Животот во Москва

Добивај вести на Viber

Ако ви кажам дека во Москва се функционира нормално, не знам дали ќе ми верувате. И не само во Москва и во Санкт Петерберуг. Исто како и во растојанието помеѓу нив, бидејки со воз патувавме, па имавме прилика да гледаме како тоа изгледа и како се живее.

Минатата недела се вратив. Бевме со Белградска агенција. Срби имаше 57, а ние бевме четворица Македонци.

Снимателот и јас и една моја пријателка со другарка и, кои по моја иницијатива, се приклучија на ова патување.

Србите имаат по две групи секој месец, а кај нас Аурора ќе се обиде со оваа репортажа, која веќе е во подготовка, да ја вратат Москва и Санкт Петербург на листата патувања.

Е сега вака. Мене не ми беше страв да патувам во Русија. Иако, кому и да му реков дека одиме за Русија, да правиме репортажа, сите го имаа истиот зачуден поглед полн со прашалници. 

Понекогаш не размислувам на стравовите. Односно, да бидам искрена ваквите големи стравови некако полесно ги прифаќам и им се перчам, отколку оние ситни, секојдневни и здодевни, кои често умеат да ми го загорчаат животот.

Затоа и ги сакам патувањата и воопшто предизвиците во животот, затоа што тие носат вакви “увиди“, преку кои полесно стигнуваме до некои клучни вистини за тоа како функционира оваа животна игра наречена “Колариќу паниќу, плетемо се самиќу и сами себе заплиќемо, сами себе расплиќемо“

Затоа и сакам да ја напишам оваа приказна, едно самата да си ја прочитам, а друго да ја поделам со вас, како приказна од лице место.

Значи!, во Москва функционира се нормално. Ама апсолутно се. Музеи, тетари, кина, кафеани, ресторани, продавници, хотели, метроа, јавен превоз, автомобили, пешаци, бродови кои пловат по реките… Буквално се!. Се работи и се се движи. И се е потполно нормално.

Ако ви кажам дека во ниту еден момент, во тие 8-9 дена не почувствував никаква нелагодност, во смисла на тоа, дека таа земја е во војна и дека, освен што тоа би требало да чувствува во продавниците на пример, на пазарите, или во рестораните, или во цвеќарниците…., или во било што од овие секојдневни животни човечки обичности, пак ќе речам не знам дали ќе ми верувате.

Ниту пак почувствував нелагодност од поголемо присуство на војска, или полиција, или присуство на готовност кај самиот народ, која би требало да се забележи. А бевме за 1ви Мај, што пак подразбира само неколку дена пред големата парада за 9ти Мај, која оваа година слави сериозно голем јубилеј. 80 години од победта над Фашизмот.

Чудно! Малку ми го мелат умот ваквите работи.

Не дека бев разочарана од тоа, дека се ова, односно дека животот изгледаше сосем нормално. НЕ!

Разочарана сум и збунета од тоа како на народот секој ден се повеќе и повеќе му се сервираат приказни кои би требало да му го контролираат “бивството“.

Умот, душата, радоста, плановите, семејството…. Едноставно животот воопшто.

Знам дека е детски да се прашувам, кој со кого овде војува, бидејки тоа се толку големи перфидни политички игри, што еден нормален човечки ум и душа, не може ниту да ги дофати, ниту да ги одгатне.

Пари, оружје, територија, моќ, власт, владеење… И градење политички и воени кариери… Тоа се причините.

Народот е овде само пиун во оаа големо-светска шаховска партија.

Еднаш Русија и нејзините сојузници ги имаат белите фигури, а Америка и нејзините сојузници-црните.

Друга пат е обратно.

Пиуните стојат во првиот борбен ред и се користат како заштитничка стратегија и како позиција преку која вториот ред, “кралот, кралицата, топот лаунферот и коњаницата“, ќе ги превземаат своите потези.

Во моментот на рокада, местат ги менуваат топот и кралот, па така кралот оди во најдалечниот ќош, а топот се истопорува на негово место. Тогаш се пука со сите оружја.

Во еден следен момент пак, со добра стратегија, еден од пиуните, кои први изгинале во оваа партија, има моќ, да стане од мртвите и миц, по миц, односно поле, по поле, да ја врати кралицата повторно на ова “бојно поле“.

Партијата завршува или со победа на едните, пораз на другите, или со реми.

И како ништо да не било, повторно се редат фигурите за следната партија.

И така децении, столетија епохи…

Истите приказни откако постои и светот и векот.

И не знам да кажам, дали е добро што е вака, или не е добро.

Од една страна, мислам дека токму овие нешта на некој начин го влечат светот, во својот безконечен круг, од друга страна, жалам за сите нас луѓе, или луѓенца кои не го разбираме ова.

Едноставно како да не разбираме дека тоа е така и дека веројатно така треба да биде.

А дека ние, дека сите ние во меѓувреме едноставно мора да најдеме начин да си го живееме својот живот.

Без да имаме страв од стравот.

Бидејки, како што ви реков во Москва, се изгледа како ништо да не се случува.

А се случува!, и тоа како се случува.

Затоа “случувајте“ си го и вие вашиот живот.

Ете толку само сакав да ви кажам.

И патем да ви најавам дека репортажата за Москва и за Санкт Петербург, ќе ја гледате за отприлика месец-месец и пол.

До тогаш живејте и уживајте.

 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: