Венера и Марс

Добивај вести на Viber

Има теми кои со тек на време почнуваат да личат на стари, ветви и излитени алишта. Теми кои како да се веќе безвредни за дискусија.

Приказни за кои знаеме дека кога и да почнеме да зборуваме за нив, на крај сепак се заплеткуваме во лавиринт, за кој излезот не можеме да го најдеме ниту враќајки се наназад, ниту пробувајки да истрчаме нанапред.

И…. И тоа.. почнуваме да личиме на куче кое се врти во круг, пробувајки да си ја гризне опашката.

Понекогаш е ова слатко и симпатично. Си изгледаме и себе си и на тие околу нас и забавно и весело.

Ама, ама понекогаш ова изгледа толку улаво и страшно, па почнуваме да р’жиме, па да врескаме, како експрес лонец, кој само што не експлодирал.

Една од тие теми кои навистина се чини дека е веќе ветва и парталава е тоа дека женскиот свет и припаѓа на Венера, а машкиот на Марс.

“Сто илјади пати сме зборувале за ова“.

Толку ни е “износено“ ова “алиштенце“, што веќе сите рабови му се подкинати, копчињата лабави, а поставата се стуткала и виси, како насукана кора на пита.

Ама не!! Тука, па тука. Едно-две, пак за него се фаќаме.

За тоа пусто изветвено алиштенце кое просто, како “коњак“ да ни е. 

Седиме некни цела екипа мажи-жени. Сите во брак по “сто години“.

Истиот состав “двеста години“, или што би се рекло “иста мета, исто одстојање“.

Ај на ручек, ај на ручек… Спонтано кафански.

Сабота, убав ден, овие први сончеви, кои ги чекавме како “вруќ леб“, после сите оние “накапани облаци“, кои веќе умот ни го сомлеа.

Прво на по една-две пијачки во еден од Дебар-маалските наши сврталишта, кај што вообичаено и сам да дојдеш, има некој од нашите, а после кај Армандо у кафана, бидејки тој пак е наш, што по наш не може да биде.

Сакам да речам толку многу си знаеме едни за други, што и од далеку кога некој доаѓа, знаеме дали е арен, или не дента, дали накриво станал, па не му се сите овци на број, или е добар, па ќе вика пијачка за сите.

Дента бевме сите насмеани.

Се нижеа приказни, една по една. Повеќе стари, отколку нови, ама и по сто пати прераскажани истите, па истите приказни, смеата, која е исто така речиси секогаш иста е убава. Весела и гласна. 

Знаеме сите дека приказните за Венера и Марс, кога тогаш ќе се отворат.

Велам ова ни е коњак алиштенце, кое само ни се наметнува, како наметка, која цел живот виси на истиот клинец до вратата и се наметнува за до овде-до онде. Лете-зиме.

И кој друг би ја завртел воденицата на таа страна, ако не ние. Жените. Сеедно која од нас прва ќе почне.

Другата се надоврзува веднаш по неа, третата исто така, четвртата е погласна, петата само дополнува, да не речам долева. Масло на огнот.

Како хорско пеење сме.

….ви се верува ли бе, во три се прибра вчера!?

…. што бе во три, мојот во пет и пол си дојде…

… абе како може, не ми е јасно…, што е тоа, што муабет е тоа, за до сабајле…

… па јави се бре човече, кажи да не те мислам… цел ноќ не можам да спијам…

Еве, го нема го… те мислам бе мајку му стара…

… да не ти се случило нешто, да не си заспал во кола, да не те собрале во станица…

“Глупости зборите“, се вклучуваат сите мажи како договорени.

Истата реченица, истата интонација…

ГЛУ-ПО-СТИ  ЗБО-РИ-ТЕ….

На тоа имаш кокошарник, исто така во облик на хорско пеење….

… како бе можете така да речете, дека глупости збориме…па дали сте вие нормални, па кога ние такво нешто сме ви направиле, па треба ли и јас така до 5 сабајле да ме нема…, па јави се бре кажи…

Па прв пат ли ни е!? (Прашуваат сите исто така хорски)

Секогаш ли истиот муабет ќе го правиме. Како бре не ви е досадно. Ко навиени сте…

Знаете дека од кај Армандо сме отишле, или кај Сефко, или кај Ивче, или сме кај Шики, или Томче…

(Тоа е другата екипа само машки пајташи, кои еднаш се разведоа и веќе не се оженија)

Што!?, да ти звонам у два сабајле и да ти кажам “злато, еве сме ние запиени и ќе одиме кај Томче, не се секирај и не ме мисли, извини што те разбудив, ај сеа продолжи да си спанчкаш“

Бог да чува…

Ај живели-живели…

После ова, нашиот “кокошарник“, некако чудесно се подстишува, оти знаеме дека е така и знаеме дека не е ниту прв пат, ниту последен…

Исто како што и тие знаат дека и следниот пат, ние ќе се секираме дека ним нешто им се случило, а нам нема да ни биде јасно, како можат така и што е тоа што можат да го зборат прво седум саати во кафана, а после уште пет саати кај Шики, или кај Томче дома.

Се додека не се раздени…

Оти денот на Марс и на Венера не трае исто…

И никогаш нема да трае…


 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: