Среќен ти роденден, мајко!

Постојат жени, чиј што живот е како отворена библиотека. Жени, чија што секоја животна страница носи ново знаење, секој рафт е полн со илјадници бои искуства, и жени чија што секоја приказна открива длабока мудрост и умеење. Она длабоко женско умеење.
Мојата мајка е таква. Жена книга, жена библиотека.
Денес таа слави 83 години. Илјадници приказни, светови, илјадници спомени живеат во неа. И многу љубов. Непресушен извор на љубов и трпение. Не она трепние од склет, или немајкаде. Не, туку трпение на тивка река. На река која никаде не брза, туку тече, чека, мирува и мудрува. Затоа и ги дочекува овие 83 години.
Нема не можам, нема не сакам и нема не знам!!!
Тоа е нејзината животна сила. Тоа ја донесе до овие 83 години кои ги славиме денес. Тоа, што таа секогаш, ама секогаш ќе најде начин да се обиде, да научи да истражи. И да успее. И токму таа решителност ја држи исправена до ден денес пред секој животен предизвик.
Нејзиното знаење е како здив. Природно, неопходно и несебично споделено со секој кој што е околу неа.
До ден денес и чита и прашува и набљудува и сака.
Да, тоа што сака ја прави најмногу жива.
Цел живот е мојот најсигурен животан патоказ, но истовремено и учител кој речиси никогаш не ме фати за рака и не ме однесе до целта. Само ми го покажа патот и ме пушти сама да чекорам. За тоа сум и најмногу благодарна.
Токму за таа бестрашна љубов, која цел живот ми ја дава и со која цел живот ме пушта сама да летам.
Нашите заеднички патувања се како живи страници од нашата заедничка библиотека.
Се сеќавам на концертот на Андре Реј во Виена, кога нејзиното лице се осветлуваше од радост со секој тон.
Го слушам до ден денеска и смеењето додека пловиме по Амстердамските канали. Сеуште се сеќавам на тие светла, кои се одразуваа во водата и го оживуваа нејзиното лице. Ова се сцени кои никогаш нема да ги заборавам. Или она кога фрлаше паричка во Фонтана Ди Треви, како да сакаше да го зачува секој момент од средбата со Рим. Па проштеките по тесните сокаци на Анталија, каде со часови ми зборуваше за Кемал Ататурк и за почитта и љубовта која ја има према него.
Нема да ја заборавам и возбудата која ја имавме двете кога за прв пат влеговме во големото казино во Монте Карло. Ова беше далечната ‘93-та. Јас имав 21 година. Можев да се коцкам. Купивме само 5 жетони. И добивме. Се радувавме и скокавме како деца двете.
Ах какви спомени се ова.
Не можам ни да ги добројам и сите наши летни одмори и пливања по разни мориња. Маратон е ова, кој сеуште трае и кој сакам уште долго да трае.
Има во нејзините зборови и строгост и топлина. Има и мудрост и нежност. Таа својата сила ја покажува без да ја натрупува љубовта. Без да ја задушува. И тука е и не е тука. Тоа е тоа што најмногу го сакам кај неа. Ја сакам затоа што таа ми е жив доказ дека љубовта се мери со дела, со посветеност, а не со перчење и титули.
Секој миг со неа ме учи на благодарност. На благодарност за љубовта која ја дава безусловно, за вниманието што го посветува на ситници кои го прават секој ден посебен, за трпението со кое ги негува своите пријатели.
Но најмногу за љубовта и трпението кое го има спрема себе.
„Само човек што се сака себе си и што има трпение спрема себе живее здрав живот и за себе и за другите“. Тое е лекцијата која сега ја сфатив вели, но мислам дека токму на овие години и се учи таа лекција. Не порано.
Таа ме учи дека животот не е само да се преживее денот. Не! Животот е да се живее со љубов и радост.
И љубопитност.
На 83 години, колку што полни денес, продолжува да биде мој светилник. И мој бедем. И икона, која ми даде корени, такви за да стојам цврсто на земја, но и крилја за да летам како „Галебот Џонатан Ливингстон“ - првото книжуре што ми го купи, кога почна да ми го објаснува животот.
Ти благодарам мајко за секое патување, за се секој разговор, за секој миг на радост и љубов. Се разбира и за секој прекорен поглед и збор.
Ти благодарам за сите животни страници, со кој сеуште ја испишуваме нашата заедничка библиотека.
Среќен 83-ти роденден Мајко моја. Те молам продолжи да бидеш мојата светлина. И не само моја. Ти си светлина на сите кои имаат среќа да те познаваат.
Да!, постојат жени, чији што живот не се само лекции, туку светлина, што никогаш не згаснува. Мојата мајка е таква светлина.
И како што секоја страница од библиотеката открива нешто ново, така и секој ден со неа ми покажува колку многу љубов, мудрост и убавина може да собере еден човечки живот.
Мојата мајка продолжува сеуште да ја пишува својата животна приказна и јас сум среќна ќерка, што сум дел од неа.
Биди здрава дур си жива. И нека трае!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: