Среќен роденден, јас

Драга јас,
Еве не - пак сме тука и пак е роденден. Не како оние во кои што се дувале свеќи со многу луѓе, или пак се правеле журки до нидено време, ниту пак како оние што поминувале во тишина во мигови кога не ни се славело, бидејки не ни било до славење, поради ова, или поради она.
Сега си во ден, што само ти знаеш колку ти значи. Ова писмо ти го пишувам за тебе - за мене.
Не како честитка туку како убава и нежна прегратка.
Всушност ти го пишувам еве вака - како да седнувам во мал безвременски простор и си велам себе си:
Еј стигна до тука. Па не е малку знаеш. Не е ни многу. Таман е. Жива си. Тука си. И сеуште си ти-ти!
Ти честитам поради ова!
Не знам дали оваа година беше најдобра, ама знам дека сигурно не беше лоша. Не беше ниту пак “една од многуте“. Не!
Имаше тука некои нешта што ќе ја одбележат. Убави нешта, важни нешта.
Прво успеа да ја кренеш мајка ти повторно на нозе, после тешка операција на коленото, ова е секако на прво место. Потоа, успеа да издржиш една лекција која одамна му ја спремаш на син ти, дека не може баш ти секогаш да си тука за него, а он баш секогаш да е “мора ли баш сега“!?
Трето, конечно научи и маж ти да го сакаш, не како што ти сакаш да го сакаш, туку како што тој сака да биде сакан.
Сите овие нешта, кои се бележат во оваа година успеа да ги направиш, како што знаеш најдобро, со срце и со сѐ што си ти. И за ова ти честитам.
Ах ДА! И успеа да ја направиш толку посакуваната репортажа за Русија. За Москва и Санкт Петербург.
(И еве ја, спремна е и ќе оди на програма овие денови)
Види вака, ти пишувам денеска, бидејки денеска не сакам совршенство, туку сакам искреност.
И затоа ти пишувам вака, без украсни реченици, туку со глас што го препознавам - со мојот глас!
Оваа година не ме научи како да бидам постојано среќна, но ме научи како да бидам спокојна, искрена и да го прифаќам тоа што се случува.
Ме научи како да се изберам себе си и тогаш кога тоа значеше да изгубам нешто, или некого.
Имаше и денови кога едвај станував од кревет, имаше и ноќи кога само ѕидовите ги знаеја моите мисли.
Имаше и такви моменти кога светот ми беше мал, како оној кога успеав да снимам најава во златната соба на резиденцијата на Екатерина Велика и други кога срцето ми беше пошироко и посилно од сѐ, па успеав да ја кренам мајка ми на две раце и да ја однесам право во ургентен, директно на операција.
Да!, оваа година ме скршила малку, но и ме состaвила на еден сосема поинаков начин. Не сум истата, ама не жалам поради тоа. Напротив. Се чувствувам како калеидоскоп, кој со само едно мало движење, сосем ја менува истата слика.
Па нели тоа ти беше омилената играчка кога беше дете. Со часови можеше да ги вртиш сликите и никогаш не ти беше здодевно. Исто така, со часови можеш денес да гледаш во себето - внатре и да го слушаш здивот на твоите сосем поинакви воздишки секоја година. Ти честитам поради ова.
И не само тоа, туку и фала ти поради ова.
Фала ти што не се откажа од себе, дури и кога некои се откажаа од тебе. Телма на пример, на која не и се допаѓаа твоите репортажи. (Стара е оваа приказна, но сеуште ја памтиш, ама за разлика од тогаш, сега знаеш дека тој потез животот го наместил во твоја полза, инаку сеуште ќе беше таму со “началници“ кои ќе ти диригираа некој чудни интонации)
Потоа фала ти, што не ја изгуби топлината, ниту кога беше ладно од сите страни. Фала ти што си го чуваше срцето, дури и тогаш кога други не ти го чуваа.
Фала ти што не се направи камен, туку остана вода - мека, жива, слободна да тече и кога не знаеш каде течеш. Фала ти за смеата што секогаш ти е во “мал прст“, ама фала ти, фала ти многу и за тишината, што знае да слуша многу длабоко.
Но најмногу фала ти за умот, кој колку и да е растурен шпилот карти, тој секогаш умее да го извлече “кецот-срце“.
Значи фала ти, што си тука и тоа баш ваква - каква што си сега, ни повеќе, ни помалку. Туку си Ти. И тоа е сосем доволно.
Вети си сега себе си, дека ќе си бидеш најблискиот човек на себе. Вети си дека ќе си го слушаш само својот глас, пред сите други гласови кои ти велат “како треба и зошто треба“.
Вети си дека ќе си дадеш простор и да згрешиш и да смениш мислење и да се премисиш. Иако баш и не мораш да си го даваш ова ветување, бидејки си мајстор за ова. Хахаха - близнакот во тебе.
Вети си дека нема да се пикеш во кутии кои други ги нацртале, како овие од нашето државно началство, или од светското началство - сеедно, кутии што ги цртаат секој ден и сакаат да ги спакуваат луѓето во нив, туку дека ќе останеш вселана. Иако и ова ти е ветено, многу одамна, дека никогаш нема да потпишеш нит таму, нит ваму, ама сепак потсети се. И вети си дека кога нема да има веќе простор за тебе, ќе си одиш. Не со лутина, туку со мир.
Среќен роденден јас!
Со љубов,
Од срце до срце,
Од мене за мене.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: