Мораме, за да не мораме

Добивај вести на Viber

Викендов поминав еден прекрасен продолжен викенд на море со едно слатко женско друштво.

Плажа, море, пливање, сончање, јадење, пиење, пеење, смеење, карти, јамб…

Како една женска приказна, напишана со најубавите женски пера.  Баш беше милина.

Но, вистинската инспирација за ова мое писание денеска, дојде од една сосема друга приказна.

Станав прва едно сабајле и седнав да пијам кафе на терасата додека тие сѐ уште се прозеваа.

Сонилва и јас, замоткана во една плажна марама, уживав набљудувајки ја секоја секунда од тоа исто така сѐ уште тихичко и неразбудено морско утро.

Секоја една минута се појавуваа нови луѓе. Луѓе во поодминати години, кои пешачеа со полн чекор, џогираа, правеа вежби за истегнување. На нивните лица немаше ни трага од мрзеливост. Не. На нивните лица имаше упорност. Некои од нив не го правеа тоа затоа што мораа, се гледаше дека го прават тоа цел живот. Леснотијата на чекорите и на движењеата ги издаваше.

Други пак се движеа баш затоа што мораа. Мораа да ми помогнат на телото, кое веќе не е младо, да му ја дадат потребната подршка за да опстане уште малку. За да опстане и за да остане уште малку поцврсто и уште малку поспокојно. Да остене во живот, заедно со нив.

И тогаш си помислив, - колку е различно кога истата таа прошетка ја правиме додека сме млади и сеуште витални. Тогаш не мораме, туку сакаме. Тогаш пешачиме за радост, за свеж воздух, пешачиме затоа што ја иамме слободата да правиме што сакаме. Млади сме, ни се може. Тогаш џогираме за да ја осетиме моќта на сопственото тело, а не за да го одржуваме во живот. Ете, токму таа е суштината, што ме водеше кон оваа мисла. „Мораме сега, за да не мораме подоцна“.

Телото е нашиот најверен дом. Ако денес му подариме движење, енергија и грижа, утре нема да мораме да го тераме со сила да функционира.

Пешачењето, танцот, играњето со децата, или дури и едно обично качување по скали, сето ова е вложување во здравјето. Ако сега можеме да трчаме затоа што сакаме, ќе ни биде полесно подоцна, да пешачиме затоа што мораме.

Умот исто така бара вежбање. Читање книги, решавање крстозборки, учење нови јазици, разно-разни хобија… Ова се нештата кои го одржуваат мозокот млад. Ако денес читаме затоа што сакаме, ќе го подготвиме умот за годините кога ќе ни биде неопходно да го одржуваме активен, за да не потонеме во заборав, или деменција.

Односите што ги градиме денес, љубовта што ја даваме денес, времето што го вложуваме во љубовта и во луѓето околу нас - тоа е најголемата инвестиција.

Ако сега сакаме без задршка, без гордост и без страв, нема да мораме еден ден да жалиме, за пропуштени зборови, за недоречени извинувања и за неочекувани разделби.

Сите тие мали задоволства - патувања, нов вкус, смеење до солзи, мирисот на морето, бојата на едно цветче, ете тоа се нештата што го полнат бунарот на живот со радост. Бунар на кој еден ден, само ќе му го отвориме чепот и ќе се сладиме пиејќи.

Затоа што, ако денес уживаме затоа што сакаме, утре нема да мораме да копнееме по времето што сме го изгубиле во трката по обврски и по пари.

Сакам да кажам -

Мораме да пешачиме од љубов, за да не мораме по препорака на лекар.

Мораме да читаме од љубопитност, за да не мораме поради терапија.

Мораме да сакаме со полно срце, за да не мораме да се каеме.

Мораме да патуваме за радост, за да не мораме да копнееме по неостварени соништа.

Мораме да се смееме гласно, за да не мораме да се сеќаваме на деновите кога сме можеле, а не сме.

Мораме да простуваме денес, за да не мораме да жалиме утре.

Мораме да живееме сега, за да не мораме, само да преживуваме подоцна.

Ете тоа…

Овој викенд ми покажа една слика, што ќе ја носам долго во мислите. Луѓето што ги гледав секое утро таму беа дисциплинирани, вредни и упорни. И тоа е за почит.

Но, уште повеќе ме потсетија на тоа дека ние, додека сме млади, имаме избор. Имаме сила. И имаме можност да правиме сѐ од љубов, наместо од нужност. Односно од морање.

Затоа оваа колумна ја завршувам со еден едноставен повик: „Да не го чекаме морањето“. Да почнеме денес. Да си подариме движење, љубов, знаење и радост.

Да живееме полн живот, за да не мораме еден ден да копнееме по оној што сме можеле да го имаме.

Едноставно „МОРАМЕ, ЗА ДА НЕ МОРАМЕ“!


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: