Партија на перфидни профитери

На балканот политиката одамна не е само механизам за уредување на општеството, туку е комплексна игра на манипулација, превртливост и спектакл.
Тука секој политичар е дел од еден внимателно режиран театар, каде што вистината се изместува според дневните потреби, а јавноста станува публика што аплаудира и си заминува без да ја бара смислата на претставата.
Иронијата е во тоа што многумина од тие што играат главни улоги, одлично ги познаваат слабостите и надежите на својот народ и токму тоа го користат како свое најсилно оружје.
Најчесто политичарите не користат класичен говор на лаги, туку измислуваат нова реланост. Во оној момент кога народот ќе ги фати во противречност, тие ниту се извинуваат, ниту се разбираат, признаваат грешка, туку напротив, се обидуваат да побараат „контекстуално разбирање“ и веднаш го презентираат она што тие го нарекуваат „поинаква интерпретација на фактите“, или народски кажано „мижи Асан да ти баам“.
Во целава оваа приказна исклучително вешто вклучуваат и медиуми, кои со различни нивоа и под - нивоа на професионализам и етика, односно не - етика, најчесто се претвораат во инструменти на пропаганда, а не чувари на вистината.
Балканските политички партии делуваат како театрални групи, каде што ликовите, односно глумците се менуваат, а сценографијата останува сосема иста.
Па така, денес си опозиција што гласно критикува и бара реформи, а утре си власт што ги занемарува тие исти барања се разбира власт која што ги заборава дадените ветувања.
Единствената константа во оваа игра е нивната неспособност да го исполнат зборот, но затоа пак се одликуваат со неверојтана способност да ги задржат своите гласачи, односно приврзаници кои со години ги моткаат околу малиот прст со исто така празни ветувања и празни зборови.
Дури, дури и кога народот е разочаран, тие успеваат да создадат нови кризи, нови непријатели, нови причини, со кои успеваат да го обединат своето покорно и верно гласачко тело.
Истовремено, на народот му се нуди едноставна и многу ефикасна формула - поделба: нашите, против вашите.
Политичарите маестрално ја користат таа поделба како совршана алатка за одвлекување внимание од суштинските проблеми, а истовремено и како алатка за својот личен профит. Единствено тоа не смее да се доведе во прашање. Никогаш и под ниту едни околности. Нивниот профит.
Во позадина пак владее тивка невидлива „Партија на перфидни профитери“, која не се појавува на гласачкото ливче, но секогаш е таа што вистински ја држи моќта.
Ете токму таа партија, има совршен тајминг, во време на криза, токму тие нудат избори, па на изборите нудат надеж, па кога надежта ќе исчезне, тие веднаш успеваат да најдат непријател, сеедно дали е внатрешен, или надворешен.
Балканот е полн со искри кои се палеа и кои повторно се палат. Од Шарената раволуција во Македонија, до сега, до овие шарени случувања во Србија.
Шарената револуција во 2016 година беше бунт против системската корупција и против политичката злоупотреба на моќта.
Илјадници граѓани секојдневно излегуваа на улица, фрлаа боја врз институциите, на тој начин сакајки симболично да го разубават дотогашниот мрачен систем. Сето ова се правеше со надеж дека нешто конечно ќе се смени. Тоа беше период кога не знам зошто, но народот сѐ уште се обиде да мисли и да верува дека гласот на граѓаните има некаква моќ.
Но осум години подоцна, многу од тие барања, да не речам сите тие барања беа незадоволени.
Политичките елити се трансформираа, но не и системот.
Денес пак во Србија гледаме исти, или сличи обиди на спротивставување. Луѓето излегуваат на улица, протестираат против насилство, против медиумска манипулација и против авторитарност.
Но и таму системот повторно покажува дека знае како да ја апсорбира критиката и како да ја претвори во контролиран вентилирачки механизам, кој и понатака ќе мати празна слама.
Паралелно пак со ова во Хрватска, концертот на Томпсон собра преку пола милион луѓе, што пак според организаторите претставува најпосетуваниот концерт во светската музичка историја.
Иако беше објавен како музички настан, неговата длабока суштинска позадина е политичка.
Томпсон е контровезна фигура, со исклучително националистички наратив и песни кои се поврзуваат со сеќавањата на војната. Имено, да се соберат пола милион луѓе за концерт кој реферира на конфлит кој завршил пред три децении, покажува колку колективната меморија на балканот е лесно запалива материја.
Овој концерт не е само културен, туку и политички феномен. Тој покажува дека емоцијата, идентитетот и минатото се главната валута и главната карта со која политичарите маестрално си поигруваат.
Во недостаток на економски развој, системска правда и социјална сигурност, тие нудат мотови, симболи и непријатели.
Најголемата „перфидија“ е што и покрај сите изнверени ветувања, народот повторно им дава шанса.
Секој пат кога народот барем малку ќе покаже достоинство и глас и ќе каже „доста е“, тие вешто умеат да се вратат со нова порака, со нов наратив, со нова свежа цицачка енергија. И не знам како секојпат им успева да го убедат народот дека „овој пат навистина ќе биде пинаку“. Ви ветуваме!!!
Мора да ни стане јасно дека промената не доаѓа од нив, туку од нас. Од нас кои треба да одбиеме веќе еднаш да не им бидеме редовна публика.
Ако сакаме да го прекинеме овој маѓепсан круг, првиот чекор е да ја разоткриеме играта. Да не им аплаудираме на новите костими, туку да ги поставиме прашањата, што ја разголуваат сцената. И конечно да престанаме да веруваме во нови глумци со стари сценарија.
На крај сакам да кажам дека знам дека не открив топла вода и дека само го кажав она што сите го знаеме и сакам да кажам дека не ми беше целта само да ве разгневам дополнително, туку ете едноставно сакам да прашам: „ако сите го знаеме ова, тогаш зошто се однесуваме како да не го знамеме?“.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: