Д-р Ристовска - „Превенцијата е најдобрата одбрана од високи температури“: Еве кои грешки најчесто ги правиме при патување

Куса облека, изложеност на директно сонце на кожата, погрешна употреба на креми со УВ заштитен фактор, како и изложување на сонце во критичните периоди, се само некои од грешките кои ги правиме при патување на високи температури.
-Високите температури во текот на летниот период може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, кои пак може да бидат проследени и со оштетувања на виталните органи, вели д-р Ристовска за „Женски магазин“.
Таа додава дека превенцијата е најдобра одбрана, затоа:
-Избегнувајте директно изложување на сонце и излегување надвор во периодот кога температурата е највисока (односно помеѓу 11 и 18 часот), доколку е неопходно излегувањето надвор, не се задружувајте долго, советува д-р Ристовска.
Таа вели дека потребно е да се носи тенка, лесна компотна облека во светли бои, како и капи, марами, заштитни очила, кремата со заштитен фактор за сончање да се нанесува на секои 2 часа.
Потребно е да се конзумира повеќе вода и течности, лесна храна богата со разновидно овошје и зеленчук, да се избегнуваат физички активности како и редовно разладување и туширање.
-Не заборавајте дека старите лица со хронични заболувања (кардиоваскуларни, белодробни, невролошки, нефролошки и сл.), лица со инвалидитет, бебињата и малите деца до 4 години и лицата што работат на отворени простории се највулнерабилната група кај која треба многу голема претпазливост, вели д-р Ристовска.
Во периодот на летните одмори, голем број луѓе транзитираат низ патиштата, одејќи до дестинацијата за својот престој во време на годишниот одмор.
Најчестото превозно средство кое луѓето го избираат за патување е токму автомобилот. Во поретки случаи тоа се организирани патнички превози со автобус или авиони.
Доколку патувате со автомобил, на подалечни дестинации, особено на високи температури, се изложувате на висок ризик по вашето здравје. Пред сѐ поради тоа што сообраќајот носи поголема одговорност и потреба да се биде внимателен.
Од тој аспект потребно е да се намали можноста за колабирање, дехидрирање и други состојби кои се јавуваат како резултат на високите температури. Исто така, заштитата на кожата од директна изложеност на сонце е пресудна за намалување на ризикот од појава на меланом, велат здравствените работници.
Во Македонија меланомот се смета за најопасниот вид на рак на кожата, а тоа го покажува растечкиот тренд, но е и високо излечлив кога се детектира навремено.
Според GLOBOCAN 2022, возрастно-стандардизираната инциденца (ASR) на меланом во Македонија изнесува 4,9 на 100 000 жители. Над 80 % од смртните случаи од сите кожни карциноми се од меланом.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов