Дијагнозата за рак ме доведе до љубовта на мојот живот: Наскоро ќе станам мајка
Исповед на девојка која за кратко време се соочи со сериозна болест, но се сретна и со човекот кој и го направи животот подобар
Моника Козловска (31), деловен тренер од Полска, живее во Ројал Танбриџ Велс со нејзиниот партнер Енди (44). Ќе стане мајка на пролет, 2021 година, а до пред неполни две години немаше идеја какво изненадување ќе и донесе животот - од соочување со најстрашната дијагноза, до заљубување и основање семејство.
- Се преселив во Лондон во 2010 година - изјави Моника за британските медиуми.
- Отсекогаш сонував да живеам таму. Пред да се вработам во маркетинг агенција, работев во кафеана. Кога раскинав со момчето со кое бев во врска неколку години, во 2016 година, се посветив на работата.
Како тинејџерка, на Моника и беше дијагностициран Хашимото, состојба во која имунитетниот систем ја напаѓа тироидната жлезда. Ѝ беше речено дека ќе мора да зема лекови за тироидната жлезда до крајот на животот. Но, рутинската контрола во септември 2019 година покажа дека нешто не е во ред.
- Јазол беше пронајден на ултразвукот, за кој лекарите се сомневаа дека може да биде од малиген тип. Веднаш закажав биопсија. Во тоа време живеев со мојот цимер и не се плашев од потенцијалниот резултат на биопсијата - рекла Моника.
Но, кога една недела подоцна, лекарот ѝ рекол дека туморот е од малигнен тип и дека ќе мора да оди на операција за отстранување на тироидната жлезда, Моника западнала психички. Особено ја вознемирила веста дека поради радиоактивниот јод третман што може да биде потребен по операцијата, може да се збогува со мајчинството.
- Кога го слушнав тоа, се расплакав на подот од кујната. Исто така, се плашев дека нешто ќе тргне наопаку при операцијата, како што е крварење или инфекција. Се плашев од смртта - искрена е Моника.
Во тој момент таа сфатила дека ѝ треба некој со кого ќе ги сподели своите стравови, црни мисли и грижи.
- Четири дена подоцна, се преселив во нов стан, бидејќи имав потпишан договор за изнајмување месеци порано.
Но, сега бев целосно сама. Повеќе од кога било, посакував да имам партнер кој ќе ме поддржува - се присетува Моника
Операцијата беше закажана за 7 февруари, но поради ситуацијата со коронавирусот, мајката на Моника не можеше да дојде од Полска и да биде со нејзината ќерка.
- Операцијата беше проследена со тешка недела. Ме болеше, но морав сама да се опоравам дома. Пријателите ми носеа храна и ме охрабруваа да не паѓам психички. Бев депресивна - се сеќава оваа млада жена.
Неколку месеци по операцијата, Моника отишла на друг зафат - замрзнување на јајце клетки, за во следните години да се обиде да стане мајка.
- Сакав деца повеќе од сè. Во исто време, знаев дека животот мора да се промени и дека морам барем да се обидам да запознаам некого. Ја симнав апликацијата за запознавање и започнав да разговарам со неколку мажи. Се совпаднав со еден човек по име Енди и започнавме да разменуваме пораки. Еден месец подоцна, отидовме на состанок - открива Моника.
Таа вели дека можела да разговара со Енди со часови, тој успеал да ја насмее и да ја расположи, а исто така ѝ се допаднало што тој е семеен човек.
- Отидовме на друг состанок пред да започне карантинот за Велика Британија на 23 март. Енди и јас разменувавме пораки секој ден и договаравме видео состаноци секој викенд, разговаравме со часови. Ова ни овозможи полека да се запознаваме и кога карантинот заврши во јули, можевме да го поминуваме времето во живо, лице в лице. Нашата врска стануваше посилна - открива Моника.
Во септември и двајцата беа шокирани и воодушевени кога Моника дозна дека е бремена.
- Кога бебето ќе се роди во мај, можеби ќе треба да се лекувам со радиоактивен јод, но лекарите ми рекоа дека мојата здравствена состојба засега е добра. Ако ракот се врати, ќе биде поинаку, бидејќи овој пат покрај себе ќе ги имам Енди и бебето - весело вели оваа млада жена.
Моника е убедена дека соочувањето со дијагнозата рак ја натерало да се сретне со човек кој ѝ го направил животот подобар.
- Ракот ме натера да сфатам дека можам да имам животот каков што секогаш посакував - заклучува пресреќната идна мајка.
извор:Телеграф.рс