Од Сингапур до Бали и Куала Лумпур

Добивај вести на Viber

Понекогаш вистинските патувања не почнуваат оној момент кога ќе ги спакуваш куферите.

Не!

Некои патувања почнуваат многу пред тоа.

Почнуваат кога длабоко ќе почувствуваш потреба, дека сакаш нешто да смениш кај себе.

Овој пат тоа чувство ми беше единствениот водич.

Немав прецизен план, ниту конкретна цел. Не правам репортажа и не треба да истражувам и да се спремам неколку неделни однаред. Ништо од ова. Овој пат треба само да стасам и да “треснам“ во непознатото.

Во сосем непознатото.

Велам, немав ниту план, ниту конкретна цел. Само една тивка потреба, за простор, за дишење, потреба да се одалечам малку оттука, од сево ова овде кое веќе одамна почнува да мириса на неподнослива здодевност.

Трет пат во животот собирам купче пари и решавам да ги плеснам на далечно патување.

Патувања, кои јас си ги нарекувам “од другата страна на светот“.

Првиот пат Мексико, вториот пат Јапонија и еве сега трет пат Бали.

Ги сакам ваквите патувања отаде светот, отаде сопствениот свет, бидејки знам дека само тие имаат моќ да те превртат наопаку, да те соголат и да те треснат од земја.

Далеку си од дома, многу далеку. Не можеш ништо да смениш, што и да се случува тука. Можеш само да научиш да прифаќаш. Дека и со тебе и без тебе, нештата се случуваат и ќе се случуваат, а ти не можеш ништо тука. Тоа се “амбиси“, надвор од комфорната зона. Амбиси во кои решаваш по своја воља да скокнеш. Ете затоа ги сакам патувањата отаде светот. Отаде сопствениот свет.

Сингапур ни беше првата станица. Метропола што наликува на иднината. Не си ти таму од овој свет. Таму си во иднината која е стерилна, која е ефикасна и која е технолошки совршена.

Таму сѐ се движи по распоред и иако е се подредено на удобност и на видливо совршенство, не можеш таму, а да не почувствуваш колку си далеку од сето тоа. Не еден, туку неколку светотви.

Сингапур беше фасцинантен, восхитувачки, но не и смирувачки.

Потоа дојде Бали. Од моментот кога слетавме и кога го вдишав првиот здив, знаев дека ова патување ќе биде сосем поинакво. Не знам дали тоа беше поради влажниот и топол воздух, или поради мирисот на темјан и зачини што се чувствуваат на секој чекор, но Бали ме прегрна веднаш. Нежно и смирувачки. Како шепот, што умее да прегрне.

Островот има своја тивка мудрост. Толку топла и нежна. Таму се тече побавно. Помеко.

Луѓето се поздравуваат со споени дланки и тивка насмевка. Секој ден започнува со благодарност, за Сонцето, за храната, за водата, за самиот живот.

Секое утро го почнував со чај од свеж ѓумбир со неколку капки мед. Тој чај го пијам и сега, додека ја пишувам оваа приказна, но некако има сосема поинаков вкус. Можеби затоа што таму се прави со внимание и со љубов. Таму и најобичните јадења се прават со најголемо внимание и љубов. Таму сѐ се прави така. Таму се изгледа како уметничко дело полно со боја, текстура и живот.

Океанот. Ах Океанот. Тој беше приказна која се плашам дури и да ви ја раскажам. Моќен како сила која те демне и која ти вели “само ако умееш да се нурнеш во секој еден мој бран, без да му се плашиш, само тогаш приближи ми се“. Ете тоа шепотеше како ехо од секој еден бран. Исто како што и животот постојано го шепоти тоа ехо. Сѐ од што се плашиш, само нурни се во него. Директно во него. Никако поинаку.

Океанот на Бали не е само глетка. Тоа е чувство. Чувство, кое откако еднаш ќе го видите, допрете и доживеете, никогаш нема да можете да го заборавите. Тоа е глетка и чувство кое прогонува. И кое потсетува дека животот е движење кое не застанува. Сила на која треба да и се оди наспроти, оти само тaка ти станува сојузник. Така и никако поинаку.

Еден од деновите го поминав во Убуд, опкружена со џунгла од едната страна и оризови полиња од другата. Јас во таа средина помеѓу таа животна спротивставеност. Едното скротено, другото не. И навидум помѓу нив “ништо“. Но во тоа “ништо“ се случува сѐ. Една попладневна медитација покрај еден мал поток во тоа ништото ми донесе повеќе јасност, отколку илјада зборови.

На крајот од патувањето Куала Лумпур.  Бучен и богат со контрасти, овој град ме пречека веќе некако променета. Иако ритамот на градот беше повторно ултра брз, јас бев спора. Носев со себе нешто тивко. Како да ми беше останата таа балинезиска тишина во џебовите.

И сега кога еве сум дома, со овој чај од ѓумбир до мене, некако како да сум пак таму. Таму, а тука. Тука со порака, која Бали успеа да ми ја напише на срцето.

Мирот не е дестинација. Тоа е состојба.

Да!, но убаво е да се отиде до таму за да се понесе оваа порака со себе.

Затоа и ви ја напишав, оти и за вас ја донесов. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: