Касиерката ми даде лекција

Добивај вести на Viber

Пред некој ден ми се случи нешто обично, да речам секојдневно и на прв поглед безначајно.

Влегов во маркет да купам неколку работи. Главата ми беше “тупан“ тој ден. Некои мисли безвезни, некои чудни идеи, обврски и рокови кои како да ме клукаа по главата.

Во такви моменти честопати одам по автоматизам, ја земам корпата, одам по полиците, ставам што ми треба, не размислувам многу, всушност се чувствувам отсутна и гледам што побрзо да завршам и да фатам магла. Стигнувам на каса, на која како за беља има гужва и почнувам да мислам да ја оставам корпата и да си отидам. Некако немам трпение, немам ни кувет во себе што се вели овој ден.

Сепак стојам во ред, обидувајки се да се само-концентрирам.

Кога почнав да ги редам намирниците една по една, касиерката ме погледна и со тивок глас да ми дошепна: “извинете што почекавте малку, денеска сме “кратки“ со луѓе. Две колешки се на боледување, а колегата е на одмор веќе неколку дена. Сама сум со уште една колешка“.

Најпрвин рефлексно сакав да кажам само “во ред е“ и да си продолжам со редењето и со своите мисли. Но застанав! Ја погледнав подобро - млада девојка со уморни очи, замор, што сигурно не е само од овој ден, туку од многу денови претходно.

И наместо рамнодушното “во ред е“, ми излезе едно искрено: “разбирам, мора ви е навистина тешко“.

Намсевката што ја добив за возврат беше најчистиот и најтопол момент од целиот ден.

Таа мала искра ми даде повеќе мир, отколку сите големи работи што мислев дека ми се важни дента.

Тој миг ме натера да размислувам за луѓето кои секојдневно ги среќаваме, а ретко им даваме значење.

Касиерки, чистачи, доставувачи, возачи на такси, или на автобуси, келенри, медицински сестри…

Постојат стотици професии кои го движат нашето секојдневие, а сепак не им оддаваме доволно почит. Ние сме во трка со времето, со своите грижи и желби, а не сфаќаме дека некој друг исто така се труди да ја заврши својата работа за нас.

Да се биде касиерка, на пример, не е лесно.

Денови поминати во стоење, повторување на исти движења бројки и баркодови, што се вртат по стотици во еден час, луѓе кои или не гледаат во нив, или ги гледаат строго и нервозно. И со потценување. Од високо.

Тоа е професија, која што ретко кој ја избрал од соништата, но многумина, да не речам сите ја работат од потреба, за да обезбедат леб на масата.

И баш затоа таа нивна работа заслужува многу повеќе од рамнодушност и не-почит.

Знам дека сите сме имале искуство и со ултра нељубезни продавачки, или касиерки, или таксисти сеедно, кои не те погледнуваат, не ти одговараат, те премеруваат со ултра безобразен поглед, те брзаат како ти да си крив, што си им дошол баш сега на касата. Знам дека некогаш и ова знае да заболи и да ти го преврти желудникот, особено кога и тебе денот ти е тежок, па очекуваш барем малку топлина и љубезност.

И да, точно е -и тие се луѓе, и тие имаат свои проблеми, и тие имаат денови кога ништо не им оди.

Но исто така е точно дека не смееме да ги оправдуваме сите лоши однесувања. Ниту сопствените, ниту туѓите. Почитта мора да биде двонасочна. Како што ние треба да бидеме љубезни и трпеливи, така и тие треба да ја препознаат вредноста на секој човек што ќе застане пред нив.

Во тој баланс лежи вистинската мерка - да се разбереме едни со други, но и да си поставиме граници.

Сепак, оној ден мене најмногу ме допре токму тоа што се случи по мојот збор на разбирање. Девојката на каса не ми го смени животот, не ми даде нешто големо, но ми врати нешто многу поважно - чувството дека не сум само робот-купувач, што поминува низ нејзините раце, туку човек со кој вреди да се разменеат неколку искрени зборови.

И ми стана јасно: не мора секогаш да бараме големи дела за да почувствуваме човечка топлина. Понекогаш е доволно само еден збор, еден поглед, една насмевка. Нешто што трае секунди, а остава трага цел ден.

Мислам дека многу од нашите нервози, доаѓаат од тоа што не гледаме подалеку од сопствените проблеми. Ако барем за момент се обидеме да ја смениме перспективата, ќе сфатиме дека луѓето пред нас и околу нас минуваат низ исто толку тежок ден, ако не и потежок.

Замислете ја касиерката која цел ден стои исправена, слуша десетици поплаки, брои безброј ситни пари и на крај сепак треба да остане љубезна. Замислете го возачот на автобус, кој цел ден се справува со сообраќајот, или келнерот, кој одеднаш трча на десет маси. Кога ќе погледнеме така, тогаш секоја наша мала добрина станува подарок.

Си ветив нешто тој ден - дека повеќе ќе внимавам. Дека ќе ги гледам луѓето во очи, дека ќе се обидам да бидам трпелива и љубезна дури и кога сум уморна, затоа што можеби токму тоа ќе им биде потребно ним, а и мене впрочем во тој момент. Не е лесно. И не успева секогаш. Но вредат сите обиди.

Никој од нас не е совршен, и никој нема постојано добри денови. Но, ако се потсетимедека сите сме на иста страна - луѓе кои се трудат да преживеат и да издржат, тогаш моеби ќе си го направиме животот малку полесен.

Малата лекција што ја добив од една касиерка беше едноставна: во свет полн со брзањеи нервози, една насмевка и еден искрен збор можат да направат повеќе отколку што мислиме.

И токму затоа, вреди да се потсетиме - никогаш не знаеме кој денес има потреба од нашата добрина. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: