеме, да се појавиме. Но „утрето“, не е секогаш загаранирано.

Љубовта и почитта имаат смисла само кога седаваат навреме. Секое „ти благодарам“ и „те сакам“ што го чуваме за подобар момент е како цвеќе оставено во темна соба - убаво, но никогаш видено.

Овој августовски ден ме потсети на нешто што одамна го знам, но ретко го практикувам: ЦВЕЌЕТО Е ЗА ЖИВИТЕ. Не зборувам само за вистинско, миризливо цвеќе. Зборувам за сите оние мали гестови на внимание, за зборовите што не чинат ништо, но вредат се, за прегратките што ги одложуваме.

Замислите каков би бил светот, ако ги даваме нашите „венци“ секој ден, не во форма на погребна лента, туку како топол поглед, порака, време поминато заедно.

Животот е кревок и неправеден, но љубовта е таа со која можеме да го направиме повреден и поубав.

Не можеме да одлучиме кога некој ќе замине, но можеме да одлучиме дали ќе знае колку ни значи пред да замине.

Следниот пат кога ќе помислиме на некого, да му се јавиме. Следниот пат кога ќе сакаме да му подариме некому нешто, да го направиме тоа. Да не чекаме годишнина, или трагедија, Да подариме цвеќе денес.

Затоа што, знаете што - цвеќето над гробот е убаво, но таму нема кој да го види.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: