Што ако нејзиниот маж беше мој

Добивај вести на Viber

Лична вистина на хартија

Некогаш, не премногу гласно, но доволно длабоко си помислувам: “А што ако тој маж беше мој?“

Не како фантазија. Не дури ни како измама, Туку како искрен, тивок момент на споредба.

Ја гледам неа, мојата другарка и него - нејзиниот сопруг.

Го гледам начинот на кој што и носи кафе, начинот на кој што зборува за неа, начинот на кој што ја брани. Го гледам начинот на кој што ја гледа. Ја гледа како да не му здосадила, а не се “нови“. Одамна се заедно.

Конечно, гледам и слушам како се фали со неа, и кога таа е тука, а не само во нејзино отсуство, како што повеќето мажи прават. Или барем оние, што жените си ги доживуваат како трофеи.

Се тоа гледам и си велам:

Дали со таков маж… јас ќе бев посреќна?

Да, се чувствувам малку виновно што сето ова ми поминува низ глава.

Но сепак знам дека не сум сама во него. Во ова прашање.

Колку жени, колку мажи, колку луѓе воопшто ја имаат таа мисла?

Ова не е поради желбата да земеш нешто туѓо, туку заради тагата што ти не си го добила тоа што тебе ти треба.

И ова не е приказна за туѓи љубови. Ова е приказна за она што ни недостасува.

Ова е исто така и приказна за прашањето, “дали избрав погрешно - погрешен маж?“

Среќата на другите секогаш изгледа почиста од нашата. Од далеку таа е полирана, сјајна, дури и совршена. Толку совршена, што ни прави збунка во галава и не доведува до вакви размислувања.

Но, не се гледаат тишините меѓу двата погледа. Ниту пак се слуша колку пати љубовта се спасувала со трпение, а не со филмска романтика.

Кога ќе го споредиш твојот внатрешен хаос со нечие надворешно “се е во ред“, секогаш си мислиш дека си во загуба, дека си несреќна и дека лошо си одбрала.

Секогаш си мислиш дека таму некаде постои некој друг подобар маж за тебе. Како мажот на другарка ти на пример.

Се сеќавам дека вака размислував и кога бев многу мала. Мислев дека мајка ѝ на другарка ми е подобра од мојата. Сакав таа да ми биде мајка. Или некоја друга мајка. Само не мојата. Таа ми изгледаше некако најлоша од сите мајки.

Чуден однос имаме кон љубовта. Некако како да се “трпаме“ во неа. И трпаме и очекуваме. Љубовта не е само среќа што се добива. Таа е среќа што се гради.

Љубовта не доаѓа спакувана во идеален маж со совршени гестови, туку во некој што сега можеби не го гледаш така, но со кого може да се создаде нешто, нечиј свет.

Ако не си среќна тоа не значи дека не си со “вистинскиот маж“, туку можеби тоа значи дека си предалеку од себе. Не се мршти, пробај да размислиш барем дали е така. Пробај да видиш дали можеби си се оставила себе си во некоја стара верзија, па чекаш некој друг да те спаси и да те направи среќна.

И сега кога гледаш некого што сака “како што треба“, мислиш дека го сакаш него - а всушност сакаш љубов што те гледа, што те слуша и што те негува.

Ти не го посакуваш човекот, туку љубовта, односно го посакуваш начинот на кој што љубовта може да изгледа кога е жива.

И тоа е во ред, бидејки тоа значи дека се уште знаеш што заслужуваш.

Така што на ова поставено прашање, односно на овие мисли кои ти се моткаат низ главата, дали тој ќе те направи посреќна, можеш да си одговориш на пример, со прашањето кон себе си: а што можам да направам јас за себе за да бидам посреќна, без да посегнувам по нешто што не ми припаѓа!?

Можеби со него ќе бев посреќна.

Можеби и не.

Можеби ќе се смеев повеќе.

Можеби ќе се гушкав подобро.

Можеби ќе се чувствував побезбедно, или повидливо.

Но, таа мисла е како шепот што не води никаде, туку само враќа назад. Односно води во непостоечки животи.

Јас не знам дали сум со “вистинскиот“.

Но, знам дека ниеден маж нема да ми го реши животот, ако јас самата не си бидам вистинска. Ниеден човек не може да ми даде сигурност, ако јас ја губам во себе. Ниеден однос не вреди, ако јас морам да исчезнам од него за тој да функционира.

Понекогаш кога мислиме дека посакуваме туѓа љубов, всушност ја жалиме својата. Го жалиме просторот во кој што сме се изгубиле.

И тоа не значи дека треба веднаш да си одиме, или дека другиот е виновен. Тоа значи дека мораме да се прашаме: дали сме си доволно свои за да бараме однос што не прави цели- не само смирени?

Не ми треба нечиј маж. Ми треба живот што не ми личи на компромис со сопствената вистина. Ете тоа ти треба. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: