Смртност или бесмртност? Што има смисла?

Добивај вести на Viber

Мислам дека сознанието за нашата смртност настапува оној момент кога ќе изгубиме некој близок.

Некогаш е тоа во рани години, во рана младост, најчесто баба, дедо…

За жал се случува ненадејно и родител да си замине во години кога за тоа не сме спремни.

Мене ми се случи тоа.

Татко ми почина, кога имав 17 години.

Знам дека многу животни одлуки и воопшто начин на живот детерминираат ваквите моменти.

Сосем сум свесна, сега на овие години, дека цела една содржина од мојот живот ја обликува токму тој чин. Смртта на татко ми.

Од бирање партнери во животот, па се до однос со претпоставени, со другари, со брат, со син.

Чудо ние луѓето, особено ние жените умееме да се заплеткаме, во чувството на грижа на совест, или во чувството на потреба од тоа некој да не заштити и да се грижи за нас.

Се разбира дека и оваа тема е поделена. Јасно е дека од една страна, природата многу цврсто ги поставила овие правила, а од друга страна, свесноста, наспроти природните закономерности, мора да има снага да ги влече овие конци во правилна животна  насока.

Кога велам природата јасно и цврсто ги поставила овие природни закони, мислам на тоа дека без дилема, ние жените сме послаб пол, колку год  “безпредметно“ да се трудиме да го докажуваме спротивното, облакајќи се во машки костуми, или научувајќи да менуваме гуми, фасонки, да м’кнеме ќеси и торби од пазар, па и да научиме да кречиме и да менуваме уље на кола.

Лично не се чувствувам природно во вакви улоги. Асолутно не! Многу поприродно ми е кога правам ручек, садам цвеќе, или зашивам скинати копчиња, или раб на палто или сукња. Толку природо ми е ова, колку што ми е неприродно маж ми да го прави ова. Не можам да го замислам да шие копче на кошула. Ќе личи тоа, како на човек со две леви руки. Исто како што личи и жена на човек ко со две леви руки, кога отвара хауба и се труди да го пронајде хладњакот, за да додаде вода.

Овие сцени не се природни. И точка.

Од друга страна пак, светот, отиде толку многу во бестрага, што многу од овие „неприродни“ нешта, моравме да ги научиме и едните и другите.

Ќе пишувам за ова друг пат, многу поопширно. Сега смртноста ми е тема.

Смртноста како димела, дали треба да се живее со неа, како со нешто што е толку многу блиску до нас, исто како и животот, или просто да се заборави на неа и да се живее животот, како да сме бесмртни.

Ова се дилеми, кои умеат многу често да ми се пинат во мислите.

Од најбанални прашања, па се до најсуштински.

На пример до кога човек треба да вложува во материјални нешта и да троши пари за станови, коли, куќи, накит…, а кога треба да престане со ова и да се сврти кон задоволства, кој го хранат духот и душата.

Патувања, книги, планини, реки, мориња…, со еден збор спомени, кои коштаат многу пари.

Сознанието за смртноста ги заплеткува овие конци.

Желбата за сигурна старост исто така.

Ако вложам во стан, имам пари да преживеам на старост. Ако вложам во патувања, ќе можам ли да живеам од спомените!?

Како човек да ги одреди овие нешта?

Само и исклучиво по интуиција.

Стравот е голем непријател при ваквите одлуки. Најчесто тој ги носи одлуките. За жал.

Многу, многу сме заплеткани во емоционални состојби, за кои душата е „главен“ виновник. Таа наша душа која тежи само седум, или дваесет и еден грам (науката, исто така се плетка околу нејзината тежина и бесмртност)ги одредува скоро сите наши состојби и одлуки.

Некња почина свекор ми.

Не ми е татко, татко ми си го отплакав на 17 години.

Но, е татко на мојот сопруг. Кој ете имал среќа татко му да е жив до неговата 53-та година. Нема правила. Особено не кога е математиката во прашања. Колку и да е егзактна.

Дали „дете“ на 17 години, повеќе тагува, или пак човек, зрел, возрасен и полн со искуство, на 53 години.

Кој повеќе!? Никој не знае.

Она што јас го знам, или се обидувам да го дознаам, односно спознаам, или најдобро речено се обидувам да го создадам е желбата да научам да се радувам кога некој ќе почине. Исто, или барем слично кога некој ќе се роди. Па нели се тоа две поврзани свечености!?

Сите ние знаеме дека штом сме се родиле, мора и да умреме.

Блесаво нели!? Можеби и грозно, или пак сосем неприродно. Знам. Тоа се тие дилеми околу кои си правам муабет со смртноста и бесмртноста.

Дали треба да ја славиме смртноста, исто како што го славиме раѓањето!?

Мислам ДА!

Ова почнав да го учам, истиот миг, кога мајка ми почна да не е веќе добра.

Првиот пат кога ми се јави и ми рече дека не се чувствува добро.

Истрчав од работа и додека довозев по скопските гужви кај неа, имав притисок 180/100 и пулс 117.

Ова се случуваше неколку пати во рок од 3-4 месеци.

Оттогаш почнав да пробувам да учам да бидам, не само мирна, туку да научам со радост да ја испратам, тогаш кога ќе дојде денот.

Поминуваат еве, 3-4 години од тој прв момент.

Појма немам дали сум научила, или не.

Кога ќе дојде тој ден, ќе знам.

Денеска еве, кога почина свекор ми, велам Жаре, нека ти е светол патот и се радувам, навистина се радувам на секој момент, кој имав можност да го поминам со тебе. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: