Животот не чека подобри времиња

Добивај вести на Viber

Во животот секогаш ќе има нешто што ќе нѐ мачи, нешто што ќе нѐ притиска, ќе нѐ предизвикува и ќе нѐ бутка на работ на трпението.

Но летото… , летото е тука за да нѐ потсети дека се може да биде поедноставно полесно, повесело.

Во мирисот на праските и лубеницата, во звукот на коцките мраз, кои звецкаат во чашата со добра лимонада, добар коктел, или узо и салата за ручек, или пак во босите нози на топлите плочки…

Во ваквите  мали ситни само-создадени задоволства се крие магичната формула што не ретко ја забораваме - да живееме сега, да се смееме без причина и да се радуваме на мали и слатки ситници.  

Сакам да ви напишам овој пат една радосна колумна, со која би сакала да ве скокотнам за миг, и да ве потсетам дека животот е една весела и радосна приказна. Ете тоа сакам да го направам овој пат.

Нека ова лето ви биде едно мало бегство од секојдневието.

Излезете приквечер кога ќе залади малку, излезете ете така без причина, прегрнете дома некого, исто така без причина, просто џитнете му се од зади и гушнете го, па напишете му порака на некој стар заборавен пријател, или пријателка, па излезете на кафе и не мислете дека нема да имате за што да зборувате. Секогаш има убав муабет со стари пријатели. Или, или отидете во црква и запалете свеќа. Умее да биде ова исклучително убав момент. Момент кој може да ви донесе едно притјатно, едно топло чувство.

Знаете како, знам дека знаете, но дозволете ми да ве потсетам дека „животот не чека подобри времиња“. Животот е токму сега и е убав. Каков и да е. Убав е!

Само ако му дозволиш да ти биде убав.

Летето никогаш не доаѓа тивко. Доаѓа гласно, како нешто што едвај го чекаме.

Доаѓа со мирис на морска сол, или со мирис на езерска свежина, доаѓа и со боси нозе на трева.

Доаѓа со лесни фустани, со сламени шешири, за кои не ви треба прилика да ги ставите. Летото е прилика.

Да, летото доаѓа со порака и чувство дека во лето се е моќно и се е дозволно.

Во овој свет во кој што живееме и кој што е преполн со брзина, со обврски, со вести кои најчесто ни ја трауматизираат душата, наместо да ни ја греат душата, ние мора да најдеме време, за да притиснеме пауза.

Ние мора да најдеме време, за да му даеме шанса на срцето да се сети на радоста. И на срцето и на душата.

И на умот се разбира. На умот мора да му дадеме шанса да се одмори малку од тие глупави мисли, со кои секој дене се сретнуваме и соочуваме.

Ние мора да најдеме начин да погледнеме во убавината која секогаш е тука околу нас, а која ние не сакајки ја забораваме.

Зошто толку често се грижиме за она кое не зависи од нас?

Зошто дозволуваме стресот да ни ја земе светлината од очите?

Зошто чекаме некој посебен ден, кога можеме токму денешниов да го направиме посебен?

Седни си на тераса. Направи си кафе и почни да вртиш низ главата по омилените спомени. Или пушти си ја твојата омилена музика и пробај само да слушаш, а да не мислиш на ништо.

Почни да танцуваш, да танцуваш дури и ако никој не те гелда. Уствари-уште подобро-баш затоа што никој не те гледа.

Летото е време за нов почеток. Не во некој голем драматичен стил. Туку токму во малите нешта.

Во тоа што ќе си дозвлиш да застанеш на улица и да ја намирисаш и истовремено да ја наслушнеш липата, покрај која поминуваш секој ден. Во тоа што ќе се смееш гласно додека јадеш сладолед. Во тоа што ќе одиш на излет, без план и ќе се изгубиш по некое патче. Ти ќе се изгубиш, ама ќе го најдеш мирот.

Знаеш што е најубаво!?

Радоста не се купува. Таа не бара ни буџет за одмор, ни кредит. Не бара ни пасош. Таа живее во нас.

Во нашата способност да гледаме таму, каде што другите гледаат сенка. Во нашата одлука да го гушкаме животот секој ден, како стар пријател, што доаѓа на кафе без најава.

Па еве, јас те поканувам-да направиме договор со себе.

Да си ветиме дека ова лето ќе биде наше.

Да си ветиме дека ќе се сакаме повеќе, дека ќе се гушкаме почесто, да си ветиме дека ќе бидеме благодарни, за се она што го имаме.

Да му дадеме шанса на животот, да ни покаже колку е убав. Колку е убав кога го гледаме со очи полни со љубов.

Лето е! А ти си жив. Жива си. Зарем тоа не е доволна причина за радост!? А!?

Се надевам не ми се лутиш што сакав да ти напишам една ваква колумна, во која ќе те потесетам дека „Животот не чека подобри времиња“. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: