Дали крајот вака мириса

Добивај вести на Viber

Некои од последните истражувања на тема “брачни, семејни и партнерски релации, како и причини за се почестите разводи во светот помеѓу брачните двојки“ како една од најраспространетите и најчести причини и начини на создавање на женското незадоволство се смета емоционалната неангажираност на мажот.

Во принцип истражувањата исто така потврдуваат дека жената е таа која што прва го повлекува потегот за крај.

Оттука и битноста на ова истражување дека женското незадоволство, поради “незаинтересираноста“ на мажот е причината за “вака ли мириса крајот “.

На мажот му е добро, чудно некако, но нему му е добро.

Неговата потреба за среќно заедништво, како да спласнува после две-три години заеднички живот.

Исто како што некои жени, ќе се “здроцаат“, после само две три години, па веќе не личат на жената во која тој се вљуби, исто така и мажите, со нивниот синдром на “незаинтересираност“, создаваат амбиент кој личи на “моќ како тивок инструмент на контрола“.

“Мажот е глава на семејството“, една од оние реченици кои звучат невино, а во суштина поставуваат хиерархија.

Жената некако станува должна, станува помалку и покорна, и со тек на времето станува тивка. Се стишува.

И токму поради тоа што мажот нe слуша, не прашува и не вложува интерес за да разбере што е тоа што полека-полека ја грицка нивната љубов и заедничките идеи и планови, љубовната топка исто така полека-полека почнува да се тркала надолу.

Овој “мирен“ машки облик на доминација е често поразителен за жената бидејки ја претвора во невидлива.

Ова се тие невидливи тишини кои создаваат ѕидови. Непробојни ѕидови изградени од тишини.

Да, понекогаш женското незадоволство не “вика“ гласно. Не плаче, не крши чаши, не треска врати. Само замолчува и ја голта својата разочараност.

Мажите не мора да викаат и да угнетуваат за да доминираат. Доволно е само да не прашаат и да не сакаат да слушаат.

Многу жени живеат со мажи, кои никогаш не ги навредиле директно, но секојдневно ги прават да се чувствуваат помалку важни, помалку чуени, а со тоа и помалку живи.

Жените се научени на тивкото.

На тоа да се свиткаат во себе и да не бараат премногу.

Да не бидат “комплицирани“. Да ги бришат сопствените потреби, како што ги бришат рацете со крпа - автоматски.

Но, љубовта не се мери во тоа кој ќе ја однесе колата на перење, туку во тоа кој ќе те праша “Како се чувствуваш“ и ќе има време да го слушне одговорот.

Мажот ниту прашува, ниту сака да слуша, бидејки веројатно точно знае дека причината за нејзиното незадовлство е токму тој. 

Живееме во општество кое со генерации ги учи мажите дека за да бидеш “посилен пол“ значи да бидеш непоколеблив, да не покажуваш емоции и да не “паднеш на женските приказни“.

Тие учат да градат кариери, но ретко учат да градат емпатија.

И затоа потоа по навика ја користат својата “недопирливост“, како тивка форма на моќ.

Инаку мажите не се родени за да ги прават жените незадоволи. Сигурно не се раѓаат поради тоа. Но ако не се преиспитаат, лесно ќе го прават, односно го прават тоа.

Веројатно без да сакаат, без да знаат, туку едноставно по навика, или само затоа што така “од секогаш било“.

Ова не е обвинување туку покана. Покана, да се тргне телото од фотељата и да се седне лице в лице.

Да се праша “Дали си среќна?“ - и да се има храброст да се слушне одговорот. Дури и тогаш кога нема да ти се допаѓа, дури и тогаш кога одговорот си ТИ!

Затоа што мажот не е посилен пол кога доминира. Туку кога разбира. Кога се менува. Кога љуби не со зборови, туку со присутност.

А секоја жена заслужува партнер, не господар. Глас, не молк. Љубов, не тишина.

И во таа тишина, меѓу зборовите што не се изговорени, лежи надежта дека ќе дојде ден, кога ќе се слушнеме. Кога ќе научиме да читаме меѓу редови и кога моќта ќе биде мост, а не ѕид.

Можеби промената почнува токму со едно прашање едно внимание, едно мало “Како се чувствуваш?“ Се желба да се разбере, а не само да се слушне.

И ако секој ден се случува барем малку повеќе разбирање, ако тишината полека се претвори во дијалог, тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат.

Пат во кој моќта не е причина за болка, туку причина за грижа и љубов.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: