Мажот не е љубовник, а љубовникот не е маж

Добивај вести на Viber

Пред некој ден една пријателка која одамна не сум ја видела, ме покани на кафе.

Долго зборувавме за ситници, важни-неважни, за секојдневието вакво и онакво, зборувавме и за тоа како животот нѐ носи на различни страни, натаму-наваму…, сѐ додека во еден момент таа не ја отвори својата болка, поради која всушност и ме поканила на тоа кафе.

Гласот и подзадрхти, а погледот ѝ се изгуби некаде во далечината. Начин на кој човек многу полесо зборува кога отвара душа. Гледајќи таму некаде далеку, каде што се кријат одговорите на сите теми и дилеми.

Ми рече: „Живеам во две паралелни реалности - една со мојот маж, каде што има дом, деца и ред и друга со мојот љубовник, каде што има страст, слобода и возбуда. И ме боли тоа што едното не постои без другото“.

Ќутев. Не толку затоа што немав што да кажам, многу повеќе затоа што знаев дека ваквите признанија, не бараат толку многу совет, колку што бараат тишина.

Тишина во која човек ќе си ја слуша својата вистина. Вистина за која соговорникот му треба само како одраз. Ништо друго.

Мажот е присутен во нејзиниот живот со својата стабилност, со сигурноста дека некој ќе ја држи за рака низ бурите на секојдневието.

Со него има куќа, семејство, планови и некаква форма на иднна која се гради чекор по чекор. И тоа е оној живот што многумина би го нарекле „правилен“.

Но љубоникот - тој е нешто сосема друго. Со него се буди нешто, што одамна спиело во жената: жена што сака, жена што се чувствува посакувано, жена што гори и светка, жена што се враќа дома со розова боја на лицето, но и со немир во душата.

Љубовниокт и ја нуди онаа слобода што ја немала со години, оној забранет вкус, што ја прави повторно жива.

И тогаш, што е правилно?! Дали правилно е да останеш во сигурно пристаниште, или правилно е да го следиш срцето, иако токму тоа те носи во немирни води?

Многу жени, можеби и повеќе од тоа што се признава, ја носат истата таа дилема. Некои остануваат во рамките на „моралот“ и ги заклучуваат своите желби во тишина.

Други пак се осмелуваат да ја отворат вратата кон паралелниот живот, со сета вина, ризик и возбуда што доаѓа со него.

Таа вака ми рече: „Мажот е иднина. Љубовникот е сегашност“.

Во тие зборови чув еден многу болен парадокс, без сегашност иднината изгледа празна. Но без иднина, сегашноста е како оган што брзо гори и исчезнува.

Можеби затоа нејзината болка беше толку голема и длабока. Таа не сака да го изгуби ниту едното, ниту другото. Не сакаше да остане без семејството и сигурноста што тоа семејство ѝ ја дава. Но, од друга страна пак, не сака да се откажа ниту пак од тој пламен што ја прави жива. А токму тој живот во таквите паралелни ставови ја правеше изморена и истоштена. Но! И возбудена во исто време.

Ме замисли! Се запрашав дали мажот и љубовникот се навистина две личност, или се две страни на една иста желба?!

Дали мажот некаде на патот престанал да биде љубовник, а љубовникот сѐ уште не се претворил во маж? И дали воопшто е можно да се има едното без другото.

Овие прашања не се само женски, тие се човечки.

Секој од нас живее меѓу два света - оној на должностите и оној на желбите.  Она што мора да го правиме и она што навистина го посакуваме. Оној живот кој го избираме поради ред и оној што нѐ одбира наспоради хаос.

Некој би рекол: „Љубоникот е само илузија, минлив оган и страст.“ Но дали не е секоја страс илузија, се додека не ја почувствиваш на своја кожа?

Друг би рекол: „Мажот е единствениот што навистина останува.“

Но дали е доволно да останеш, ако во тебе веќе одамна не гори ништо?

И така мојата пријателка живее на раскрсница. И знам дека многумина ќе ја осудат. Ќе речат дека моралот е јасен, дека предавството е предавство. И нема тука што.

Но јас ја слушав и во нејзиниот глас не слушав измама, туку болка.

Болка, затоа што моралот понекогаш не се совпаѓа, со она што сме како луѓе.

Затоа што и телото и срцето имаат свој морал, сосем различен од оној што го пишуваат книгите и традициие.

И тогаш, дали да ја осудиме жената, што сака повеќе од еден свет?

Можеби нама правилен одговор. Можеби вистината е во самата дилема, во немирот што нѐ прави живи.

Мажот и љубовникот не се само луѓе - тие се симболи на изборот помеѓу сигурноста и страста, меѓу мирот и немирот, меѓу тоа што треба и тоа што сакаме.

И можеби најголемата храброст не е во тоа да се избере едното, туку да се признае дека во нас постојат и двете желби. Да се живее сопствента противречност без осуда, но и без бегство. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: