Господ ли, Алах ли, Буда ли... забава, ама не забрава

Секој ден светот некаде умира. Секој ден! И во Иран и во Израел и во Газа и во Украина, во Русија… Во Африка. И кај нас во Македонија…
Од кои и да е причини. Секој ден некој умира неправедно и не по своја воља.
И додека јас пијам кафе, некој губи дом. И додека размислувам која книга да ја носам за на пат, некој го закопува најблискиот.
И ми тежи тоа. Ужасно ми тежи. Како товар кој не знам дали ми приаѓа, но го чувствувам како свој.
Не сакам да бидам глупава и глува за болката во светот. А морам!
Не сакам да бидам личност што гледа вести и веднаш ги заборава. А морам!
Не сакам ни да се изгубам себе си. Не сакам да исчезнам под тежината на реалноста, која не ја предизвикала моја рака, но тежина која допира до моето срце.
Се прашувам:
Како се балансира болката на светот со сопствениот мир.
Како да не станеш ладен, но истовремено и да не се стопиш од жештината на светот, што гори околу тебе?
Како да останеш човечен?
Секоја вест е нова рана. Секоја фотографија, сцена, снимка од лице место е потсетник колку човештвото знае да заборави што значи да се биде човек.
Сите овие слики, што минуваат низ екраните од Иран, од Израел, од Газа, од Украина и сите овие празноговорници, на кои од очи им се гледа желбата за власт, моќ и пари, наспроти децата кои гинат и плачат од болка и немоќ, крештат… ме гушат. Ме уништуваат.
Како и зошто се некои граѓани од прв ред, кои тоа свое место и позиција ја заработија на ултра нечесен начин, наспроти овие кои само се родиле и никому зло не направиле.
Исто онака како што Амрика се однесуваше со Индијанците на нивната територија, исто така сега се однесува со цел свет. Ах, има ли торнадо што ќе ја збрише. Знам дека не смеам да мислам вака. Се претворам во нив, ни крива ни должна.
И затоа морам да научам нит да гледам, нит да слушам.
Ете затоа ми почнува тишина. Не тишина од мир, туку онаа другата тишина од исцрпеност. Таа тишина која доаѓа од вишок болка. Таа тишина, што станува одбрана.
Оти се прашувам:-колку е доволно да чувствуваш, а колку е премногу?
Дали треба да сечувствуаш виновно што си жив, што јадеш, што се движиш, што љубиш, додека друг не може!?
И токму тука е борбата - не да се исклучиш, туку да најдеш начин да останеш вклучен, а жив. Да не ја изгубиш човечноста, но ниту пак својот ритам.
Зошто ти не можеш да спасиш се, но можеш и мораш да се бориш за да не изгубиш се во себе.
Ова не е рамнодушност. Ова е преживување. Оти мора де се живее.
И точно некаде таму, во тоа преживување, се раѓа и нешто многу вредно - да бидеш добар. Да бидеш благ. И за себе и за другите. Барем тоа го можеш, ако не можеш ништо да промениш.
Оти, не го знам одговорот на се што не е праведно. Не знам ниту пак како да се живее со чувство дека не можеш да направиш доволно, а сепка мораш да станеш и да се исшравиш секо утро.
Но знам едно:, ќе продолжам да бидам човек. Не совршен. Туку човек што ќе си го чува срцето како дом-отворен, светол чист.
Ќе се трудам да не затворам очи. Ќе продолжам да зборувам и да пишувам кога има неправда. Ќе молчам исто така, кога некој друг треба да биде слушнат.
Ќе продолжам да сакам, дури и кога љубовта изгледа како ризик. Ќе гушкам, ќе прашувам - „како си?“
Не од наивка, туку од вистинска грижа.
Зошто верувам, дека не се губиме од светот, тогаш кога не можеме да го спасиме. Туку се губиме кога престануваме да се грижиме едни за други.
Зошто вистина е дека додека надвор паѓаат бомби, внатре во нас паѓаат делчиња, што никој не ги гледа.
Затоа не треба да престанеме да се грижиме едни за други.
Јас нема да престанам.
Тој што престанал, нека му оди на совест. Господ ли е Алах ли, Буда ли е, голем е, забава, ама не заборава…
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: