Лондончанецот во Лисиче

Нeколку недели по ред ми доаѓа во цвеќарница едно момче на свои 25-6 години. Зборува англиски, но со ултра британски акцент.
Секоја недела купува по една ружа.
Љубезен, културен, но истивремено и малку одважен и надмен.
Типично британски си мислам.
Имаат британците еден така малку, како од повисоко став.
Сум ја дискутирала оваа тема безброј пати во разни ситуации со разни луѓе.
Секогаш сум стоела на едно гледиште, дека историски гледано можеби и имаат право на тоа.
На таа малку повисоко поткрената глава.
На тој еден жаргонски кажано малку и “наку.чен став.
Иако не ми е тоа темата сега, го кажувам ова, бидејки секогаш средбите со нив го носат ова чувство.
Природно им е да ве стават во “втор ред“.
Со начин на комуникавија, со кратки и точни реченици, со дистанца, која умеат не само да ја создадат, туку и вешто да манипулираат во неа. Конечно со тој нивни саркастично-ироничен хумор, кој е нивни моќен печат, а на кои вие немате веднаш против-хумор, бидејки не е тоа наша природна состојба на умот.
Како и да е, дечково е тука веќе подолго време, а тоа го знам, само затоа што ви велам, веќе неколку недели по ред доаѓа и купува по една ружа.
Здраво велам, пак вие!?
Да, вели еве ме.
Мора да ја сакате, велам!?
Пардон вели! (Иако знам дека точно знае што го прашувам, си дава чекор предност)
Купувате ружа секоја недела. За неа е нели!?
Да за неа.
Убава е!? (Знам дека не радо зборуваат за емоциите, но теренот е мој и сакам да си “поиграм“,)
Убава е да!
Па сигурно велам, инаку не би биле вие овде да не е таа убава.
Можеби би бил, но ова е секако причина повеќе.
Па да, љубовта и убавината се моќни причини за разно-разни логични-нелогичности, зарем не-велам!?
Да, а потоа за уште позеплеткани логични-нелогичности-додава и се смее.
Ви се чини дека ќе се заплеткате!?
Не сум сигурен, вели, но ќе пробам да одиграм добро.
Британец велам!
Да, од Лондон сум.
Претпоставувам прв пат овде!?
Прв пат да.
И!?-како. Лондон-Скопје!?
Интересно ми е.
Не се срамам јас од својот град, кога за него објаснувам по светот, кога ќе ме прашаат од каде сум, но сега, кога тој е тука и кога знам дека го видел и ѓубриштето и сивилото и отсуството на живот, премрежја, низ кои за жал веќе подолго минува моето Скопје, решавам да ја пресконкнам оваа тема и брзо, брзо да се вратам на темата “љубов“, во која секако подобро “пливам“, отколку да му дозволам да ме “сомеле“, ако продолжам да зборувам, за нешто со што сама ќе се посипам со пепел.
Колку долго си веќе тука-го прашувам.
Еве скоро три месеци., всушност вели ги трошам последните денови од дозволениот престој овде.
Следната недела се враќам назад.
Ах, тажно а!? -прашувам.
Па онака… да, зезнато. -вели.
Па добро, има уште едни три месеци бонус велам.
Се ококорува прашално. (Дали тоа јас знам нешто, што тој не знае)
Па нејзините три месеци. Таа исто така има право на тоа зарем не.
Ах…, даа… но неее.
Зошто!? (блиски сме веќе и терам, сладок е, млад, збунет, вљубен и чувствувам дека сака да зборува)
Гледајте, ми вика…, јас работам секој ден од понеделник до петок од сабајле до вечер.
Ок, со ват!?-прашувам јас.
Е како па што, вели тој!?, чудејки се сега, како јас не го знам тоаш што тој веќе го знае. Одважноста му е висока во тој момент, а јас сум ококорена-прашало. Како тој пред малку.
Колку год да сме ние луѓето различни од сите страни на светот, како што претпоставувам знаете и вие…!?
Да велам….,
…, сепак вели жените на цела Планета се исти.
Молам!?-велам.
Да, да…., вели целосно самоуврено, иако има само 25 години.
Таа нема да може да го разбере тоа, дека јас ќе си доаѓам секој ден од работа во 8 навечер и дека нема да сакам ниту да излезам, ниту да зборувам со неа и дека може нема да ми биде до ништо.
Ќе почне да ме тера да правам нешто, за што јас не сум спремен. Ќе почне да се лути,ќе станува тажна, несреќна… и веќе нема да биде убава.
И веќе ништо нема да биде убаво.
Може нема да биде така-велам јас.
Гледате-вели…, дури и вие, која имате многу години повеќе од мене и исто толку години повеќе искуство од мене, се уште велите дека “тоа можеби нема да биде така“, а знаете дека ќе биде. Така и никако поинаку!
Немав што да додадам.
Тој љубезно почека неколку секунди, ја зема ружата, ме поздrави и си отиде.
Пред да излезе, се заврте и рече,…, но не се секирајте, ќе пробам да измувам нешто и пак да дојдам во август…
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: