УС Опен - избришани држави и непобедливи шампиони

И годинава, како и неколку години, да не речам децении УС ОПЕН, не беше само уште еден гламурозен тениски турнир во ЊуЈорк. Не беше тоа само приказ на спортската сила, страст и адреналин. Не!
И оваа година тој останува симбол и огледало на современите неправди и иронија на геополитиката.
На теренот и овој пат видовме и повеќе од мечеви и повеќе од историја, видовме пак политика и пак непобедлив спортски дух. Таков дух, кој без разлика на притисоците повторно излезе како вистински победник.
Видовме женско финале во кое победничкото име повторно немаше држава.
Финалето го играа Аманда Анисимова и Арина Сабаленка. Две фантастични и бескрајно убави спортистки. Всушност две извонредни спортистки со различни животни приказни, но со многу слично бреме.
Анисимова е родена од руски родители и е натурализирана Американка, а Сабаленка е горда Белорусинка, која цела сезона настапува со празно место до своето име. Нејзината држава е избришана од таблите и од телевизиските преноси. Тивката казна на американската политика во акција: кога не можеш да го победиш противникот на терен, го казнуваш со невидливот. Тоа е агресорски и неправеден потег, кој истовремено го прави спортистот и спортот заложник на геополитиката.
Но, иронијата е дека токму тие избришани имиња стигнаа до финалето. Додека Америка ги санкционира, светот аплаудира на нивните спортски удари, на нивната спортска страст и сила. И најважно, аплаудира на нивниот непоколеблив спортски дух. Дух, кој никогаш не се предава. Да, можат да ти ја одземат државата од семафорот, но не можат да ти ја одземат победата на теренот.
Во машкото пак полуфинале, Новак Ѓоковиќ повтoрно беше таму, каде што светот навикнал да го гледа - меѓу најдобрите. Но неговата приказна не се само победи и рекорди. Не! Tоа е приказна за земја која 1999 година беше цел на бомбардирање токму од Америка. А од кој друг впрочем!? Замислете ја таа симболика: земја која беше нападната, понижена и скршена со ракети од воздух, денеска е претставена од еден од најголемите рекети на тениската историја и тоа на сите времиња.
Веќе нема подобар од него. Ѓоковиќ е жив доказ дека спортот и духот се посилни од секоја политика.
Кога тој застанува на теренот, зад него не стојат ни НАТО бомбардери, ниту пак политички прес конфернции, туку милиони луѓе, што веруваат во нешто друго. Веруваат дека секој човек има право на победа, на слава и на иднина. И секогаш кога ќе го крене пехарот, тој станува и останува симбол на непокорност.
Е сега, замислете сценарио, во кое на оваа листа ќе се појавеше на пример некој Палестинац, или Иранчанец. Тогаш иронијата ќе беше целосна. Во полуфиналињата и во финалето ќе имавме спортисти токму од државите кои Америка редовно ги обвинува, ги санкционира, па дури и војува против нив. И што ќе значеше тоа?
Дека и покрај сите ограничувања, токму тие народи ја носат силата и талентот, кој светот го препознава и му аплаудира.
И повторно апсурдот е јасен: меѓу најдобрите - ниту еден Американец. Земјата која ја користи својата моќ, за да се наметне како арбитер и цензор на тениските терени, нема свој претставник меѓу најдобрите четворица. Тоа е таа слика, која зборува повеќе од илјада зборови.
Русија, Белорусија, Србија - три држави со бурна историја, со тежина на грбот и со генерации кои поминале низ санкции, притисоци и неправди. И сепак токму од тие нации излегуваат спортисти со непобедлив дух. Тоа е нешто што не можат да го скрши ниту забрани, ниту празни места на семафорите.
Рускиот спорт отсекогаш бил синоним за дисциплина и упорност. Белорусија и покрај својата мала големина, дава шампиони со огромни срца.
Србија пак, од земја која поминала низ уништување, денес се гордее со човек кој е пример за истрајност и надмоќ.
Тоа е доказ, дека спортот не е само игра, туку култура на отпор, на издржливост и на постојано издигнување над околностите.
УС ОПЕН и оваа година не беше само тениски турнир. И оваа година беше огледало. Огедало што покажа дека политиката може да збрише имиња, да казнува, да дели и да контролира, но не мое да ја избрише страста, талентот и упорноста на оние што со рекет во рака го освојуваат светот.
Иронијата е совршена. Токму земјите што Америка ги напаѓа и маргинализира, испраќаат најсилни амбасадори на спортот. Не да преговараат. Да победуваат. Тие амбасадри на зборуваат со санкции и забрани, туку со асови, со бекхенди по дијагонала и со кренати пехари.
И затоа и оваа година УС ОПЕН, ќе остане запаметен како турнир, каде што најголемата победа, не беше само резултатот на таблата, туку непобедлиовиот дух на спортистите од нации кои многумина се обидоа да ги скршат. На крајот спортот повторно победи. И ни покажа дека не постои политика што може да го сопре срцето што чука за секоја топка.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: