Совест мајка и совест маќеа

Добивај вести на Viber

Почнаа…, ете ги пак почнаа…

НЕ, не, не…. Не ги можам више. Се осеќам, како смешни карикатури или страшни демони да ми излегуваат од зад секој ќош, од плакар, од фрижидер, од хауба, од кеса од пазар, од ташна, од новчаник, од кај комшијата, од сите можни места и „не-места“… и од кај што треба и од кај што не треба…  

Просто како да ме демнеат, како да ме напаѓаат и како да ми се смееат в лице, додека јас вџашена ги гледам и пробувам да им се сокријам…(како Мамли се! Се сеќавата на Мамли од цртаните…!? Е такви, баш такви се!)

Се обидувам да се сокријам, барем главата и ушите и очите секако… Да не ги гледам, да не ги слушам, да се заштитам, да се спасам некако од оваа смешна булумента, која повторно излегува на терен и која повторно има намера да ни објаснува и да не убедува дека и овој пат нивната лага е вистина.

Остајте нѐ бре луѓе на раат. Аман остајте нѐ на раат, ако за Бога знаете и умеете. Остајте нѐ и не ни се потсмевајте до толку брутално в лице.

Со наши пари ги снимате тие спотови и со наши пари ќе почнете и овој пат да ни излегувате и од фрижидер и од плакар и од секаде и повторно, по не знам кој пат ќе не убедувате дека црното е бело, а белото црно.

Абе го искинавте више овој народ, душата му ја парчосавте. Уште ли ќе мацкате со памукче. Уште ли!? До последната ли капка крв ќе мацкате со памукче и ќе се сладите на неговата простодушност и попустливост.

Божееее, колку тага ни товарите во душава. Не знам дали сте свесни колку тага ни товарите!? И тага и немоќ и горчина…

Никако не можам да сфатам како совеста има толку различни аршини.

Можно ли е да има совест мајка и совест маќеа!?

Од лошите маќеи ли сте вие задоени, па затоа око не ви трепнува, што му ја газите душата на овој народ.

Овој народ кој веќе сосема пропадна во својата апатија и недоверба.

Немаме сила веќе ни да не ви веруваме. Бидејки и за тоа ни треба сила. А ни таква сила немаме веќе. Разбирате ли!?

Немаме сила веќе ни да протестираме. Уморни сме веќе од надежта, која последна умира. И од неа сме уморни.

Очите ни се празни. Нема веќе дури ни бес во нив. Загледајте ни се во очите. Загледајте ни се убаво за да ја видите сета тивка горчина и сета горка рамнодушност, која еве веќе 35 години, речиси секоја пролет и секоја есен одново и одново ни ја сеете и жнеете во нашите души.

Ги слушате ли пазарџиите кај кој што одите, се сликате и пробувате грозје и патлиџан. Ви кажуваат дека не можат да си ги продадат производите, дека им пропаѓаат, дека едвај врзујат крај со крај. Ги слушате ли, ги разбирате ли…!?

На ТИ им се обраќате. Не знам зошто!? И тоа не ми е јасно со години. Така и докторите по клиниките на ТИ им се обраќаат на пациентите. Зошто!? Бидејки овие безпомошно гледаат икони и богови во нив, барајки надеж и спас за своето здравје, а овие пак таа немоќ и слабост на човека ја претвораат во горделивост и уште поголема самобендисаност, од онаа што белиот мантил ионака, во пакет им ја дава заедно со дипломата.

Срам да ви е и за ова! На ТИ. Демек вие сте ВИ, вашето височество политичари, доктори…, а тие се ТИ, пошто ораат и копаат земја и пошто рацете им се испукани, душата распарталена, а очите празни.

Па во нив има повеќе знаење, мудрост, добрина и човечност отколку што вие сите заедно да се соберете имате коса на главата.

Ах лелееее!

Жал ми е, многу ми е жал што вака зборувам и пишувам. Просто како сама себе да си пукам во нога.

А ги познавам, некои од нив и лично ги познавам и знам дека се добри луѓе. Ама ете…

Изгубена ми е и довербата, па дури и самодовербата кога се овие политички игранки во прашање.

Во оние мои заумни фантазии, понекогаш дури си мислам дека и самата јас да се појавам во некоја таква кампања и после да се гледам на телевизија, дека ниту ќе си верувам, ниту ќе знам кај да се сокријам од срам од самата себе. Еде до толку ни е изгубена довербата. Ако ме разбирате што сакам да ви кажам.

Ако и самата веќе се разбирам што пишувам и зошто сѐ уште пишувам на овие теми.

Остајте нѐ раат аман!! Ако за Бога знаете!!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: