Децата учат од нашите постапки, а не од нашите зборови: Слаѓана Павловска, директорка на ФК АЕРОДРОМ
Фудбалот по некое непишано правило е машки спорт, но сите правила и стереотипи можат да се прекршат.Тоа е случајот и со Слаѓана Павловска, која е директорка на клубот ФК АЕРОДРОМ. Нејзината љубов кон спортот која ја наследила од покојниот татко ја пренела на двата сина, и сега ужива во грижата за младите фудбалери и во дружбата со екипата на клубот.
Клубот е релативно нов, постои околу две години. На почетокот, во него членувале 50 деца, и досега достигнал до повеќе од 200 млади играчи.

„ Имаме генерации од различни возрасти, генерација од
2004 до 2015 година. Под раковотството на претседателот Ивица Аврамовиќ, и
стручните и искусни тренери, Сашко Соколовски, Маријан Устамитов, Оливер
Алексовски, Боби Христовски, и Марко Михајловски, оваа драстична промена на
бројката на деца беше очекувана. Јас имам повеќе улоги во клубот, хахах, јас
сум им мајка, сестра, човек што секогаш сака да ги прегрне кога се тажни и
утеши кога се разочарани од лош резултат. Тетка Џани е таму за нив. Да, јас сум
директорот на клубот, но пред сè сум пријател и
родител на малите фудбалери“, ни раскажа
Слаѓана.
На почетокот на пандемијата, клубот имал застој и пауза на тренинзите и на сите
официјални и пријателски натпревари.
„ Едвај чекавме да дозволат продолжување на сите спортски настани. Имавме среќа што ние тренираме на отворено. Не секој спорт продолжи со своите активности. Се потрудивме и обезбедивме сè што беше потребно за да се почитуваат мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19. Обезбедивме посебен влез и излез на теренот, со цел играчите да не се мешаат при влегување и при излегување од тренингот. Задолжително е сите деца, тренери и родители да дојдат со маски, каде што се врши прверка на температура и дезинфекција на раце. Кога ќе влезат на теренот, маските ги тргаат само децата. Не се дозволени трибините, и родителите остануваат надвор од теренот. Групите на деца се со определен број. Среќата е видлива на нивните лица, затоа што продолжија со тренинзи. Бројот на членови не се намали“, додава со насмевка директорката на клубот.

Нејзината приказна со ФК Аеродром почнува како мајка,
(нејзините синови играат за клубот) и сосема неочекувано и постепено, таа доаѓа
до директоркста функција. На шега вели дека меѓу толку мажи, таа не може да се
чувствува како шефица.
„ Првенствено во клубот влегов како мајка на деца кои сакаа да тренираат
фудбал. Од самиот почеток бев иницијатор на активности за подобрување на
условите во клубот. Овие иницијативи беа одлично прифатени од страна на
раковотството, и повеќето од нив беа реализирани. Со тек на време
раковотсвото одлучи едногласно, јас да бидам директорка во клубот. Што се
однесува до поделбата на мажи и жени, во ФК Аеродром тоа не постои. Почитта и другарството се на високо ниво. И
покрај тоа што сум директорка на клубот, ние сите заедно разговараме и
одлучуваме за реализација на сите проекти и активности. Секако, тренерите
заедно со председателот ја имаат стручноста за дејноста на клубот. Јас сум тука
за логистичка подршка, организирање на други активности како што се хуманитарни
акции, задолжителни протоколи и слично“, го објаснува Павловска своето
секојдневие и работа во кои ужива.
За да работиш со деца, терба да си и добар педагог, и на прашањето како децата од клубот гледаат на неа и каков пристап има кон нив, Слаѓана вели дека е најдобро ова прашање да го одговорат децата.

„ Би кажала како јас гледам на нив. На теренот за мене сите деца се исти, сите ги чувствувам како да се мои. Со најмалите сум посебно внимателна, кога плачат, кога ќе им потече крв од носето, кога ќе се удрат. Тие се нашите бисери. Со поголемите е малку поинаку. Знаеме да се пошегуваме, а кога треба и да се подкараме, хахаха. За мене и за целиот клуб, најважно е децата да бидат среќни, да растат во другаство, да се почитуваат, да не прават разлики меѓу себе по етничка припадност или било кој друг основ. Се трудиме како клуб да им укажеме дека другарството во спортот останува најдолготрајно“, објаснува Павловска.
Како мајка на двајца млади фудбалери и како директор на спортско друштво, таа за крај упатува порака до сите родители на деца од било која возраст.
„Настојувајте децата да спортуваат, не е важно кој спорт. Тргнете ги од комјутерите и, тргнете ги од мобилните. Поминувајте повеќе време со нив, гледајте ги како растат и како се развиваат. Бидете им најголема подршка и пример во животот. Децата учат од нашите постапки, а не од нашите зборови“, порачува Слаѓана која силно верува во своите момчиња и во нивните успеси.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива